2016-03-19 13:09:00

Писмо на Н.В.П. монс. Киро Стојанов до папата Фрањо


Кон крајот на светата Миса во Катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје која ја предводеше Н.Е. Пиетро кардинал Паролин, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. Киро Стојанов упати писмо до папата Фрањо, кое го предаде лично на кардиналот.

*************

Свети Оче!

Пред сè сакам да Ви заблагодарам за Вашата Татковска љубов што ни ја искажавте преку доаѓањето на Вашиот државен секретар Неговата Еминенција Пиетро кардинал Паролин. Оваа посета, малата Црква во Македонија, односно верниците на древната Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат, го доживуваат како охрабрување во дарот на верата и во заедништвото со целата сеопшта Црква, токму во оние Христови зборови: „Не плаши се мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството“ (Лк 12,32).

Нашата Татковина, Република Македонија, како и цела Европа, се соочува со тешкотии и со културата на смртта, што е последица на отфрлувањето на Бога. Последните месеци сведоци сме на мигрантската криза, бидејќи од самиот почеток станавме една од транзитните земји. Поттикнати од вашите зборови, иако како мала заедница чиј глас и нема прилика секогаш да се чуе, сепак, сакаме да продолжиме да бидеме светлина во оваа земја и како Црква да ја носиме Радосната вест - Евангелието и сето она благо на вистината од ризницата на Мајката Црква, и да бидеме во одбрана на животот од зачнувањето до природната смрт. Благодарејќи на солидарноста на многу христијани и институции како Каритас, настојувавме заедно со државните структури да пружиме христијанска и братска помош на бегалците кои поминуваат низ нашата земја.

Свети Оче, не можам да ја сокријам радоста на оваа наша Црква заради Вашата одлука блажена Мајка Тереза да ја прогласите света. Таа вест нѐ зарадува нас верниците, како и многу граѓани на оваа земја, особено градот Скопје во кој Мајка Тереза е родена. Овде, во Скопската катедрална парохија Пресвето Срце Исусово започна нејзината историја во која ја зафати Божјата љубов. Свети Оче, длабоко сме Ви благодарни за канонизацијата, настан кој е пред нас.

Во оваа Година на Божјото милосрдие настојуваме како Црква да ја доживееме својата обнова и неуморно да ја сведочиме бесплатната Божја љубов. Оваа Црква секојдневно ја упатува својата скромна молитва до Господа Бога за Вас, да продолжите да бидете пророчки знак за овој свет и сведок на милосрдната љубов. Оче, се доверувам во Вашите молитви за да можам како бискуп да го исполнам своето послание, служење на оваа Црква во љубовта, воедно во Вашите молитви особено ги ставам сите потреби на оваа месна Црква и на нашата земја Македонија. Заедно со верниците на месната Црква, свештениците, монахињите и семинаристите Ве поканувам да ја посетите нашата Црква и да ни упатите татковско слово.

Во синовско предание од Скопје, родниот град на блажена Мајка Тереза

+ Киро Стојанов

Бискуп








All the contents on this site are copyrighted ©.