2015-03-23 17:36:00

Треба да се најде време за молитва пред Дарохранителницата


Светиот Отец во катедралата во Неапол во 15:00 часот се сретна со свештениците и монасите. Заблагодарувајќи му се на кардиналот Сепе на поздравниот говор, а воедно одговарајќи на прашањата на двајца браќа, ја повтори изреката на викарот за свештенството дека убаво е да се биде свештеник. Во истиот говор Папата им рече на свештениците и на монасите дека со нив секогаш го споделува новото изненадување на Господовиот повик за да се следи, со него да оди во пресрет на народот носејќи му го Неговото Слово и Неговото простување. Господ навистина нѝ доделил голема милост која секој ден се обновува – рече Светиот Отец и предупреди дека поради апостолатот не смее да се занемари молитвата.

Секогаш треба да се најде време за молитва пред Светата Дарохранителница, на себе да го почувствуваме Исусовиот поглед, кој нѐ обновува и нѐ зајакнува. Ако нѐ вознемирува стоењето пред Светата Дарохранителница, тоа е добар знак. Во молитвата ќе откриеме по кој пат одиме: по патот на вистината или по патот на лагата; дали сме вредни работници или „службени лица“; дали сме отворени канали по кои тече Господовата љубов и милост – рече Папата истакнувајќи ја потребата на свештеничкото и епископско заедништво.

Освен тоа Папата ги повика свештениците да одаат заедно со народот. Ве поттикнувам да им излезете во пресрет на другите, да ги посетувате семејствата, болните и старите луѓе, со нив да ја славите Литургијата на животот. Убаво е со семејствата да се живее предизвикот на раѓање и воспитување на децата. Децата се знак за здраво општество – потврди Светиот Отец, а потоа се осврна и на посветениот живот, спомнувајќи ги неговите светли и темни страни.

Папата исто така рече дека во текот на Годината за посветениот живот во монашките заедници треба да се истакнува убавината на монашкиот повик, бидејќи „каде се монасите таму е и радоста“. Потсетувајќи ги на своето писмо до монасите, рече дека се надева дека ќе им биде од помош на нивниот личен и заеднички пат. Светиот Отец своето обраќање до монасите го заврши со прашање: Каква е атмосферата во вашите заедници? Ако вашето срце е исполнето со Божја радост, тогаш  нема да бидете тажни, незадоволни и намуртени – рече папата Фрањо истакнувајќи дека посветениот живот е Божји дар во Црквата и светот.

 

РВ/З.А.








All the contents on this site are copyrighted ©.