2016-10-24 10:06:00

Порака на папата Фрањо за Светскиот мисиски ден 2016


Мисионерска Црква, сведок на милосрдието

Драги браќа и сестри,

Вонредниот Јубилеј на милосрдието, кој го слави Црквата, фрла посебно светло исто така и на Светскиот мисиски ден 2016: нѐ повикува да размислуваме за мисијата ад гентес како големо, неизмерно дело на милосрдието, како духовно, така и материјално. На овој Светски ден на мисиите сме повикани да „излеземе“ како ученици мисионери, секој вложувајќи ги великодушно своите таленти, креативност, мудрост и искуство за да се донесе Божјата порака на нежност и сочувство на целото човечко семејство.

Преку мисионерското послание Црквата се грижи за оние кои не го познаваат Евангелието, бидејќи сака сите луѓе да се спасат и да ја искусат Божјата љубов. „Таа има задача да го навестува Божјото милосрдие, тоа пулсирачко срце на евангелието“ (Misericordiae vultus, 12) и да го навестува во секој агол од светот, да допре до секој маж и жена, млад или стар.

Во средбата со милосрдието на Отецот секоја личност се исполнува со длабока радост; од самиот почеток, Отецот полн со љубов се свртува исто така и кон најслабите, бидејќи неговата големина и моќ се открива токму во неговата способност да се поистоветува со малите, отфрлените и угнетените (сп. 5 Мојсеева 4,31; Псалм 85,15; 103,8; 110,4). Тој е милостив, внимателен и верен Бог, близок со секој оној кој е во потреба, посебно со сиромашните; тој влегува со нежност во човечката реалност, токму како што тоа го прави таткото и мајката во животот на своите деца (сп. Еремија 31,20). Изразот кој во Библбијата се употребува за милосрдие упатува на мајчинското крило: значи се однесува на љубовта на мајката кон децата, оние деца кои таа секогаш ќе ги сака, во секоја прилика, па и што да се случило, бидејќи се плод на нејзината утроба. Ова е важен аспект на љубовта која Бог ја негува кон своите деца, на посебен начин кон припадниците на народот, кој потекнува од него и кој тој сака да ги подигнува и воспитува; од нивните слабости и неверство, срцето му се возбудува и го опфаќа сочувство (сп. Осија 11,8). Тој е милосрден кон сите, неговата љубов е за сите народи и неговата нежност се протега врз сите созданија (сп. Псалм 144, 8-9).

Милосрдието наоѓа најголем и потполн израз во овоплотеното Слово. Го открива лицето на Отецот, богат со милосрдие „за него тој зборува и толкува не само со споредби и параболи, туку најмногу со тоа што тој милосрдието го овоплотува и олицетворува (Иван Павле II, енциклика Dives in misericordia, 2). Кога преку Евангелието и светите Тајни го примаме и го следиме Исус, со помош на Светиот Дух можеме да станеме милосрдни како што е милосрден нашиот небесен Отец; можеме да научиме да љубиме како што тој нас нѐ љуби и од својот живот да направиме бесплатен дар, знак на неговата добрина (сп. Misericordiae vultus, 3). Црквата во светот, пред сè е заедница која го живее Христовото милосрдие: постојано го чувствува неговиот поглед и го избира со својата милосрдна љубов. Таа љубов ја вдахнува Црквата во нејзиното послание, живее од таа љубов и дава да ја запознаат сите народи преку нејзиниот почитуван дијалог со секоја култура и верско убедување.

