2015-03-26 10:27:00

Предавање на бискупот Стојанов во Годината на Посветен живот


Воплотено Евангелие во животот на Монахињата

Вовед

Драги браќа свештеници, почитувани сестри, сите вас искрено и топло ве поздравувам на оваа наша втора духовна средба во Годината која е посветена на лицата на посветениот живот во денешната Црква. Да се потсетиме кратко на минатата духовна средба која беше одржана во Скопје по повод празникот на Посветените лица и кога размислувавме за Одблесокот на Божјата светост во нашиот живот. Вториот Ватикански Концил многу позитивно ја изненади целата Црква кога во основниот документ: „Lumen gentium – Светло на народот“ едно поглавје го посвети под наслов: Општ повик на светост. Интересно е да се забележи дека веднаш после тоа поглавје следи VI поглавје од истиот документ под наслов: Монаси и монахињи. Сметам дека Концилот со тоа сакаше да потенцира дека светоста не е привилегија на некакви сталежи или на некои лица, туку на светост е повикан секој верник. И навистина, кога го гледаме календарот за светците наидуваме многу често на имиња на Папи, бискупи, свештеници, монаси, монахињи, а само тука и таму на по некој светец или светица кои биле да кажеме на наш народен јазик обични лаици или мирјани. Соборските Папи: блажениот Павле VI, свети Иван Павле II го откриваат токму тоа во оваа поглавје од Конституцијата: Светло на народите. Во поново време во календарот на сеопштата Црква се запишани многу светци и светици кои припаѓале на лаичкиот сталеж. Ќе повторам: светоста е сеопшта, Божји дар, и на светост е повикан секој верник да ја оствари светоста во целост кој живее во светот или во манастирот, бидејќи светоста е одблесок на Божјата слава во нашиот живот. Во тоа поглавје во кое Соборот во темелниот документ го става насловот за Монаштвото, сепак од нас бара нешто повеќе. Сметам дека најсилен акцент на соборот за Монаштвото е кога во Монаштвото гледа завештај (навестување) на новиот Ерусалим и новите односи кои се во вечноста и така Монаштвото го става во есхатолошко време и како есхатолошки знак на идниот свет кој треба да дојде после Христовото второ доаѓање. Значи, монахињата е знак која според својата природа веќе овде на земјата упатува на нешто што е навестување на идното совршенство на светот кога ќе постане Бог сè во сè и сите како вели апостол Павле. Ние во денешното размислување ќе се посветиме на едно таинство кое е во нас самите а сепак, задача која треба да ја оствариме, а тоа е: ОВОПОЛОТЕНО ЕВАНГЕЛИЕ ВО ЖИВОТОТ НА МОНАХИЊАТА, односно НА БОГА ПОСВЕТЕНИТЕ ЛИЦА.

1. Познато ни е што значи самиот поим Евангелие? Доаѓа од грчкиот збор „Евангелион“ што значи Радосна вест. Кога евангелист Марко го започнува Евангелието го започнува всушност со овие зборови: Евангелие на Господа нашиот Исус Христос, а Лука го започнува со зборовите: Сето тоа што Господ Исус говореше и правеше од часот на навестувањето додека не беше земен на небо. Свети Иван евангелист во првата глава од своето Евангелие пишува дека е тоа само онаа што Господ Исус научуваше и правеше, а сè да се напише што вистински научуваше и правеше, вели Иван дека таа книга целиот свет не би можел да ја опфати. Всушност, веќе кај евангелистите гледаме богат и разнолик пристап до оној текст со кој тие лично сакаат на другите да пренесат што Господ Исус научуваше и правеше. Разбирливо, секој од својот агол на доживување. Меѓутоа, за нас поимот евангелие може да биде уште поширок. Смееме и вака да го дефинираме: дека сето тоа е онаа што Бог низ историјата го правеше за спасение на човекот, а тоа и денес трае. Делата апостолски на пример не се завршени. Лука започна да ги пишува, но тоа и денес трае. Од една страна се чувствуваме како да сме сиромаси само со четири Евангелија, посланијата кои се дело на апостолите и книгата Откровение, ако тоа се спореди со богатството на книгите во светот изгледа малку. Од друга страна малку кој од нас може да се пофали дека ја прочитал целата Библија, Стариот и Новиот завет. Гледано така имаме многу нешта во тие книги. Сепак, почитувани, многу повеќе е дури и неизмерно, што само Бог го знае тоа што Евангелската вистина изградила во луѓето, ја отпечатила историјата, ја вдахнала уметноста; со еден збор не можеме да ја замислиме историјата не само низ двата милениума, туку и целата историја без таа Божествена книга која ја нарекуваме Библија. Темата на нашето размислување во оваа предавање е всушност само Новиот завет и тоа под еден специфичен вид за кое можеме да кажеме: ЖИВО БОЖЈО СЛОВО.

