2016-03-28 11:10:00

Велигденско бдение во Скопската катедрала


Во преполната катедрала „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје во сабота 26 март 2016 година Велигденското бдение го предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов во концелебрација со катедралниот парох дон Давор Топиќ, директорот на Каритас и на Радио Марија Македонија монс. Антун Циримотиќ, бискупскиот канцелар отец Маријан Ристов, парохот во с. Радово отец Зоран И. Стојанов, парохискиот викар дон Јошт Мезег и о. Илија Стојанов.

Велигденското бдение започна со благослов на огнот пред катедралата, а потоа светлината беше внесена во катедралата додека свечената песна на велигденската свеќа ја отпеа парохискиот викар дон Мезег.

По службата на словото бискупот Стојанов во проповедта рече: „Ние вечерва се сретнавме со темелниот спасителски извадок од Стариот завет, извештај за пасхалното јагне и излеговме на слобода од Египет. Тоа е неизбежен настан на спасението на верниците на избраниот народ, бидејќи од ропство преминаа на слобода, во ветената земја во знак на крв и вода: пасхално јагне и премин низ водата на Црвеното море: тој факт е јасен предзнак во навестувањето на Новиот завет кога Христос – Божјото Јагне со својата смрт на крстот ќе го ослободи човекот од ропството на гревот и со воскресението ќе ги воведе по крштевањето со вода и Светиот Дух во ветената земја - што е Црквата.“

Потоа бискупот Стојанов продолжи: „Ова е ноќ кога можеме да пееме о блажен ли е гревот кој таков и толкав го заслужува Откупителот. Темелен настан вечерва е откажување од гревот и прифаќањето на милоста на крштевањето и сега со обновата на крстните завети, навистина станавме нов човек.“

Толкувајќи го евангелието бискупот Стојанов истакна: „Евангелието со жените нѐ води на Исусовиот гроб. Гробот е празен. Ангелскиот збор навестува несфатлив настан: „Зошто го барате Живиот меѓу мртвите?“ Тие се вознемирени, исплашени, бидејќи тие го помазаа, погребаа, како тој сега да е жив.“

На крајот од својата проповед бискупот рече: „Браќа и сестри, во овој од на верата сакам барем малку да го почувствуваме Исус, Духот на Воскресението, и да ни ги отвори камените срца и очите на Духот за да можеме да веруваме. Бидејќи, без Воскресение нашиот живот не може да има смисла. Измамник е секој кој тврди дека крајот на живото е гробот. Уште нешто: никогаш да не заборавиме дека жените од гробот станаа и сведоци и радосни навестителки на Исусовото воскресение. Тоа треба да бидеме и ние: Радосни сведоци.“

Бискупот Стојанов по проповедта ги поздрави приустните гости, претставниците на МПЦ, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, претседателот на Собрание Трајко Велјаноски, претседателот на Владата Емил Димитриев и директорката на Комисијата за односи со верски заедници Валентина Божиновска, а исто така ги пренесе поздравите и честитките од нунцијот за Македонија надбискупот Анселмо Гвидо Пекорари, како и од митрополитот за Скопската бискупија надбискупот врхбосански кардиналот Винко Пулиќ. За време на мисата пееше катедралниот хор „Пресвето Срце Исусово“ под водство на диригентката сестра Татјана Атанасова, а придружбата на оргули беше на Дарко Мариновски.

к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.