2016-11-26 11:00:00

Опасноста не е во средбата, туку во затворањето


Создадени сме за да бидеме едни со други, а опасноста од повреди за нас не е во средбата, туку во затворањето и одбивањето на болните, бегалците, сиромашните – рече папата Фрањо во видео - пораката до учесниците на VI Фестивал за социјалната наука на Црквата кој се одржува од 24 до 27 ноември во Верона на тема: „Меѓу луѓето.“ Желбата на Папата е да бидеме едни со други во секоја ситуација во кој би можеле да се најдеме, станувајќи способни да не исклучуваме никој. Во видео - пораката Папата размислуваше за тоа што значи да се биде меѓу луѓето, објаснувајќи дека никој не може целосно да се изолира затоа што сме создадени да бидеме едни со други.

Кога луѓето се одвоени од оние кои се на власт; кога се донесуваат одлуки врз основа на моќта, а не како плод на јавното мислење; кога тие на власт се сметаат себе за поважни од народот и одлуките ги донесуваат малцинствата или се анонимни или секогаш ги одредуваат реални или наводни итни случаи, тогаш општествената хармонија е во опасност: расте сиромаштвото, загрозен е мирот, парите управуваат, а народот трпи. Да се биде меѓу луѓето е добро не само за животот на поединецот, туку за сите луѓе – истакна папата Фрањо.

Да се биде меѓу луѓето исто така значи да се искуси дека сме дел од народот. Секојдневниот живот – продолжи Папата – е можен затоа што не е само збир на многу поединци, туку заедничко настојување на многу луѓе кои се среќаваат за да придонесат за заедничкото добро. Да се биде заедно ни помага да ја видиме поголемата слика – смета Светиот Отец и додаде: Изолацијата е таа која прави зло, а не заедништвото. Изолацијата шири страв и недоверба и спречува уживање во братското заедништво. Треба да си говориме едни на други дека постои поголем ризик во изолирањето отколку во отворањето за другиот: постои поголема веројатност дека ќе се повредиме себе со затворањето и одбивањето отколку со средбата со другите – рече Папата.

Кога се грижиме едни за други – истакна Светиот Отец – многу малку си ги комплицираме животите, отколку кога сме фокусирани само на себе. Да се биде меѓу луѓето не значи само да се биде отворен за другиот, туку да му се дозволи да ни се приближи: да ме гледа, повика, допре, предизвика; другиот ми треба за да бидам способен да учествувам на сѐ што другиот ми овозможува. Односот имплицира размена меѓу луѓето: искуството ни говори дека обично примаме повеќе отколку што даваме. Меѓу нас постои вистинско човечко богатство: безброј приказни за солидарност, помош и поддршка во нашите семејства и заедници – рече папата Фрањо.

Навистина е впечатливо да се види со какво достоинство некои луѓе се соочуваат со економските потешкотии, болката, тешките работи како и другите предизвици. Да сретнеш вакви луѓе – смета Папата – ни се овозможува да ја допреме нивната големина и да примиме еден вид на светлина која прави појасно дека е можно да се негува надежта за идината: можам да верувам дека доброто е посилно од злото токму заради таквите луѓе.

Да се биде меѓу луѓето – продолжи Светиот Отец – го нагласува мноштвото на бои, култури, раси и религии. Луѓето ни помагаат да го искусиме од прва рака богатството и убавината на различноста. Само со големо насилство различноста, плурализмот на мислите и делувањето може да се сведе на еден единствен начин на постапување и мислење. Кога сте меѓу луѓето допирајте го човештвото: никогаш не само главата туку и срцето, постои повеќе содржина, конкретност, а помалку идеологија. За да ги решиме проблемите на луѓето треба да започнеме од дното треба да ги извалкаме рацете, да имаме храброст, да ги слушаме најсиромашните и оние кои најмногу се маргинализирани.

Да се биде меѓу луѓето ни дава пристап до животните поуки – смета папата Фрањо и потоа говореше за девојката која умрела на 19 години. На погребот владеала голема болка, но не и очајување: бил присутен одреден „спокој“, а мајка ѝ ја примила милоста на спокојот. Секојдневниот живот – рече Папата – е испреплетен со работи кои оставаат белег на нас. Тоа се случува само така: без говор или објаснување започнувам да разбирам кои работи во животот се навистина важни, а кои не се.

Конечно ги повика учесниците во Марија да го пронајдат најдобриот пример за да бидат меѓу луѓето: Девицата е понизна, никогаш во центарот на вниманието, но постојано е присутна и со Неа можеме да одиме по сите човечки патишта без страв и предрасуди; со неа сме способни да не исклучиме никој – рече на крајот од видео - пораката папата Фрањо.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.