2. Верникот во книгата на Новиот завет не го гледа само текстот туку ја открива присутноста на Духот. Светите автори не го ослушнуваа само настанот и науката туку исполнети со Светиот Дух го пренесуваа тоа што го чувствуваа: дека животна потреба е да не кажам глад на христијанската заедница, да од научувањето на Евангелието и според Евангелието би можела да живее. Во никој случај не смее Евангелието да се земе само како книга во рацете. Гледате и самите како во Литургијата свечено се почитува книгата на Светото Писмо не само што тоа е убаво или литургиски пропис, туку што ние знаеме и веруваме дека преку тој текст ќе прозбори самиот Бог. Тоа Слово, бидејќи е зачнато според Светиот Дух, секогаш е живо Божјо Слово. Никогаш таа книга не се држи на полицата со останатите книги, а посебно не се зема како било која друга книга, туку нејзе и се искажува почит и пристап на живо лице. Повеќето од вас некои делови од Евангелието го знаат напамет. Ве прашувам вас, одговорите си сами за себе и тоа искрено ако бевте собрани и по стоти пат сте го прочитале истиот текст дали пораката ви беше секогаш иста? Не, пораката секогаш беше поинаква, веќе според потребите и расположението на нашата душа да во тој миг нашата духовна глад биде заситена. Сеуште никогаш не сум пристапил кон Евангелието со желба да слушам порака и да се хранам со словото, а да таа порака ми биде досадна затоа што се повторува. Тоа би било исто или слично како што секој ден јадеме леб и сеуште не ни досадило. До крајот на животот единствено нема да се наситиме на леб, ќе ни биде потребен, а никогаш досаден. Повторувам, за нас евангелската порака е храна која живот дава. Кога тоа Слово се чита или навестува никогаш не се дава на некој да го чита или навестува, а да не е верник. Имаше еден настан од неодамнешното минато кога во Сараево издадоа ЦД со текстот на Евангелието што го читаше еден посебно способен артист (глумец) – муслиман. Тоа ЦД е повлечено од продажба, бидејќи, слушајќи го прекрасното читање луѓето не ја доживеа во себе силата на пораката освен само убаво артистички прочитаниот текст. Во нашите цркви исто така не даваме библиски текст на дете кое не разбира или на човек кој не верува. Зошто? Едноставно само затоа што ако зад живото Божјо Слово не стои жив човек тогаш тоа слово е мртво и не го пренесува тоа што Духот сака да го каже на нашиот дух. Кога чита некој кој е продуховен ние ја чувствуваме пораката која се однесува токму до нас. Кај свети Антун пустиник читаме како го зафати Божјиот позив кога Исус до богатото момче рекол оди продај сè, дај на сиромасите и врви по мене, односно и следи ме. Папа Фрањо во својот позив раскажува како го доживеал својот позив за монаштво: ја набљудува сликата и го слуша текстот како Исус го повикува евангелистот Матеј да го следи. Дословно текстот гласи: Милосрдно го погледа и го повика, тоа таков силен впечаток оставило кај Светиот Отец што пристапува во чинот на оо. Исусовци, а кога бил именуван за бискуп, а подоцна избран и за папа го задржува своето животно гесло: miserando atque leged - милосрдно погледан и повикан. За тој настан и како Папа веќе неколку пати раскажува. Секогаш, како кардинал, кога доаѓал во Рим се упатувал во Црквата и ја набљудувал сликата како Исус го повикува евангелистот Матеј да го следи. Така од цариник станува апостол. Драги браќа свештеници и чесни сестри, така би можеле во недоглед да редиме примери од животот на светците скоро без исклучок сечиј повик на светост се потпира на некој од евангелските текстови. Зарем тоа не е доволно јасно дека тој текст е жив и дека преку него и сега Бог зборува до човекот. Дали е тоа настан или наука сè едно, тој текст е жив и сигурно има секогаш и за нас Божји шепот.

