2016-11-03 15:29:00

Надбискупот Ауза за заштитата на човековите права


Надбискупот Бернардито Ауза – постојаниот набљудувач на Светиот Престол при Обединетите нации на 31 октомври 2016 година говореше на 71. седница на Генералното собрание на ООН за промовирањето и заштитата на човековите права.

Надбискупот Ауза истакна дека во срцето на човековите права е спознанието дека сите луѓе се родени со еднакво достоинство и вредност и дека го имаат основното право на живот кое би требало да се поддржува и чува во сите свои стадиуми - од зачнувањето до природната смрт.

Во својот говор се осврна на привремениот извештај на специјалниот известувач при Обединетите нации за човековите права. Се согласи со барањето дека државите треба да се позанимаваат со прашањето за систематското одземање на правото на живот поврзано со сиромаштвото, исклучително несоодветните услови за закуп и бездомништвото.

Апостолскиот нунциј го поздрави растечкиот глобален консензус околу укинувањето на смртната казна. Во тој контекст ги повтори зборовите на папата Фрањо – изречени минатата година во видео-пораката до учесниците на 6 Светски конгрес против смртната каза во Осло – дека „смртната казна денес е неприфатлива без разлика колку било тешко злосторството на осуденикот.“ Станува збор за престап „против неповредливоста на животот и достоинството на човечката личност“, а се противи и на „Божјиот план за поединците и општеството и неговата милосрдна праведност.“

Посебно внимание посвети на прашањето за правата на слобода на мислење, совест и вероисповед како што стои во член 18 од Општата декларација за човекови права. Не станува збор за толеранција и не е ограничено само на личната сфера. Вклучува и „слобода за промена на вероисповедта или уверувањето и слободата поединечно или во заедница со другите, јавно или приватно да ја искажува својата вероисповед или уверување со поучување, богослужба, практично вршење и обредите.

Надбискупот Ауза предупреди дека слободата на вероисповед и уверување се прекршуваат и се исмева во многу делови во светот: „Луѓето се прогонуваат, затвораат, а понекогаш и убиваат само заради нивните верски уверувања,“ истакна и додаде дека во некои земји верскиот и етничкиот прогон толку пораснал што претставува сериозно прекршуваше на меѓународните човекови права, додека во другите делови на светот верските малцинства се дискриминираат заради нивната облека или се присилени да избираат помеѓу вероисповедта и работата.

Надбискупот порача дека ниту самите верски заедници не се имуни на прекршувањето на слободата на вероисповед и уверување на другите. Одредени верувања се толкуваат нетолерантни што доведува до голем број верски прогони, а религијата најчесто се користи и злоупотребува за дефинирање на националниот идентитет и единство, со што станува извор на дискриминација. Освен тоа во одредени случаи – продолжи нунцијот – погрешното толкување на религијата потпомага во дискриминацијата од страна на државата.

Надбискупот Ауза се согласи со заклучокот на привремниот извештај во кој стои „дека често се потценува целосниот опфат на слободата на мислење, совест, веросиповед и уверување, а резултатот е несоодветна свест за ширината на повредата“ на човековите права и на крајот порача:

„Обновено и непрекинато внимание и делување за да се заштити и да се промовира слободата на вероисповедта и уверувањето и затоа тоа е основно нешто ако се сака да се направи значаен напредок во заштитата и промовирањето на човековите права.“

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.