2016-04-27 16:44:00

Резиме од Апостолскиот поттик Amoris Laetitia


Документ кој ги собра резултатите од синодата за семејството во 2014 и 2015 година е поделен во девет глави во кои опширно се зборува за семејството во светлината на Божјиот план, за предизвиците на семејството денес, за повикот на семејството и брачната љубов.

Amoris Laetitiaе насловот на постсинодскиот Апостолски поттикза љубовта во семејството кое е претставено на 8 април 2016 година во Канцеларијата за печат на Светиот Престол. Документот кој ги собра резултатите од синодата за семејството во 2014 и 2015 година е поделен во девет глави во кои опширно се зборува за семејството во светлината на Божјиот план, за предизвиците на семејството денес, за повикот на семејството и брачната љубов – посебно за нејзината плодност – и предлага некои пасторални перспективи за придружување на човекот на патот кон бракот и во текот на бракот. Исто така зборува за посебните предизвици на разводот, разведените и цивилно повторно венчаните и за мешовитите бракови. Посебна глава е посветена на воспитувањето на децата, како што и цела една глава зборува за следење, расудување и интеграција на човекот во неправилна состојба.

На почетокот на текстот папата Фрањо напоменува дека „не треба сите доктринарни, морални или пасторални расправи да бидат решение за влијанието на учителството.“ Инсистирајќи на тоа – вели – на „единството на доктрините и праксата“ кое е неопходно во Црквата можат да постојат „различни начини на толкување на одредени аспекти на доктрините или некои последици кои следуваат од нив“, земајќи ја во предвид културата, традицијата и предизвиците во одделни земји.

Во светлината на Словото

Во првата глава истакнува дека Божјото Слово не е „серија апстрактни тези, туку придружник на патот кон семејството, исто така и за „оние во криза“ затоа што им ја „назначува дестинацијата на патувањето.“ Поаѓајќи од Книгата Битие нагласува две карактеристики на брачната љубов: дијалоготот и единството. Потоа се фокусира на важноста за нежност, а децата ги нарекува „живи карпи“ на семејството. На крајот го спомнува проблемот на невработеноста и трагедијата за семејствата – бегалци.

Реалности и предизвици за семејството

Во втората глава Папата ги наведува тешкотиите со кои денешното семејство се соочува како индивидуализмот кој ја отпушта слободата и праведноста од вистината, вредностите и начелата и „културата на привременото“. И покрај тоа христијанскиот пример не треба да биде само „реторичко осудување на актуелните зла“, што би значело да паднеш во „замката на самоодбранбените жалопојки“ кои се далеку од „мисионерските креативности“. Христијанскиот пример треба да претставува причини и мотивација за бракот и семејството. Според папата Фрањо потребна е „здрава автокритика“ за начинот на претставување на бракот кој беше фокусирана само на должноста на раѓање деца и „доктринарни, биоетички и морални прашања“ како да се работи за „товар кој цел живот треба да се издржи.“

Посебно истакнува неколку предизвици за семејството кои се препознати на синодите: менталитетот против раѓањето на деца, слабеење на верската пракса, злоупотребата на децата, миграцијата, прогонот на христијаните, староста и инвалидноста, сиромаштвото, кохабитацијата и истополовите заедници, насилството над жените и родовата идеологија. Силно го осуди секој обид за државно наметнување на контрацепција, стерилизација и абортус и нагалсува дека вонбрачниот живот и истополовите заедници не може да се изедначат со бракот. Истакнува дека е „вознемирувачко“ што идеологиите, како оние родовите, „наметнуваат едниствена мисла која исто така го одредува образованието на децата.“

„Билошкиот пол и општествено-културната улога можат да се разликуваат, но не и да се разделат“ – пишува Светиот Отец.

Поглед управен кон Исус: звање на семејството

Третата глава претставува „резиме на црковната наука за бракот и семејството“. Се истакнува дека неразрешливиот брачен сојуз меѓу мажот и жената не е бреме, туку дар и звање; света Тајна за посветување и спас за сопружниците, а не општествена конвенција или празен обред. Се напоменува дека Црквата треба пасторално да се грижи за верниците кои кохабитираат, луѓето кои се само цивилно венчани и за разведените во новите врски.

Пишува дека треба „јасно да се изразува доктрината“ избегнувајќи истовремено „судови кои не водат сметка за сложеноста на различните ситуации.“ На паровите кои не можат да имат деца им се препорачува посвојување. Го нагласува „неповредливото право“ на неродениот живот кој „никогаш не може да биде предмет на доминација.“ Исто така истакнато е правото на приговор на совеста. Семејството е домашна Црква, а Црквата е семејство на семејствата – се вели во документот.

Љубовта во бракот

Во четвртата глава за брачната љубов Папата на семејниот живот ги применува карактеристиките кои што свети Павле ги спомнува во својата химна за љубовта. Директно се обраќа на младите зборувајќи им дека бракот не е товар или недостижен идеал. Ја истакнува важноста на дијалогот, а особено несовесноста на сексуалноста во бракот. Брачната љубов води до тоа целиот емоционален живот да стане добро за семејството, во служба на заедничкото живеење.

