2016-11-03 15:34:00

Бежанците, Бегалците и Мигрантите дел од животот на Црквата


На тема „Бежанците, Бегалците и Мигрантите (1913, 1948, 2015-16 година) дел од животот на Црквата“, на 29 октомври 2016 година во црковната сала на парохијата „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Струмица, во организација на Деканатот Свети Кирил и Методиј се одржа средба за млади од повеќе парохии.

Средбата започна со молитва до Светиот Дух, а веднаш потоа отец д-р Зоран И. Стојанов парох во парохијата Свети Пророк Илија во Радово и декан на Деканатот Свети Кирил и Методиј ги пренесе поздравите на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостослки егзарх во Македонија, а потоа одржа предавање на тема „Како Црква можеме да бидеме на располагање на мигрантите.“ Засновајќи го своето предавање на блаженствата опишани во петтата глава од Евнагелието според Матеј, тој поттикна со таквите зборови да излеземе на улица и да ги пружиме како решение за стемежите.

Во првиот дел од оваа средба предавање одржа и о. Гоце Костов парох во парохијата „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Струмица. Отец Гоце зборуваше на тема „Мигрантите – видени во очите на нашето општество“. Давајќи еден историски осврт на бегалските катастрофи низ кои поминал македонски народ, посебно задржувајќи се на доаѓањето на „бежанците“ во Струмица и нивниот придонес во тоа време за градот, тој се осврна на прашањето: „Што ни донесуваат мигрантите“, посочувајќи го стравот, но и заедничките вредности кои можат да ги понудат тие луѓе. На крајот тој ги охрабри младите потсетувајќи ги на мисијата на Свети Кирил и Методиј меѓу Словените, мисијата на бежанците, а сега е нашиот ред.

Со ситуацијата на мигрантите во транзитниот центар „Винојуг“ покрај Гевгелија во своето излагање младите ги запозна о. Димитар Ташев парох во парохијата Свети Петар и Павле во Гевгелија. Истакнувајќи ги потресните сведоштва на луѓето со кои секојдневно тој се среќава во транзитниот центар, зборуваше за активностите на Македонски Каритас, односно пружење помош на овие луѓе преку храна, облека...

Вториот дел од оваа средба започна со Македонска химна за единство. Овој дел беше резервиран за претставување на историскиот и сегашниот момент на парохиите од Апостолскиот егзархат во Македонија

На крајот младите и свештениците дадоа свои видувања за актуелната ситуација со и околу мигрантите и животот по парохиите.

Средбата заврши со молитва и дружење во парохиската сала.

к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.