Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ЦРКВА \ Во светот

Божиќ во Сирија

Кардинал Марио Зенари нунциј во Дамаск - AFP

29/12/2016 15:25

Божиќ во шестата година од војната изгледа како првиот христијански Божиќ – рече кардинал Марио Зенари апостолскиот нунциј во Дамаск говорејќи за Радио Ватикан.

Божиќ е празник на Младенецот Исус, семеен празник, а нашите мисли веднаш одлетуваат кај децата во Сирија кои најмногу страдаат и до сириските семејства. Треба да се каже дека децата воопшо најтешко ги плаќаат тешките последици од оваа шестгодишна војна. Последните слики ни ги покажуваат ладни, без кров над главата со семејство или без родители, најмногу гладни. Замислете колку деца се трауматизирани, колку останале под урнатините или паднале погодени од куршуми, а колку само се осакатени? Можеме да кажеме дека војната беше масакар на невини луѓе – истакна кардинал Зенари.

На прашање дека војната се заканува на сириското единство истакна дека Божиќ поттикнува на размислување за семејството, за Светото семејство, за сиромаштвото во витлеемската пештера и на бегството на Марија и Јосиф во Египет. Во Сирија гледаме многу семејства без кров над главата, без работа, гледаме разделени семејства затоа што таткото загинал или морал да замине во потрага за леб. Би кажал дека Божиќ нѐ поттикнува на размислување за судбината на многу деца и голем број семејства кои го живееле својот крстен пат и кои сѐ уште страдаат – рече апостолскиот нунциј.

На прашање за хуманитарната помош рече дека се повторува она што се случило кај Исусовото раѓање; рамнодушноста била таму, а и денес е многу голема. Потоа понизните луѓе како што се пастирите ја покажале својата солидарност, а мислам дека ниту денес не смее да се заборави солидарноста кон луѓето кои се погодени од оваа ужасна војна. На повеќе од 13 милиони луѓе им е потребна помош; иако доживеа политички неуспех сепак треба да се признае дека меѓународната заедница е присутна и настојува на луѓето да им помогне, а освен неа овде се и голем број меѓународни хуманитарни организации. Би сакал да ја истакнам работата на голем број волонтери во хуманитарните организации, а се проценува дека во војната загинале повеќе од илјада – рече кардиналот.

А на прашањето се чувствува ли Божиќ во Сирија рече дека во христијанските заедници како и секогаш се забележува славеничка атмосфера: се пеат божиќни песни, се поставуваат јасли, а каде што има струја осветлени се божиќните дрвца. Славењето е усогласено со можностите на народот. Напоменувам дека некои христијански заедници во своите цркви во Алепо не можат да слават затоа што се оштетени или целосно се уништени. Христијаните најмногу трпат заради тоа што не можат заедно да слават и затоа што многу христијани ја напуштиле земјата, посебно млади – заврши кардинал Зенари.

РВ/к.мк

29/12/2016 15:25