Сексуалниот живот на сопружниците е „прекрасен дар“. На никој начин еротската димензија на љубовта не може да се смета за „дозволено зло или товар кој треба да се поднесува заради доброто на семејството.“ Папата исто така зборува за вредноста на девственоста како облик на љубов кој не е спротивен на женидбата, туку претставува поинаков начин како да се сака.

Љубовта станува плодна

Петтата глава посебно е посветена на плодноста на љубовта и прифаќањето на животот во семејството. „Помислете колку вреди ембрионот!“ – пишува. „Треба да го гледаме со истиот поглед на љубовта на Отецот која гледа над изгледот“ – рече папата Фрањо. Детето не е исполнување на личните аспирации, туку човечко битие со неизмерна вредност и има природно право на татко и мајка. Папата понатаму го истакнува „женскиот гениј“ и напоменува дека намалувањето на мајчинското присуство во општеството претставува „сериозна опасност“. Рече дека го цени феминизмот кој „не претендира униформност и не го негира мајчинството.“ Го забележува тешкиот проблем на отсуство на татковската фигура со напомена дека „нашето општество е општество без татковци.“

Во постапките за посвојување секогаш треба да преовладува правото на детето – стои понатаму во текстот. Семејството треба да воспостави „култура на средба“ и да се бори за праведноста. Во тој контекст вели оној кој пристапува на Евхаристија не чувствувајќи се поттикнат за залагање за сиромашните и патниците недостојно ја прима таа света Тајна.

Некои пасторални перспективи

Во шестата глава изложени се некои пасторални перспективи, „нови патишта“ произлегоа од синодското одење, а кои различните заедници треба да ги разработат во „практични и ефикасни предлози.“ Истакната е потребата христијанското семејство сѐ повеќе да станува не само објект, туку и субјект во семејниот пасторал. Потребна е интердисциплинарна формација која ја фаворизира комплементарноста на различните повици во Црквата. Освен тоа би можело „подобро да се прифати искуството на долгите источни традиции на оженетите свештеници.“

Папата препорачува „никогаш да не се поттикнува“ склопување брак кој нема реални можности за стабилност. Да се учи дека вљубеноста не може да се сведе на краток брачен курс. Освен тоа потребно е да се следат ново венчатите парови, кое повикува на реалистично прифаќање на сопружниците и да научат како да „преговараат“ заради доброто на семејството. Ја истакна и потребата за формација за природното плaнирање на семејството.

Разводот е „зло“, а неговиот пораст во општеството е „многу загрижувачки“. Децата не треба да станат заложници во таквите ситуации. Иако раздвоен живот е „крајно решение“ тоа понекогаш е „морално потребно“ заради насилство или експлоатација. Со оглед на разведените и цивилно повторно венчатите го повторувам она што е кажано на синодите, истакнувајќи ја потребата за расудување и следење. Да се грижиш за нив во христијанската заедница не е ослабување на верата во неразрешливоста на бракот, туку израз на љубов – стои во документот.

Заедничкото примање на Евхаристијата во мешаниот брак на католик и некатолик христијанин „не може да бидесамо исклучок“. Со оглед на луѓето со хомосексуални склоности се осудува секаква „неправедна дискриминација“ и насилство против нив, напоменувајќи истовремено дека не е можна ниту „од далеку аналогија“ на истополовите заедници со бракот и семејството.

Да се зајакне воспитанието на децата

Седмата глава е посветена на воспитанието на децата кое е „најсериозната обврска“ и „првото право“ на родителите. Тие треба да бидат слободни да изберат како да ги воспитуваат децата според сопствените уверувања. Да воспитуваш не значи да бидеш опсесивен и да ја преземеш контролата над сите, туку „да промовираш одговорна слобода“ која ќе знае добро да избира. Моралното воспитание на децата родителите „никогаш не можат да го делигираат.“ Исто така се истакнува вредноста на санкцијата како поттик на добро и важноста дисциплината да не се претвори во „осакатување на желбите“. Освен тоа, Папата зборува за „технолошкиот аутизам“ како опасност за децата и младите како и за потребата од сексуално воспитание. Изразот „сигурен секс“ покажува „негативен став кон природната намена“ на сексуалноста како евентуалното дете да е „непријател од кое треба да се заштитиш.“

Од клучна важност е да се помогне да се „прифати сопственото тело такво какво што е создадено“, во „својата машкост или женскост“ воспитувајќи да се „ценат разликите“ затоа што „она што е машко и женско не може да се раздели од Божјото дело.“ На крајот од главата се напоменува дека родителите се „активни субјекти“ во катехезата на своите деца како и дека „духовното искуство не се наметнува, туку им се предлага на децата во слобода.

