2016-12-01 16:25:00

Папата го прими режисерот Мартин Скорсезе


Папата Фрањо во среда, 30 ноември 2016 година, го прими во приватна аудиенција познатиот американски режисер Мартин Скорсезе со неговата сопруга и нивните две деца, соопшти ватиканскиот прес-центар. Средбата е одржана во Апостолската палата, а гостите биле придружувани од префектот на Секретаријатот за комуникациите, монс. Дарио Вигано.

Аудиенцијата се одржа во пресрет на премиерата на новиот филм на режисерот "Silence", предвидена за 1 декември во Ватикан, во присуство на претставници од Дружбата Исусова и гости. Филмот ќе излезе во кината во САД на 23 декември, а во Италија на 12 јануари.

Филмот "Silence", по романот на јапонскиот писател Шусаки Ендо, објавен во 1966, раскажува за прогонот на група Исусовци во Јапонија во 17 век. Главните улоги се доверени на Ендрју Гарфилд и Лијам Нисон, кои учествуваа во историскиот филм „Мисија" на Ролан Жофе.

Срдечната средба траеше околу петнаесет минути, соопштено е од Ватикан. Папата на присутните им откри дека ја има прочитано книгата, која го инспирирала режисерот за овој филм и го истакна „семето посеано од Исусовците во Јапонија", како и „Музејот на 26-те маченици". Американскиот режисер на Папата му подари две слики насликани од „сокриени христијани", а од своја страна Светиот Отец на гостите им подари Свети Бројаници.

„Со овој филм се обидов да побарам одговор на прашањето како да се живее и која е смислата на нашиот живот", вели Мартин Скорсезе во интервју за Њујорк Тајмс, одговарајќи на прашањето како ќе го опише својот филм на средбата со папата Фрањо. Мартин Скорсезе е режисер и на друг филм посветен на христијанството, "Последното искушение на Христос" (1988).

РВ/к.мк

 








All the contents on this site are copyrighted ©.