2016-05-21 11:43:00

Папата: Занемарувањето на сиромашните е презирање на Бог


Занемарувањето на сиромашните е омаловжување на Бог, ова беше мислата водилка на Генералната аудиенција на 18 мај 2016 година на која Светиот Отец ја коментираше параболата за Лазар и богатиот, зборуваше за „сиромаштвото и милосрдието“.

Нивните животни услови биле сосема противречни и некомуникативни. Вратите на домовите на богатите секогаш се затворени за сиромашните кои лежат во предниот дел, барајќи да јадат нешто што преостанува од масата на богатиот.

Сликата на последниот суд

Богатиот раскошно се облекува, а Лазар е покриен со рани; богатиот секој ден се чести, а Лазар гладува. За него единствено кучињата се грижат и доаѓаат да му ги лижат неговите рани. Оваа сцена, продолжи Папата, потсетува на остриот прекор на Синот Човечки на последниот суд: „Гладен бев и не ми дадовте да јадам, жеден бев и не ме напоивте (...).“ Лазар многу добро ја претставува безвременската болката на сиромашните како и противречноста на светот во кој неколкумина во своите раце држат големи богатства и добра – истакна папата Фрањо.

И богатите умираат

Исус вели дека богатиот еден ден умрел: умираат и сиромашните и богатите; ги чека истата судбина; сите нас, смртта не заобиколува никого... Богатиот тогаш му се обраќа на Авраам, нарекувајќи го татко. Тој тврди дека е дете на Авраам, дека припаѓа на Божјиот народ. Тој за време на животот го игнорира Бог, уште повеќе се сметал за центар на сè, бил затворен во својот раскош и расипаност. Исклучувајќи го Лазар, го исклучувал и Бог и неговиот закон. Да ги занемариш сиромашните значи да го занемариш Бог. Ова мора добро да го запамтиме: Занемарувањето на сиромашните е презирање на Бог – рече Светиот Отец.

Лазар односно Бог помага

Папата рече дека богатиот во параболата нема име, означен е со придавката богат, а името на сиромавиот е повторено пет пати: Лазар пак значи „Бог помага“. Лежењето на Лазар пред вратите е опомена на богатиот да се сети на Бог, но богатиот не ја прифаќа таа опомена. Тој нема да биде осуден затоа што бил богат, туку затоа што не бил сочувствителен кон Лазар и затоа што не му помогнал – рече Папата.

Прво занемарен, потоа молен

По смртта двајцата протагонисти односно во другиот дел од параболата ситуацијата е обратна: Лазар ангелите го однеле во крилото Авраамово, во небото, богатиот напротив западнал во маки. Кога жедниот богаташ го моли Авраам да го испрати Лазар за да го намокри врвот од прстот со вода и малку да му ги олесни маките, богатиот покажува дека го познава сиромавиот, кој секогаш го занемарувал во животот. Сега богатиот го познава на Лазар и од него бара помош, а во животот се правел дека не го гледа – рече Папата додавајќи: Колку пати многумина се прават дека не ги гледат сиромашните. Тие за нив не постојат (...) Богатиот верува дека има право да бара помош заради својата поранешна положба.

Ако на сиромашните им отворам врата, Бог ми отваора на мене

Авраам одговара дека е невозможно да ја услиша молитвата на богатиот, а овде е клучот на целата парабола: објаснува дека доброто и злото така се распоредени за да се надомести земската неправда, а вратата која во животот ги разделувала богатиот од сиромавиот се претврила во „голема бездна“. Додека Лазар бил пред куќата на богатиот, богатиот можел да се спаси отворајќи му ја вратата на Лазар... а сега кога двајцата се мртви состојбата е непоправлива. Во параболата не се зборува директно за Бог, но опомената е очигледна: Божјото милосрдие кон нас зависи од нашето милосрдие кон ближниот; ако не сме милосрдни, тогаш Божјото милосрдие не наоѓа простор во нашето затворено срце, не може да влезе. Ако на сиромавиот не му ја отворам вратата од своето срце тогаш останува затворена и за Бог, а тоа е ужасно – рече Папата.

Божјото Слово го оживува каменото срце

Зборувајќи за Авраамовиот одговор на богатиот дека неговите браќа на кои им се заканува истата опасност можат да се спасат слушајќи го „Мојсеј и пророците.“ Папата рече дека параболата поучува за преобраќањето, не треба да се чекаат чудесни настани, туку треба да се отвори срцето за Божјото Слово кое поттикнува да го љубиме Бог и ближниот. Божјото Слово може да го оживее вкочанетото срце и да го излекува од слепилото. Богатиот го познавал Божјото Слово, но не му дозволил да влезе во Неговото срце, не го слушал, не го примил во срцето затоа не можел да ги отвори очите, ниту да има сочувството кон сиромавиот – истакна Папата додавајќи:

Ниту еден гласник и ниту една порака нема да може да ги замени сиромашните кои ги среќаваме на патот затоа што преку нив Исус ни доаѓа во пресрет: „Сето она што сте го направиле за еден од овие мои најмали браќа, мене сте ми го направиле“, вели Исус. Така е во пресвртот на судбината што ја опишува параболата, сокриено таинството за нашето спасение, кое Христос сиромаштвото го обединува со милосрдието – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

 








All the contents on this site are copyrighted ©.