2015-12-28 11:08:00

Бискупот Стојанов служеше божиќна Миса во Скопје


Во четврток вечерта, 24 декември 2015 година полноќната божиќна Миса во катедралата Пресвето Срце Исусов во Скопје ја предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов во заедништво со свештеници од Скопсака бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија.

На светата Литургија беше присутен државениот врв на чело со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов со неговата сопруга, претседателот на Собранието Трајков Вељановски со сопругата, претседателот на Владата Никола Груевски со сопругата, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска, како и бројни лица од општествениот живот.

Во својата проповед бискупот Стојанов истакна: Браќа и сестри, собрани околу овој настан да ги отвориме нашите срца и ќе ја слушнеме и ние истата ангелска порака и истата ангелска песна. Но, тешко нам, ако сме го затвориле срцето и не допуштиме до нас да допре ангелската порака и песната на ангелската војска. Да ја симнеме од себе својата умислена природа и да се обидеме да имаме срце, барем вечерва, срце на обичните пастири. Тогаш ќе го препознаеме тоа Дете како знак – како Христос Господ, Спасител. Во Литургијата на овој Божик ќе го препознаеме нашиот олтар како јасли а белата хостија – Исус, како Дете положено во јасли. Навистина, првото светохраниште беа јаслите. Ако Бог се одлучил да влезе во нашата историја во знакот на таинственоста и сиромаштвото тогаш тој знак на сиромаштво и скромност ќе ни го збогати овогодишниот Божик. Меѓутоа, фактот на ваквото Божјо доаѓање е порака да сиромаштвото не е во немаштина туку во слободата на неврзаноста и робувањето кон материјалните добра. Бог е создател на материјалните добра, но нив ги даде да со нив се служиме а не да робуваме. Посебно, со материјалното да не присилуваме други на немаштина и вистинско сиромаштво. Бог со овој настан објави вистинска слобода, каде човекот е најголема вредност дури и да е повиен во пелени и положен на слама во јасли. Неговата големина не се состои во тоа што има, туку во тоа што е. Божјата скромност е силна порака на денешниот раскошен и заробен човек со сите изуми како што се: хедонизмот, материјализмот, егоизмот. Божик сака барем за миг во тој лажен свет да не собере околу најголемата вредност, а тоа е човекот. Гледајте го Витлеем: дали е Марија жалосна – не. Дали е Јосиф жалосен – не. Дали Пастирите се жалосни – не. Каде е тогаш проблемот? Проблемот е во тоа што немаме вера и очи како Марија, Јосиф и Пастирите. Клањајќи се со срцето на Пастирите, а гледајќи со очите на Марија го препознаваме најголемиот дар од небото: Кнезот на мирот, кој е и наш мир.

На крајот бискупот Стојанов ги пренесе поздравите од Светиот Отец Фрањо преку нунцијатурата, како и честитките на Апостолскиот нунциј, архиепископот Пекорари, кардинал Винко Пуљиќ, поранешниот нунциј во Македонија Сантос Абрили Кастељо и други бројни пријатели на Црквата во Македонија.

РВ/к.мк/го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.