Сепак, тоа што треба да се предупреди сите вас е следното: дека не смееме Божјото Слово да го слушаме, медитираме, усвојуваме без расположение. Така доаѓаме до сржта на нашето предавање: Божјото Слово треба да се воплоти во животот на секоја монахиња и на секое лице на Бога посветено.

3. Како се случува овоплотувањето на Евангелието во нашиот живот? Прво: претпоставка е да веруваш дека тоа е живо Божјо Слово. Не може кон Евангелието да се пристапи без вера, а да се очекува плод од пораката. Евангелието се чита со вера. Второ: евангелието се чита со молитва, ако сакате молитвено. Што тоа значи: преку евангелските пораки јас сакам да започнам дијалог, разговор, дружење со Бога. Затоа воопшто пред да пристапам кон читањето треба да го замолам Бога да ми го подари својот Дух да тоа што е од Духот напишано со Духот да биде и прочитано. Свештеникот пред навестувањето на Евангелието моли тивко: Господи, очисти го моето срце и мојата усна да можам достојно да го навестам твоето Евангелие или Господи, човекољупче, запали во нашите срца чисто светло на Твоето богопзнание, отвори ги очите на нашиот ум за да ја разбереме Твојата евангелска наука. Вложи во нас страв од Твоите блажени заповеди, за да ги угушиме сите телесни похоти, и да почнеме да живееме духовен живот та да мислиме и да правиме само тоа што Ти е Тебе благоугодно. Трето: би спомнал да над прочитаниот текст, ако е можно дури во делови, да застанеме и да се запрашаме што тој текст ни порачува. Да се охрабриме и да го прашаме Бога: Господи, што сакаш да направам. Да се присетиме само колку големо духовно богатство се наоѓа во псалмите, а ние така на брзина ги „прелетуваме“ и воопшто не се обидуваме да погледнеме колку богати пораки поедини редови содржат во псалмите. Конечно треба да се има стравопочит и доволно чесност кон себе да на прво место после Евхаристијата оставам можност што Бог ќе ми каже да јас после тоа би можел да му говорам Нему.

Конечно тоа што е во самиот наслов на предавањето е Воплотеното Евангелие во животот на монахињата. Што се случува после дневното читање, контемплирање, медитирање на Божјото слово? Каква ли смиреност чувствуваме во себе. Повеќето наши верници или немаат или не знаат дневно да го читаат Божјото Слово. Се надевам дека не е случај со нас на Бога посветените лица. Монахињата која е католичка монахиња на која Евангелието е нејзина наметка, како тоа го вели Соборот, или уште подобро таа е Евангелие кое се движи, кое оди. Од нашиот живот, говор и однос луѓето треба многу полесно да ги читаат и разбираат евангелските пораки отколку кога сами би го читале. Ние затоа сме лица на посветениот живот што Бог преку нас го посветува светот. Разговарајќи со нас, среќавајќи се со нас луѓето посакуваат тоа да го почувствуваат како разговор и средба со живо евангелие. Тоа самиот Исус го рече: по плодовите нивни ќе ги препознаат или уште посилно кога рече: по тоа луѓето ќе знаат дека сте мои ученици ако имате меѓусебен мир. Во Делата апостолски пишува како паганите се восхитувале на христијаните велејќи: гледајте како се љубат. Што би се случило во нашето село, град, бискупија, егзархат кога некој за нас би можел да каже: гледај помина покрај нас живо Евангелие. Луѓето се гледаат според делата, но и според делата се судат. Дали на луѓето им е јасно дека ние сме Евангелизатори? Ако тоа не им е јасно барем да почувствуваат дека сме евангелизирани. Најсилен одговор за тоа е нашиот животен говор отколку зборовите.

Заклучок: Драги браќа свештеници, почитувани сестри, сметам дека на сите нас ни е повеќе од јасно дека Евангелието како живо присутно Слово го обврзува секој христијанин, а мнгоу повеќе нас на Бога посветените лица. Кој денес ќе го објави Божјото Слово на светот? Свет кој повеќе не е чувствителен на зборови туку само на дела, и што ако ние не се охрабриме да го воплотиме евангелието во нашиот живот да тоа и без зборови биде објавено. Сепак, да се случи тоа: Католичка монахиња треба да биде Евангелие кое оди. Лице на Бога посветено треба да биде Евангелие кое се движи. Благодарам.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.