2015-03-03 14:22:00

Папата Фрањо: Не судете


Лесно е да ги осудуваш другите, но на христијанскиот пат се напредува само ако се поседува мудроста за осуда на самиот себе – истакна Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 2 март во капелата на домот Света Марта.

Литургиските читања зборуваат за милосрдието. Папата зборувајќи дека сите сме грешници – вистински, а не теоретски – потсети на христијанската доблест, всушност и повеќе од доблест – на способноста за осудување на самиот себе. Таа е главната карактеристика на христијанинот. Сите сме учители, стручњаци во оправдувањето на себе: Не, не сум јас, не сум крив... Не беше така... Сите имаме подготвени верзии за своите недостатоци, гревови, а способни сме често да покажуваме праведно лице – не знам, јас не сум го направил тоа, можеби е некој друг: правејќи се невини. Така не се напредува на христијанскиот пат – рече Папата.

Лесно е да ги обвиниш другите – рече Папата додавајќи дека нешто чудно се случува кога се обидуваме поинаку да се однесуваме: кога ќе признаеме што сè сме способни да направиме. Во почетокот лошо се чувствуваме, самите од себе се гадиме, а потоа следува мир и олеснување – рече Папата, додавајќи:

Кога во своето срце ќе почувствуваме завист и кога ќе станеме свесни дека зависта е способна да нанесе зло на другиот и морално да го убие; тоа е мудроста на осудата на самиот себе. Ако не го научиме тој прв животен чекор, никогаш нема да напредуваме во христијанскиот, духовниот живот – рече папата Фрањо.

Всушност првиот чекот е осудување на самиот себе, во сопствената совест. Поминувам покрај затворот размислувајќи: овие го заслужиле тоа! Но, знаеш ли дека ако не беше Божјата милост дека и ти си можел да бидеш меѓу нив? Дали си размислувал за тоа дека и ти си способен да направиш уште поголемо злосторство? Се обвинувам самиот себе, кога не ги сокривам од себе корените на гревот кои се во мене; сè она што можеме да го направиме иако тоа не е видливо – објасни Папата.

Во проповедта Светиот Отец истакна и една друга доблест: срамот пред Бог, кој го чувствуваме заради своите гревови и заради големината на Божјото милосрдие. Твои се Господи Боже наш милосрдието и простувањето, а мој е срамот. Би било добро така во постот да разговараме со Бог; да ја признаеме својата вина, да молиме за Неговото милосрдие. Исус во Евангелието е многу јасен: Бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец. Кога некој ќе научи да се обвинува самиот себе тогаш е милосрден и кон другите: Кој сум јас да му судам, ако сум способен да направам уште полоши работи?

Ова реченица: Кој сум јас да му судам на друг човек? Тој е во согласност со Исусовата заповед: Не судете и нема да бидете судени; не осудувајте и нема да бидете осудени; простувајте и ќе ви биде простено. Напротив, ние со задоволство озборуваме и ги осудуваме другите. Нека Господ во овој пост ни даде милост да научиме самите себе да се осудуваме, свесни дека сме способни да направиме „уште полоши работи“ и да кажеме: смилувај ми се Господи и помогни ми да се срамам, така ќе можам кон другите да бидам милосрден – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.