2015-04-24 11:15:00

Именденот на Папата


Црквата денес го слави свети Ѓорѓи и тоа на посебен начин, бидејќи воедно слави и именден на Хорхе Мариа Берголио, на папата Фрањо. По тој повод за нашето радио зборуваше монсињор Гилермо Кархер, свештеник од Аргентина и папски церемонијар, еден од најблиските соработници на папата Фрањо, со кој е поврзан повеќе од 20 години.

Кога размислувам за Папата и го гледам како работи, можам да кажам дека тој е „модерниот свети Ѓорѓи“ во смисла дека е голем борец против силата на злото во вистински христијански дух – рече монсињор Гилермо, додавајќи дека „во него го гледа Христос кој сее добро за да се бори против злото“. Во тоа е примерот бидејќи – како што посведочи – тоа го правел уште во Буенос Аирес и продолжува тоа да го работи во својата карактеристична едноставност.

На коментар дека во Аргентина и како кардинал се преставувал со „татко Хорхе“, но и како папа има многу силна димензија на свештеничко татковство, монсињор Гилермо ја истакна близината и познавањето со верниците во Аргентина кои што Папата на средбите го поздравуваале со „падре Хорхе“ и потсети дека во Буенос Аирес ги посетувал најсиромашните места на градската периферија каде што луѓето ги поздравувал со насмевка, прегратка и татковски поглед.

На забелешка дека Папата ужива голема популарност, но и дека не изостануваат ниту критиките – па дури и од католичкиот свет – и одговарајќи на прашање дали некогаш забележал дека тоа го ражалостува, папскиот церемонијар рече дека таквите случаеви ретко ги коментира, но ги прифаќа со насмевка, слободен дух и внатрешна сила. Мислам дека тоа е дар на Светиот Дух – додаде: тој истрајува во својата служба за доброто на Црквата и светот и тоа го прави мирно и со внатрешна сигурност.

Монсињор Гилермо потоа истакна дека папата Фрањо е човек „кој поседува голема духовност“ и дека е човек на молитва: секој ден, наутро веднаш штом стане посветува два часа на молитва и размислување. Освен тоа, на церемониите во сакристијата се гледа разлика пред и после Литургијата – рече и објасни:

Со задоволство ги поздравува сите богослови и министранти, но кога ќе се облече во литургиската облека се променува и го гледаме како човек на молитва, како човек кој е концетриран на евхаристиското таинство кое што го слави. Тоа е пример и за свештениците: ние сме со народот, но кога треба да бидеме со Бог, тогаш сме со Бог – рече монсињор Гилермо.

На забелешка дека кардинал Џивиш речиси со истите зборови го опишувал свети Иван Павле II додека бил негов секретар, аргентинскиот свештеник рече дека тоа им е заедничко: да бидат во Божјото присуство, што силно се манифестира во одредени моменти. На прашање што би посакал Папата за неговиот именден монсињор Гилермо рече: Да продолжи да биде тоа што навистина е во својата доследност и транспарентност, бидејќи така прави многу добрина.

РВ/Д.И.

 








All the contents on this site are copyrighted ©.