2015-03-23 13:27:00

Ангел Господов:„Сакаат да Го видат Исус“


На луѓето кои денес „сакаат да Го видат Исус“ – без разлика дали Го бараат Бог, од мали не ја продлабочиле својата вера или ја изгубиле; или пак Исус лично не Го сретнале – можеме да им понудиме три работи: Евангелието, распетието и сведоштвото на доследно живеење на верата – рече Светиот Отец пред пладневната молитва Ангел Господов на 22 март.

Денешниот дел од Евангелието зборува за група Елини кои изразиле желба: „Господине, сакаме да Го видиме Исуса.” Тие зборови изразуваат нешто универзално: желба која ги надминува периодите и културите, желба присутна во срцата на многу луѓе кои ги слушнале Христовите зборови, но сеуште не Го сретнале – објасни папата Фрањо.

Исус пророчки одговора дека ќе биде „воздигнат од земјата“ – израз кој има двојно значање: „воздигнат“ затоа што ќе биде распнат и „воздигнат“ затоа што Отецот ќе го прослави во воскресението. Часот на крстот – најтемен во историјата – воедно е и извор на спасение за оние кои во Христос веруваат.

Исус за своето претстојно страдање прозборува со едноставната слика за пченичното зрно, кое паѓајќи на земјата – ако не умре, не донесува плод. Овде пронаоѓаме уште еден аспект на Христовиот крст: плодноста. Преку крштението христијаните исто така можат да станат пченично зрно кое донесува изобилен плод, ако како Исус го изгуби својот живот, љубејќи го Бог и ближниот – рече Светиот Отец.

После молитвата Ангел Господов, Светиот Отец се заблагодари за топлото прифаќање вчера во Наполи. Потсети дека денес се обележува Светскиот ден на водата и ја поттикна меѓународната заедница да бдее над тој „најважен елемент за живот“, за да не биде на никој скратена.

Поздравувајќи ги собраните верници, Папата најави дека група бездомници од Рим ќе им поделат џебно издание на Евангелието, така што секогаш ќе можат да го имаат со себе и секојдневно да читаат по еден дел.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.