Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ЦРКВА \ Во светот

Потпишан договор за мир меѓу владата и бунтовниците во Колумбија

Кардинал Паролин - OSS_ROM

29/09/2016 10:24

„После повеќе од пола столетие заврши страшната ноќ на насилствата“, на 26.09.2016 навечер рече колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос во Картагена. Во тој град, тој и водачот на Колумбиските револуционерни вооружени сили (FARC), Родриго Хименез, потпишаа мировен договор.

Хименез изјави дека искрено ги моли „сите жртви на конфликтот за простување“.

Станува збор за историски момент за Колумбија. Договорот би требало да стави крај на 52 годишниот конфликт, за време на кој повеќе од 267 илјади луѓе го изгубиле животот. Оваа недела на референдум граѓаните на Колумбија ќе одлучуваат за текстот на договорот. На свеченото потпишување на договорот учествуваа бројни шефови на латиноамериканските држави, а на потпишувањето  присуствуваше и државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пиетро Паролин.

Кардиналот Паролин за време на Литургијата во катедралата во Картагена истакна дека папа Фрањо внимателно го следеше и го охрабруваше настојувањето околу мирот и помирувањето. „Папата отсекогаш го поттикнуваше почитувањето на човековите права и христијанските вредности, кои се темел на колумбиската култура“, рече кардинал Паролин.

Кардиналот се надева дека потпишувањето на договорот „го олеснува страдањето на толку луѓе, ја запира омразата и го променува текот на историјата за да се изгради подобра иднина со силни и праведни институции“ и продолжи:

„Најсигурниот начин за градење подобра иднина е да се врати достоинството на оние кои страдаат, а тоа може да се постигне ако им се пристапи без одложување и да се поистоветат со нив. Всушност, корен на овој повеќедецениски конфликт – кој ја разрушува оваа земја – може да се најде во раните на срцето“.

На крајот, кардиналот говореше за важноста на верските институции за постигнувањето мир во Колумбија. „Религијата води до слушање, разбирање и препознавање на причини за другиот и неговите вредности“, рече кардинал Паролин и додаде: „Верата се спротиставува на повредување на достоинството на луѓето затоа што тоа предизвикува кинење на општественото ткиво и не е во спротивност со секуларизмот, сфатено како почитување на различните области  на задолженија кои припаѓаат на граѓанските и духовните стварности“.

На секуларното општество му е потребно верата „како неопходна референтна точка за соживот и почитување“, рече кардиналот. „Католичката Црква на посебен начин го промовира мирниот соживот во согласност со духовната традиција на колумбискиот народ. Црквата нуди почетна точка за поединците и заедниците да можат да го пронајдат и да го расветлаат општото добро“, рече на крајот на својата проповед кардинал Пиетро Паролин.

Кога папа Фрањо кон крајот на јуни оваа година дозна дека преговорите се успешно завршени, пред новинарите изјави: „Среќен сум поради овие вести: повеќе од педесет години војна, герилски конфликти, толку пролеана крв... се надевам дека земјата – која работеше за мир и го гарантира неговото траење - ќе го чува така мирот, и никогаш повеќе нема да дојде до војна. Ѝ честитам на Колумбија, која сега го направи овој чекор!“

Претседателот Сантос и Родриго Хименез потпишаа договор од околу 300 страници, но тоа е само почеток. „Ова е важен чекор зашто сега мирот е на дофат“, изјави за Радио Ватикан отец Гонзало Флорез. „Да кажеме вака: ова е почеток. Сега може да се мисли дека мирот навистина би можел да биде опција за нашата земја“, изјави о. Флорез.

Но тој гледа уште многу препреки на патот до вистинскиот мир. „Ситуацијата е сложена; многу веруваат дека мирот воопшто не е возможен и дека уште многу недостига за вистинско решение. Вистинско помирување сè уште не се случило затоа што за тоа е потребно уште многу. Тој мора секојдневно да се изградува, пред сè во срцата, кои се ранети со страв од повеќедеценискиот конфликт. Нашата земја има историска рана и во тоа е проблемот. Вистинското помирување би значело да се излечи оваа рана“, заврши о. Гонзало Флорез.

РВ/к.мк

29/09/2016 10:24