Во просториите на парохијата Свети Пророк Илија во Радово на 21 март 2015 година се одржа втората средба на свештениците од Скопска бискупија, Апстолскиот егзархат во Македонија и богопосветените лица, која е во рамките на Година на богопосветениот живот. На средбата покрај присутните свештеници, монахињи и претставници на црковните движења, присуствува и Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија со Н.Е. монс. Анселмо Гуидо Пекорари, Апостолски нунциј во Република Македонија.
На почетокот од средбата о. д-р Зоран Стојанов, парох во Радово се заблагодари за присуството на бискупот Стојанов и Апостолскиот нунциј Пекорари, а потоа ги поздрави присутните, по што го најави предавањето на владиката Стојанов, кој зборуваше на тема: „Воплотеното Евангелие во животот на монахињата“. Во своето предавање тој ја истакна важноста од читање на Словото Божјо во секојдневниот живот.
По краткото претставување на монашките заедници и црковни движења активни во Македонија, следуваше обожавање на Светото Причастие и можност за света Исповед, а духовниот дел заврши со света Литургија и кратко обраќање Апостолскиот нунциј, монс. Пекорари.
Средбата продолжи во заедништво во парохиската сала, во организација на парохијата Свети Пророк Илија - Радово, сестрите Евхаристинки и движењето на Фоколарините
РВ/к.мк/го*ко
All the contents on this site are copyrighted ©. |