2016-05-04 10:22:00

Во Ватикан се одржа конференција за регенеративна медицина


„Напредок на регенеративната медицина и нејзиното влијание врз културата“ е темата на меѓународната конференција која се одржа овој викенд во Ватикан. Третата во низата на ватиканските конференции за истражување на матични клетки и регенеративна медицина од 28 до 30 април собра водечки медицински и научни истражувачи, политичари, бизнис лидери и филантропи на „отворен дијалог за меѓусебната поврзаност на истражувањето за матичните клетки, технологијата, верата и културата“.

Во организација на Канцеларијата за наука и вера  при Папскиот совет за култура, конференцијата се фокусира на медицинските достигнувања во лекувањето на ракот и дијабетисот кај деца. Околу 6000 ретки болести, кои влијаат врз околу 300 милиони луѓе, исто така беа предмет на расправа.

Конференцијата на новинарите им ја претстави монс. Томаш Трафни од Папскиот совет за култура истакнувајќи дека една од целите на овој собир е да претстави некои од илјадниците етички исправни и важни медицински напредоци кои се постигнуваат во лабораториите и клиниките низ целиот свет, како и да се поттикне разговор за нови начини на финансирање на истражувањата и нови третмани за болните.

Присутноста на бизнис лидерите и филантропите не само што ќе го помогне истражувањето, туку може и да поттикне да се гледа над патентот и профитот, така што во здраствената заштита никој да не се чуствува напуштен. Конференцијата  сака да покаже дека третманите за многу болести се веќе достапни и дека „науката навистина на значаен начин напредува“.

Доктор Робин Смит, претседателка на фондацијата Stem for Life (Матична клетка за Живот), која учествува во организацијата на конференцијата, напомена дека  првите два ватикански семинара (2011 и 2013 година) биле фокусирани пред сè на истражување за матичните клетки земени од тела на возрасни луѓе. Во текот на последните 15 години, спроведени се околу 5000 клинички успшени лекувања со матични клетки на возрасни луѓе, додека испитувањата со матични клетки од ембриони – кои вклучуваат неморално манипулирање и уништување на човечкиот живот во неговата најрана фаза – имало само 38. Тоа е јасен показател – заклучила доктор Смит – дека истражувањата се поуспешни во контролиран развој на матични клетки земени од возрасни луѓе за терапевтско користење. Денес сме – додаде – сведоци на „клеточната револуција“, во која нашето сопствено тело го држи клучот за лекување во иднина.

РВ/Б.Р.








All the contents on this site are copyrighted ©.