2016-07-25 18:00:00

Кардинал Паролин за посетата на Папата на Полска


Мозаикот од милосрдие и хармонија Светиот Отец го нарече Светски ден на млади кој следната среда ќе биде домаќин на неговото 15. меѓународно апостолско патување во Полска.

Зборувајќи за Светскиот ден на млади во разговор за Ватиканскиот телевизиски центар кардинал Пиетро Паролин, Папскиот државен секретар рече дека папата Фрањо оди по патот кој што го започна папата Иван Павле II, а го продолжи Бенедикт XVI; оди со младите на патот на верата, љубовта и надежта. Патот секогаш има иста цел, а тоа е средба со Исус Христос. Тој пат е зацртан во Евангелието, науката и црковното научителство, а се храни со Евхаристијата. Се менуваат сценаријата, континентите и државите, но патот продолжува, континуитетот не се прекинува – истакна кардинал Паролин додавајќи:

Ми изгледа, што се однесува до учителството на Иван Павле II треба исто така да го истакнеме фактот дека Денот на младите се одвива во срцето на Светата година на милосрдието. Кога се зборува за милосрдието, тогаш треба да го имаме на ум учителското и духовното наследство на папата Војтила односно на свети Иван Павле II кој првите две енциклики ги посвети на милосрдието, а потоа со разни потфати ја истакнуваше реалноста на милосрдието: доволно е да се присетиме на прогласувањето за светица на Фаустина Ковалска и основањето на Неделата на Божјото милосрдие. Свети Иван Павле II ја истакнуваше важноста на милосрдието, а тоа и папата Фрањо ќе го прави во текот на овој Светски ден на млади, за запали искра на милосрдие во срцата на младите и во целиот свет– рече кардинал Паролин.

На прашање за значењето на преминот низ светата врата во светилиштето на Божјото милосрдие во градот на света Фаустина кардиналот потсети дека Папата во пораката до младите рече дека преминот низ светата врата води до Исус Христос, средба со Неговиот милосрден поглед, за да можеме со света Фаустина да кажеме: „Ти се доверувам.“ Папата прв ќе помине низ вратата, тоа ќе биде негова лична средба со Господ, негово искуство на Божјото милосрдие. Веројатно во светилиштето ќе исповеда некои луѓе. Потоа ќе се помоли на местата каде што живеела света Фаустина посебно во капелата каде што имала видение и каде што го пишувала својот дневник со кој се вдахнува посебна побожност кон милосрдниот Исус – рече кардиналот.

На прашање што би можел Папата да и порача на Европа истакна дека Папата патува на Светски ден на млади и мисли дека нема директно да се обраќа ниту на Полска, ниту на Европа затоа што пред себе ќе ги има младите од цел свет. Што се однесува до Европа мислам дека Папата ќе го повтори она што во повеќе наврати го зборуваше во Стразбур и примајќи ја наградата Карло Велики. Би кажал дека неговата порака би можела да се резимира во два збора: надеж во иднината и повторно откривање на европските христијански корени. Папата често го спомнува европскиот хуманизам и храброста за навестување на Евангелието во новите околности и проблемите со кои Европа секојдневно треба да се соочува посебно со проблемот на духовното и материјалното сиромаштво – истакна кардинал Паролин.

На забелешка дека Папата во Честохова пред сликата на Црната Богородица ќе потсети на 1050 годишнина од крштевањето на Полјаците рече дека тој лично е многу среќен затоа што во април бил Папски посебен претставник во Познан и во Краков каде што ја предводел прославата за 1050 годишнина од христијанството во Полска, а тоа во извесна смисла го надомести она што недостасувало на милениумската прослава кога на папата Павле VI му било оневозможено доаѓање во Полска, а тој искрено сакал да оди во Полска. Ова е продолжение на милениумската прослава. Папата со Црквата во Полска, со пастирите и верниците ќе се заблагодари на Бог за илјадниците години на христијанска вера, а би кажал и за сè што се случило во последните педесет години: за слободата на народот и Црквата – истакна кардиналот додавајќи:

Се уверив дека сèуште е силна Црквата во Полска, заедно со своите пастири во новите околности одлучно ја сведочи својата вера. Во Полска има многу добри семејства, голем број на млади се зафатени со христијанско и верско воспитание, се чувствува мисионерскиот занес и апостолскиот жар. Во Полска сè уште има многу свештенички и монашки звања. Општественото ткиво е здраво, иако се соочува со предизвиците на модерното време, со секуларизмот, со губењето на чувството за Бог, со живеењето како Бог да не постои во нашите општества. Црквата во Полска треба да биде креативна и отворена во барањето на одговори за новите предизвици – рече кардинал Паролин.

На забелешка дека Папата во концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау ќе потсети на оние кои својот живот го жртвувале за другите рече дека Папата штом започна да се разгледува програмата за патувањето покажа желба да ги посети тие две места кои јас ги нарекувам места на ужасот и болката. Папата нема да зборува во концентрациониот логор, мислам дека неговото молчење повеќе зборува од говорот...  А сеќавањето на сите жртви на омразата и човечката лудост ќе потсети на бројните денешни насилства, на презирот на човечкиот живот и достоинството, на поделбите меѓу луѓето, на употребата на ужасот и тероризмот заради лични, политички или економски придобивки – истакна кардиналот и се осврна на посетата на Папата на детската болница во Краков.

Папата често истакнува дека Црквата треба да биде со оние кои страдаат, да биде блиску до сите кои трпат во душата и телото. А кој страда повеќе од болни деца на кои им е потребна човечка топлина и близина? Уверен сум дека значењето на посетата на Папата на детска болница веќе сме го виделе и во други прилики. Се сеќавам како во текот на посетата на детската болница во Мексико зборуваше за афектната терапија. И во оваа прилика сигурно ќе зборува за неа и ќе ги повика сите да ја применуваат со децата и со сите кои страдаат – заврши Папскиот државен секретар.

РВ/к.мк

 








All the contents on this site are copyrighted ©.