2015-11-29 16:53:00

Папата до катехистите: Бидете учители, но пред сè сведоци


Вашата порака толку повеќе ќе се вкорени колку што вие ќе бидете не само учители, туку и сведоци. Кога задачите изгледаат премногу тешки, средствата премногу малку, а пречките премногу големи сетете се дека вашата работа е света – рече Папата на средбата со учителите и катехистите во Уганда.

Вашата порака толку повеќе ќе се вкорени колку што вие ќе бидете не само учители, туку и сведоци – рече папата Фрањо на средбата со учителите и катехистите во Уганда. По тој повод го благослови камен темелникот на новата црква кај светилиштето на мачениците од Уганда во Мунионио, а на крајот од својот говор посади стебло и симболично го залеа заедно со надбискупот и преставниците на другите христијански заедници, потсетувајќи со тоа на екуменскиот аспект на маченици – 22 католици и 23 англиканци.

Заедно со епископите, свештениците и ѓаконите кои се ракоположени за да го проповедаат Евангелието и да се грижат за Господовото стадо, вие како катехисти имате значајна улога во донесувањето на радосната вести во секое село и дом во вашата земја – рече Папата заблагодарувајќи се на собраните за пожртвуваноста, посветеноста и верноста во поучувањето.

Вие ги поучувате возрасните така што им помагате и на родителите во воспитувањето на своите деца во верата и за да ги водат во радоста и надежта на вечниот живот. Ви благодарам! Ви благодарам за вашата посветеност, примерот, близината до Божјиот народ и за многуте начини на кои го сеете и се грижите за семето на верата во вашата земја. Посебно ви благодарам што ги поучувате децата и младите како да молат – рече Светиот Отец на учителите и катехистите.

Од епископите и свештениците побара да им помагаат во „доктринарната, духовната и пасторалната“ формација. Кога задачите изгледаат премногу тешки, средствата премногу малку, а пречките премногу големи сетете се дека вашата работа е света – рече Папата на собраните. Пораката која ја носите ќе се вкорени во срцата на луѓето доколку бидете не само учители, туку и сведоци. Вие треба да бидете учители – рече – но тоа не користи ако не сте сведоци.

Нека преку вашиот пример сите сведочат за убавината на молитвата, силата на милосрдието и простувањето и радоста на учествувањето во Евхаристијата со своите браќа и сестри. Христијанската заедница во Уганда – потсети Папата – растеше благодарение на сведоштвата на мачениците. Тие ја посведочија вистината која ослободува; биле подготвени да ја пролеат сопствената крв за да останат верни на она што е добро, убаво и вистинско.

Мунионио е место каде што царот Мванга одлучил да ги истреби Христовите следбеници. Но, во тоа не успеал, како што царот Ирод не успеал да го убие Исус. Откако го виделе храброто сведоштво на свети Андриј Кагве и неговите другари христијаните во Уганда станале уште поуверени во Христовите ветувања – рече предавајќи ги на застапувањето на мачениците од Уганда сите луѓе за да можат уверливо да го сведочат сјајот на Божјата вистина и радоста на Евангелието.

Одете без страв во секој град и секое село на ова земја, бестрашно ширете го доброто семе на Словото Божјо и имајте доверба во неговото ветување дека ќе се враќате радосни, со изобилна жетва – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.