2015-03-03 14:26:00

Недопустлива бруталност во Сирија и Ирак


Да не ги заборавиме оние кои во Сирија и во Ирак трпат од недопустлива бруталност. Да молиме за жртвите во Венецуела, каде што владеат големи тензии – се повиците кои папата Фрањо ги упати во текот на пладневниот говор одржан во неделата на 1 март, во кој што зборуваше за Исусовото преобразување.

Светиот Отец во говорот ја спомна состојбата во Сирија и во Ирак каде – како што рече – не престанува насилството, киднапирањето на луѓе и угнетувањето на христијаните и другите групи. На оние кои се наоѓаат во таква состојба ние сакаме да им загаратираме дека не ги забораваме, туку сме им близу и упорно молиме што поскоро да престане таа недопустлива бруталност на која што тие се жртви. Заедно со членовите на Римската Курија на таа накана во петокот ја служев последната света Литургија на духовните вежби. Истовремено ги молам сите луѓе според своите можности, да се заземат за да го ублажат страдањето на сите кои се во искушенија, често само заради верата која што ја исповедуваат – рече папата Фрањо.

Своите мисли потоа Папата ги насочи на Венецуела земјата во која минатите денови повторно се одржани демонстрации против владата, кои што полицијата ги потисна и во кои што животот го загуби едно 14-годишно момче. Молам за жртвите и посебно за момчето убиено пред неколку дена во Сан Кристобал – рече Светиот Отец и повика сите да го отфрлат насилството и да го почитуваат достоинството на секој човек и светоста на човечкиот живот и поттикна повторно да се тргне по заеднички пат за доброто на земјата, отворајќи простор за искрени и конструктивни средби и дијалог.

Потсетувајќи потоа дека на денешната Втора недела од постот Црквата ни ја покажува целта на патот на преобраќање, учествување во Христовата слава, папата Фрањо се осврна на Исусовото преобразување пред Петар, Јаков и Иван. Пораката денес за нас е како и за учениците: Слушајте Го! Слушајте Го Исуса. Он е Спасителот; следете Го. Да Го слушаш Христа, имено – рече Папата – вклучува прифаќање на логиката на неговото воскресно таинство, значи да тргнеме со Него на пат за од својот живот да направиме дар на љубовта за другите, во послушноста на Божјата волја, во одрекување од световните работи и во внатрешната слобода.

Потребно е со други зборови – објасни Папата – да бидеме подготвени „да го изгубиме сопствениот живот“ (Мк 8,35), давајќи го за сите луѓе да бидат спасени и да се сретнеме во вечната радост. Исусовиот пат секогаш нè води до среќа – додаде Светиот Отец. Не заборавајте го тоа: Исусовиот пат секогаш нè води до среќа! Ќе се најде на патот некој крст, искушение, но на крајот секогаш нè води до среќа. Исус нема да нè измами! Ни вети радост и ќе ни ја даде ако одиме по Неговите патишта – истакна Папата.

Да се искачиме и ние со Петар, Јаков и Иван на гората на преображението и да застанеме во размислување на Исусовото лице за да ја примиме пораката и да ја оствариме во својот живот; за и ние да сме преобразени во Љубовта – рече папата Фрањо и на крајот истакна – Љубовта всушност може сè да преобрази; љубовта сè преобразува!








All the contents on this site are copyrighted ©.