2015-08-26 17:41:00

Зборовите на Папата за родовата идеологија се недвосмислени


Во однос на родовата теорија, без оглед на други мислења, католикот се повикува на повторната изјава на Папата, која не би било чесно да се заобиколи само затоа што не му се допаѓа – истакна во разговорот за Радио Ватикан венецијанскиот патријарх, Франческо Мораља, откако пејачот Елтон Џон на интернет го нападнал градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњара, кој ја повлече од училиштата книгата, во која се промовира родовата идеологија и хомосексулното семејство. При тоа, многу родители не ни знаеле дека нивните деца во училиштата се изложени на родовата теорија.

На коментарот дека Папата често и јасно говори на темите за родовата идеологија, така што не постои простор за погрешно сфаќање на неговите зборови, но многу медиуми и толкувачи на мислења, овие зборови ги прескокнуваат и ги нагласуваат другите “прифатливи“ изјави на Папата, венецијанскиот патријарх потсети на енцикликата “Laudato si“. Во неа Папата зборува за „моралниот закон напишан во природата“ и истакнува дека препознавањето на разликите помеѓу мажите и жените е богатство и извор на животот. Отстранувањето на разликите не е решение, туку проблем – потсети монс. Мораља.

На коментарот дека луѓето кои ги признаваат половите разлики често се обележани како „нетолерантни“ и „старомодни“, венецијанскиот патријарх напомена дека е важно да се гледаат работите такви какви што се, а тие ни зборуваат дека бракот е нешто важно и темелно за заедницата, институција која всушност е специфична поради разликата меѓу мажите и жените. Ова, сепак, не значи дека добро не ги прифаќаме различните ориентации, но значи дека ја држиме цврсто вистинитоста на бракот, која оди подалеку од верските аспекти. Како што рече патријархот Мораља, во бракот не ја препознаваме афектноста како таква, туку настојувањето на две личности, кои – посакувајќи си добро и сакајќи се – создаваат меѓусебен сојуз и се насочуваат кон служење во корист на децата, нивното воспитување, што е и служење во корист на општеството.

Од оваа перспектива, не се работи за казнување на било кој, туку – како што напомена Папа Фрањо -  за чување на разликата, чие отстранување не е решение, туку проблем. Верувам дека сите овие вистинитости би можело и би требало да се гледаат онака како што нас нé поучува Папата: без  предрасуди, емоционална нетрпеливост, не со идеолошки став, туку од перспектива на служење за добро на човекот.

РВ/Б.Р.








All the contents on this site are copyrighted ©.