2016-07-25 16:12:00

Младите од Македонија се упатија на СДМ во Краков


Во недела 24 јули 2016 година 83 млади од Македонија се упатија на Светскиот ден на млади во Краков. Младите од Апостолскиот егзархат во Македонија своето поклонение во Полска го започнаа од пред парохиската црква „Свети Иван Крстител“ во Струмица од каде се упатија во катедралата „Пресветото Срце Исусово“ во Скопје, придружувајќи им се на младите од Скопска бискупија од каде што заеднички го продолжија поклонението во Полска

Пред заминувањето во Краков, а после покорничкото славење во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, со младите се сретна епископот Стојанов, кој поздравувајќи ги истакна:

„Ве поздравувам вас, поклониците на 27 меѓународна средба на Светската католичка младина во Краков. Нека е благословен вашиот пат и престој. Со пастирска грижа и љубов сакам да ве поттикнам, а преку вас и сите наши млади од Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија со срце и со љубов да го почувствувате, но и со живот да го исполните геслото на оваа средба: „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“

(...)Посакувам да му се отворите на Божјото милосрдие, да се отворите себе си и вашите срца, да дозволите Исус да ви дојде во пресрет, со доверба да пристапете кон светата тајна покајание и да настојувате да бидете милосрдни кон другите – истакнува Светиот Отец Папа и тоа како единствена цел во Годината на Божјото милосрдие.

Посакувајќи ви убав престој во Краков, среќно враќање назад ве поздравувам и ви поделувам апостолски благослов и останувам со почит до сите Вас, препорачувајќи се во вашите молитви“ – им посака бискупот Стојанов

Групата млади од Македонија на Светскиот ден во Краков ја водат свештениците о. Томаш Бак од Куманово, о. Јошт Мезег од Скопје и о. Атанас Сирачев од Радово.

За време на престој во Краков младите од Македонија ќе ги посетат светилиштата Честохова и Свети Иван Павле II. Покрај тоа ќе учествуваат во програма, која е со разновидна програма и катехези.

Папата ќе пристигне на средбата со младите во четврток 28 јули во 17.30 часот и во паркот Јордан во Блонија - Краков младите ќе му приредат свечено добредојде. Во петок 30 јули во 18.00 часот Папата ќе го предводи Крстниот пат за млади, повторно во паркот Јордан во Блонија - Краков

Во сабота 30 јули Папата ќе го посети Кампот на милосрдието (Campus Misericordiae) и со неколку млади ќе помине низ Светата врата, а во 19.30 часот ќе го предводи молитвеното бдение со младите во Кампот на милосрдието. Централна прослава од посетата на папата Фрањо на Полска е свечената Литургија со младите во Кампот на милосрдието на 31 јули во 10.00 часот. Во недела 31 јули во 18.15 часот на аеродромот Балице – Краков е предвидена завршната прослава од каде папата Фрањо ќе се упати за Рим.

Според зборовите на монс. Павел Рајтел Андријаник на Светскиот ден на младите ќе учествуваат околу 800 епископи, додека оганизацискиот одбор очекува на средбата со Папата да учествуваат од 1,5 до 1,8 милион млади. Најмногу млади доаѓаат од Полска, потоа Италија, Франција, Шпанија, САД, Германија, Бразил, Украина и Португалија.

к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.