Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ПАПА \ Говори - Хомилии

За христијанскиот живот не се потребни чудни и тешки работи

Папат во текот на Литургијата во домот Света Марта; 9 јануари 2017 година

10/01/2017 10:20

Христијанскиот живот е едноставен, не се потребни некои чудни или тешки работи, доволно е да се стави Исус во центарот на нашите секојдневни одлуки – рече папата Фрањо повторно започнувајќи од 9 јануари 2016 година серија проповеди за време на светите Литургии во домот Света Марта.

По Божиќ започнуваме со ново литургиско време, време „во годината“. Но во фокусот на христијанскиот живот – рече Папата – секогаш е Исус првото и последното Слово на Отецот Господарот на вселената, Спасителот на светот. Нема друг, тој е единствен. Тој е центарот на нашиот живот: Исус Христос – истакна Папата. Исус Христос Кој се објавува, Кој се покажува, а ние сме повикани да Го запознаеме и препознаеме во бројните прилики во животот.

Напоменувајќи дека е добро да ги познаваме светците, па и нивните укажувања иако – предупреди – не сите укажувања се вистинити, Папата рече дека светците се важни, но центарот е Исус Христос. Без Исус Христос нема светци! Затоа треба да се запрашаме: дали Исус Христос е центарот на мојот живот? Каков е мојот однос со Исус Христос?

Три задачи се важни – според зборовите на Папата – за Исус да биде во центарот на нашиот живот. Првата задача е да го запознаеме Исуса за да Го препознаеме. Во неговото време многумина не Го препознавале: учителите на законот, свештениците, поглаварите, книжниците, садукеите и некои фарисеи. Напротив Го прогонувале и Го убиеле – рече Светиот Отец. Треба да се запрашаме: Сакам ли да Го запознаат Исуса? Или можеби повеќе ме интересира телевизиска серија или озборување или амбиции или пак познавањето на животот на другите? – рече папата Фрањо.

За запознавање на Исус постои молитвата, Светиот Дух – објасни Папата – но постои и Евангелието кое треба секогаш да се носи со себе за секој ден да прочитаме по еден дел. Тој е единствениот начин за да го запознаеме Исус. Тоа е семето. А потоа доаѓа делувањето на Светиот Дух Кој дава семето да никне и да расте.

Втората задача е обожавањето на Исуса. Не треба само да се бара од Него нешто и да Му се благодари – рече Папата и притоа истакна два начина за обожавање на Исуса: молитвата и обожавањето во тишина и отстранување од своето срце другите работи кои ги обожаваме, кои повеќе нѐ интересираат. Овде е потребен само Бог. Другите работи служат ако сум способен да Го обожавам Бог – истакна Светиот Отец.

Ја имаме молитвата – „Слава“: Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, меѓутоа често ја изговараме како папагали. Но таа молитва е обожавање! – истакна Папата. Да се поклонуваш со малите молитви и во тишина пред Божјата величина; да се поклонуваш на Исус и да кажеш: „Ти единствениот си почеток и крај, со Тебе сакам да останам цел живот, цела вечност.“ И да се отстранат работите кои пречат за да Му се поклонуваме на Исус.

Третата задача е наследување на Исус – истакна Папата. Како што вели денешното Евангелие во кое Господ ги повикува првите ученици. Тоа значи да се стави Исус во центарот на животот. Христијанскиот живот е многу едноставен но ни треба милоста од Светиот Дух за да ја разбуди во нас желбата за познавање на Исус, за обожавање и наследување на Исус. Заради тоа во воведната молитва Го молевме Господ да ни даде да спознаеме што треба да правиме и да имаме сила за тоа. Секој ден во едноставноста – затоа што за да бидеме христијани не се потребни чудни, тешки и непотребни работи – Господ да даде милост да го запознаеме Исуса, да Го обожаваме и да Го наследуваме – рече на крајот Светиот Отец.

РВ/к.мк

10/01/2017 10:20