За оваа милосрдна љубов, како и на почетоците на Црквата, сведочат бројни мажи и жени од сите возрасти и положба. Важната и сѐ поголемата присутност на жените во светот на мисиите, рамо до рамо со мажите, е видлив знак на Божјата мајчинска љубов. Жените, лаици или посветени на Бог, денес неретко и цели семејства, својот мисионерски повик го остваруваат во разни облици: од директно навестување на евангелието до каритативна служба. Приклучени на евангелизациското и светотаинското делување на мисионерите, жените и семејствата често пати подобро ги разбираат проблемите на луѓето и знаат како на соодветен начин да пристапат и понекогаш на нов начин: во посветување на грижите од животот, ставајќи голема важност на луѓето, а не на структурите, и вложувајќи ги сите човечки и духовни ресурси во градење добри односи, хармонија, мир, солидарност, дијалог, соработка и братство, како меѓу поединци, така и во општествениот и културниот живот, посебно во грижата за сиромашните.

На многу места евангелизацијата започнува со образованието, за што мисионерските дела посветуваат многу време и труд, како милосрдниот лозар од Евангелието (сп. Лука 13,7-9; Иван 15,1), трпеливо чекајќи ги плодовите после долгогодишната изградба; на тој начин доаѓаат нови луѓе способни за делото на евангелизација и да се донесе евангелието на оние места каде тоа обично не може да се замисли. Црквата затоа може да се нарекува „мајка“ исто така и за сите оние кои еден ден ќе поверуваат во Христос. Поради тоа се надевам дека светиот Божји народ и понатаму ќе ја продолжи таа мајчинска служба на милосрдие, која помага на оние кои сѐ уште не слушнале за Господ, за да го најдат и да го возљубат. Верата е дар Божји, а не плод на прозелитизам; сепак таа расте благодарејќи на верата и љубовта на евангелизаторите, кои се Христови сведоци. Додека минуваат низ светот, Исусовите ученици мора да имаат љубов, која нема граници, истата таа љубов која нашиот Господ ја имаше за сите луѓе. Ние го навестуваме најубавиот и најголемиот дар кој ни го даде: неговиот живот и неговата љубов.

Сите народи и култури имаат право да ја примат пораката на спасението која е Божји дар на секој човек. Тоа е толку многу потребно кога ќе се земат во обѕир бројните неправди, војни и хуманитарни кризи кои треба да се решат. Мисионерите знаат од искуство дека евангелието на простување и милосрдие може да донесе радост и помирување, правда и мир. Заповедта од Евангелието: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал“ (Матеј, 28,19-20) воопшто не изгубило од важноста; напротив сите нѐ обврзува, во моменталните ситуации и сегашните предизвици, да се почувствуваме повикани на ново мисионерско „излегување“, како што тоа го напишав во Апостолскиот поттик Evangelii gaudium: „Секој христијанин и секоја заедница мора да го распознаат патот кој го покажува Господ, но од сите нас бара да го прифатиме овој повик: да излеземе од сопствената комотност и да имаме храброст да појдеме на сите периферии на кои им е потребно светлото на Евнагелието (20).

Токму во оваа јубилејна година се слави 90 години од Светскиот мисиски ден, кој е започнат од Папското дело за ширење на верата, а го одобри папата Пио XI во 1926 година. Поради тоа сметам дека е прикладно да потсетам на мудрите упатства на моите претходници, кои одредиле за тоа Дело да бидат наменети сите прилози кои во секоја бискупија, парохија, верска заедница, здружение и црковно движење во целиот свет ќе се соберат за помагање на христијанските заедници, на кои им е потребна помош и за помагање при навестување на евангелието до крајот на светот. Ниту денес, да не го изоставиме тој знак на мисионерското црковно заедништво. Да не дозволиме срцата да ни бидат затворени за нашите поединечни грижи, туку да ги отвориме за хоризонтот на целото човештво.

Нека Пресвета Богородица Марија, возвишена слика на откупеното човештво, мисионерски пример за Црквата, ги научи сите мажи, жени и семејства да ја негуваат и чуваат на секое место живата и таинствената присутност на Воскреснатиот Господ, кој ги обновува и исполнува со радосно милосрдие односите меѓу луѓето, културите и народите.

Од Ватикан на 15 мај 2016 година, на празникот Педесетница

Фрањо








All the contents on this site are copyrighted ©.