2016-04-13 10:13:00

Патријархот Сако: Младите се потребни на Црквата


Младите се повикани да бидат „храбри сведоци“ на верата затоа што тоа е нивен повик и послание – истакна калдејскиот патријарх Мар Луис Рафаел И. Сако, на средбата со младите од Багдад, одржана за време на викендот во контекст на воскресната програма. Во пораката на младите христијани од главниот град и целата земја, патријархот ги поттикна на сериозно размислување за одлуката преку свештеничкиот и посветениот живот да го даруваат својот живот на Бога. Вашата Црква во Ирак трпи, поради тоа вие сте многу потребни на Црквата – напомена патријархот.

Младите треба да ги одржуваат живи верата, надежта и желбата за соработка

Обраќајќи се кон младите собрани на средбата, патријархот Сако потсети дека тие ја претставуваат иднината на Црквата и општеството и затоа е важно да се води сметка за да се развиваат на исправен начин. Поради тоа треба да се одржуваат живи верата, надежта, одлучноста и волјата за соработка. Освен тоа, треба – според зборовите на патријархот – да се подготват за средината во која работат, да изградат силна личност втемелена на вистина и љубов и да постигнат потполна зрелост и тоа преку разбирање, расудување и разговор.

Патријархот Сако кон младите: Не дозволувајте да ве повлече културата на сомнежот

Патријархот Сако ги поттикна момчињата и девојките да се образуваат и обликуваат со отворен ум кој нема да дозволи да се повлечат во озборување и во културата на сомневањето. Поставете си цели – истакна поглаварот на Калдејската црква – сериозно работете за да ги постигнете и тоа со доверба и мудро. На крајот Патријархот потсети на важноста на секојдневното соучество во животот на црквата и на постојаното сведоштво на верата низ слушање на Божјите зборови, молитви и учествување во активностите кои се на програмата.

Калдејската црква бара ослободување на територијата која е под окупација на самонаречената Исламска држава

Во меѓувреме, поглаварите на Калдејскиот патријархат објавија соопштение во кое го толкуваат ставот на Црквата за „прогонствата“ врз христијанските бегалци и егзодусот кој се случува во заедницата. Истакнувајќи ја важна помошта пружена на бегалците од Мосул и од Долина Нинивија, патријархот Сако заедно со бискупите изрази надеж во меѓународната, регионалната и националната соработка, со цел потполното ослободување на териториите кои се сé уште во рацете на самонаречената Исламска држава. После тоа – истакна – може да дојде до враќање на сите семејства на просторот од кој си заминале.

Апел до свештениците и луѓето во Црквата: не го поддржувајте бегањето на христијаните

Разгледувајќи ја бегалската криза на неодамнешната средба на Калдејската Црква, одржана на 5 април во Анкави, односно во Ербил, во ирачкиот Курдистан, патријархот и епископите побараа од свештениците и од луѓето во Црквата да не се вклучуваат во плановите кои го поттикнуваат бегањето на христијаните.

РВ/Б.Р.








All the contents on this site are copyrighted ©.