2016-10-11 10:25:00

Папата: Дали сме подготвени да ги прифатиме Божјите дарови?


На 9 октомври 2016 година на плоштадот Свети Петар папата Фрањо служеше света Литургија по повод Богородичниот јубилеј во Годината на милосрдието. Меѓу останатото порача дека „само оној кој знае да се заблагодари ја познава полнотата на радоста.“

На 9 октомври 2016 година на плоштадот Свети Петар папата Фрањо служеше света Литургија по повод Богородичниот јубилеј во Годината на милосрдието. Го наведе примерот за „десетте лепрозни“ кои му доаѓаат во пресрет на Исус и бараат да ги излекува: „Исусе Наставниче смилуј се!“ Господ им дава ветување, но и ја искушува нивната вера: ги испратил да се покажат на свештениците. И додека биле на пат лепрозните се излечени, но – нагласува Папата – „го заборавија Дарителот, Отецот Кој ги оздравел преку Исус, својот Син кој стана човек.“

Сепак еден од нив не заборавил: Самарјанецот кој во еврејските очи е практичен поганин – рече Светиот Отец и додаде дека на Самарјанецот не му било доволно што оздравел преку својата вера, туку го довршил лекувањето враќајќи се кај Исус да му се заблагодари за примениот дар. „Го препознава Исус како вистински свештеник кој го подигнал и спасил; кој сега може да го испрати на пат и да го прифати како еден од своите ученици,“ порача Папата.

Во тој контекст Светиот Отец предлага да се запрашаме: „Дали сме способни да кажеме „благодарам?“ Дали сме способни да кажеме „благодарам“ во своето семејство, во заедницата, Црквата? Папата Фрањо рече дека често земаме сѐ здраво за готово, па и Бог! „Лесно е да му пристапиме на Господ и да побараме нешто – нагласи Папата – но да се вратиме и да му се заблагодариме...“ Исус затоа и ги истакнува деветмината неблагодарни лепрозни: заборавија да се вратат и да му дадат слава на Бог (Лк 17, 17-18).

„На овој Јубилеен ден – продолжи Светиот Отец – пред очите ни е вистински пример, во кој можеме да се угледаме: Марија нашата Мајка. Откако ја слушнала пораката на ангелот запеала хвалоспев на Бог: „Мојата душа го велича Господа...“ Да ја замолиме нашата Богородица да ни помогне да препознаеме дека сѐ е Божји дар и да бидеме способни за тоа да кажеме „благодарам.“ Ве уверувам дека тогаш нашата радост ќе биде целосна. Само оној кој знае да се заблагодари ја познава полнотата на радоста.“

Папата на верниците им порача дека е потребна понизност за да бидеме способни да се заблагодаруваме, а денешното прво читање ни пренесува еден таков пример – Нееман Сириецот, војвода на сирискиот цар (4Цар 5, 14-17). Јелисеј од него не бара ништо освен да се потопи во водите на реката Јордан. Тоа барање го збунило, дури и го разлутило на Нееман: Дали Бог навистина е Бог ако бара такви ситници? Сакал да се сврти и да се врати назад, но потоа сепак се согласил и се потопил во водите на Јордан и веднаш оздравел.

Светиот Отец истакна дека токму срцето на Марија повеќе од било кое друго е понизно срце, срце способно да ги прими Божјите дарови. Нејзе – едноставна млада жена од Назарет која не живеела во палати, која не правела неверојатни нешта – Бог ја избира за да стане човек. Папата предложи да се запрашаме дали сме подготвени да ги прифатиме Божјите дарови или подобро се затвораме во сигурноста на сопствените планови.

На крајот Папата истакна дека и Нееман и Самарјанецот биле странци. Смета дека токму странците – често презрени и маргинализирани – можат да нѐ научат да одиме по патот кој Бог од нас сака да го одиме. „И Мајка Божја долго време била странец во Египет, далеку од своите роднини и пријатели. Сепак со вера успеала да ги надмине пречките. Да ја прифатиме таа едноставна вера на Светата Богомајка; да ја замолиме секогаш да можеме да се вратиме кај Исус и да Му благодариме за бројните дарови кои сме ги примиле преку неговото милосрдие,“ порача на крајот од проповедта папата Фрањо.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.