Следи, расудувај и интегрирај ја кревкоста

Осмата глава е целата посветена на „следење, расудување и интегрирање на кревкоста“. Се зборува за два темела: од една страна науката за светотаинскиот Брак, а од друга страна потребата за милосрдна интеграција на „кревкоста“ на многу верници. На пастирите им припаѓа „промовирање на христијанскиот брак“ и „пасторално расудување на ситуацијата на многу луѓе кои повеќе не ја живеат таа реалност.“ Цивилниот брак или кохабитацијата често не се мотивирани од предрасуда или од отпор кон свето таинскиот Брак, туку културните условувања и контингентивните фактори. Со тие ситуации треба да се „соочи на конструктивен начин, обидувајќи се да се преобразат во можности за одење кон полнината на бракот и семејството во светлината на Евангелието.“

Тоа треба да се прави – стои понатаму во текстот – преку „законот на постепеноста“ кој го предлага свети Иван Павле II според кој се остварува добро во „степените на раст“. Патот на Црквата – вели папата Фрањо – е патот на милосрдието и интеграцијата кои никој не осудуваат засекогаш, туку го пружат Божјото милосрдие на „сите кои го бараат со искрени срца“. „Никој не може да биде осуден засекогаш затоа што тоа не е логиката на Евангелието!“ – рече Папата.

Водејќи сметка за комплексноста на ситуацијата треба да се „интегрира сè“ вклучувајќи ги разведените и повторно венчани кои можат да учествуваат „во животот на заедницата по пат на социјално залагање или молитвени средби.“ Истотака Папата истакнува дека ситуациите можат да бидат „многу различни“ и затоа „не треба да ги каталогизираме или затвораме во премногу крути изјави.“ Важно е соодветно, лично и пасторално расудување“ затоа што „не постојат едноставни рецепти.“

Папата Фрањо напиша дека „не треба да се очекува од синодите или Апостолските писма нова општа норматива на канонскитте видови применувани на сите случаи.“ Она што е можно е „само нов поттик на одговорно расудување“ на поединечни случаи со оглед дека „степенот на одговорност не е ист во сите случаи“ и затоа „последиците или ефектите на една норма не треба да бидат секогаш исти“, па и во „светотаинската дисциплина“ кога може да се расудува дека во поединечни ситуации нема тешка одговорност.

Затоа за разведените и повторно венчани корисно е да се направи испит на совеста, а разговорот со свештеникот во внатрешен форум може да помогне во обликувањето на „исправниот суд“ за она што пречи на можноста за „целосно учествување во животот на Црквата.“ Меѓутоа важно е да се избегне ризикот од „погрешни пораки“ за да може свештеникот да подели „брзи исклучоци“ или како за одредени услуги да може да се стекне „светотаински привилегии“ со опасноста да се остави впечаток дека Црквата „промовира двоен морал.“

„Не е повеќе можно да се каже дека сите оние кои се наоѓаат во т.н. „нерегуларна“ ситуација живеат во состојба на смртен грев“ затоа што освен можното „непознавање на нормите“ можат да постојат други „фактори кои ја ограничуваат можноста за одлучување“ како насилството, стравот или афективна незерелост. „Расудувањето е динамично“ и „ситничаво е да се земе во предвид само фактот дали одговара однесувањето на човекот на законот или општите норми.“ Иако општите норми „претставуваат добро кое никогаш не треба да се занемарува или прекршува“, тие истовремено „не можат да ги опфатат сите поединечни ситуации“ – рече Папата.

Затоа пастирот не може да се задоволи „само со применување на моралните закони“, „како да се камења“ за да се фрлат на луѓето. Можно е „во ситуација на објективен грев, во која нема субјективна одговорност… да живее во милост со Бог, примајќи за таа цел помош од Црквата.“ „Во одредени случаи можат од помош да бидат и светите Тајни“ – додава Папата, напоменувајќи дека исповидилницата не треба да биде место за мачење и Евхаристијата „не е награда за совршените, туку храна за слабите.“

Пишува дека денес уште повеќе од пасторалот за неуспешни ситуации е потребен пасторален напор за бракот да се зацврсти и така да се спречи неговото распаѓање. Треба да се има логиката за „сочувство“ избегнувајќи прогони, премногу напорни и нетрпеливи судови. Не суди, не осудувај, не исклучувај никого – нагласува папата Фрањо. Посебно внимание пастирите треба да посветуваат на „приматот на љубовта“, не условувајќи го Божјото милосрдие. Пасторалното следење многу се разликува од „ладниот морал“ на бирото и од „затворените срца“ кои на „Мојсеевиот стол“ ги судат на „површен начин тешките случаи и ранетите семејства.“

Брачна и семејсна духовност

Во последната глава посветена на брачната и семејната духовност се повикува на заедничка молитва која е „привилегирано средство за изразување и зацврстување на верата.“ Во семејството се живее духовноста на ексклузивна и слободна љубов која секојдневно ја обновува верноста. Апостолскиот поттик на папата Фрањо завршува со молитва до Светото семејство.

к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.