2016-12-16 09:01:00

Пораката на Папата за 25. Светски ден на болните


Секој болен човек е човечко битие и така треба кон него да се однесуваме – потсети папата Фрањо во пораката за 25. Светски ден на болните која е објавена на 15 декември 2016 година, а кој ќе се одбележи на 11 февруари следната година на празникот Пресвета Богородица Лурдска.

Светскиот ден на болните го воспостави свети Иван Павле II, а темата на претстојната средба гласи: „Восхитувајте се на она што Боg ми го направи: Силниот ми направи големи дела“ (Лк 1, 49). Папата рече дека болните и луѓето со инвалидитет поседуваат неотуѓиво достоинство и мисија во животот. Никогаш не стануваат едноставно предмети, а ако изгледа дека се пасивни, во реалноста тоа не е случај – истакна Папата.

Во пораката посебно го истакна примерот на света Бернардета Субирус, која благодарение на љубовта била способна да ги збогати своите ближни и – пред сѐ - да го понуди својот живот за спасение на човештвото. Пресвета Богородица од неа побарала да се моли за грешниците и тоа нѐ потсетува дека болните како и оние кои трпат не сакаат само да бидат излекувани од своите болести, туку сакаат да живеат вистински христијански живот. Света Бернардета својот повик за служење на болните го извршувала на толку примерен начин што станала пример за секој здравствен работник.

Папата Фрањо во својата порака им загарантира на сите болни и на нивните семејства дека ќе се моли за нив, а воедно ја пофали работата на лекарите, медицинскиот персонал, волонтерите како и сите останати кои се ставиле во служба на болните и оние кои трпат и им кажа: Наоѓајте во верата, која се храни со Божјото Слово и светите Тајни, секогаш нова сила за да го љубите Бог и другите луѓе, па дури и во ситуации на болест – рече Папата и продолжи:

Нека на овој Светски ден на болните пронајдеме нов поттик да работиме за развој на културата на почитување на животот, здравјето и животната средина. Нека тој ден исто така поттикне на обнова на напорите да го браниме интегритетот и достоинството на луѓето и тоа преку исправен пристап на биоетичките прашања заштитувајќи ги оние кои се ранливи како и животната средина.

На крајот Папата ги повикува болните, здравствените работници и волонтерите да се помолат на Марија: Нека нејзиното мајчинско застапништво ја поддржи и придружува нашата вера, нека од Христос својот Син ни испроси надеж за нашиот пат на лекување и здравје, чувство за братство и одговорност, обврска за целосен човечки развој и радост за благодарноста, секој пат кога Бог ќе нѐ импресионира со својата верност и милосрдие.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.