2017-01-12 10:11:00

Папата предупреди на идолите и лажните надежи


Во својата катехеза за време на Генералната аудиенција на 11 јануари 2017 година во салата Павле VI во Ватикан, Светиот Отец говореше за вистинскиот темел на христијанската надеж и предупреди на многу и различни идоли кои на човекот му нудат лажна сигурност и утеха, а всушност го водат до смрт.

Катехезата на Папата ја пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри добар ден!

Во месецот што помина декември и во првиот дел од јануари го прославивме времето на Божиќниот пост и Божиќ: период во литургиската година кој во Божјиот народ буди надеж. Надевањето е примарна потреба на човекот: да се надеваш на иднината; да веруваш во животот – т.н. „позитивно мислење“. Меѓутоа важно е таквата надеж да се темели на нешто што навистина може да помогне за животот и на нашиот опстанок да му даде смисла. Токму заради тоа Светото Писмо ни укажува на лажните надежи кои ни ги предлага светот, симнувајќи им ја маската и укажувајќи на нивната бескорисност и бесмисленост. Тоа го прави на различни начини, сепак на посебен начин говори за невистинитоста на идолите, во кои човекот секогаш е во искушението да ја става својата доверба и правејќи ги така објект на својата надеж.

Пророците и мудреците на посебен начин инсистираат на тоа, допирајќи „во самиот нерв“ на патот до верата на верниците. Бидејќи верата е доверба во Бог, кој има вера се доверува на Бог... но доаѓа момент во кој човекот – соочен со тешкотиите во животот – стекнува искуство на „кревкост“ во својата доверба и чувствува потреба за различни „сигурности“, за опипливи и конкретни сигурности. „Јас се доверувам на Бог, но ситуацијата е малку лоша; имам потреба за конкретна сигурност“ - токму тука е опасноста! И така доаѓаме во искушение да побараме утеха макар краткотрајна, која само на изглед ја пополнува празнината на осаменоста и го ублажува заморот на верувањето. Потоа мислиме дека можеме да ја пронајдеме во „сигурностите“ кои ни ги нудат парите, сојузништвото со моќните, во световноста, во лажните идеологии. Понекогаш ја бараме во некој „бог“ кој би се наклонил на нашите барања и како со „магично стапче“ посредува за да ја промени реалноста и да ја одржи онаква каква што ни одговара; идол кој како таков не може ништо да направи, е немоќен и лажен. Но на нас идолите ни се драги. Еднаш во Буенос Аирес требаше да отидам од една црква во друга – на помалку или повеќе околу еден километар оддалеченост – што го поминав пеш... Некаде на средината на тој пат имаше парк во кој се наоѓаа мали масички; многу, многу, а на нив седеа гатачи и гледачи. Таму имаше и многу народ кои чекаа во ред. Имаше многу... и ти им ја пружиш дланката и тој започнува со работа. Но одговорот секогаш беше ист: „Во твојот живот постои една жена; ... гледам се наѕира една сенка, но не грижи се сѐ ќе испадне добро...“ и потоа – плаќаш! И тоа ти дава сигурност и таа сигурност – дозволете ми да кажам – е една глупост! „Ах отидов кај јасновидец и јасновитка и ми ги извлекоа тие и тие карти“ – знам дека никој меѓу вас тоа не го прави – „и веднаш подобро се чувствував.“

Ова ме потсетува на филмот „Miracola Milano“: Какво лице! А само каков нос...! – 100 лири! Ти наплатува за тоа што те слави и ти се додворува, давајќи ти лажна надеж! Тоа е идол, а ние сме многу наврзани. Купуваме лажни надежи. А надежта за бесмртност; таа која ни ја донесе Исус Христос бесплатно; го даде за нас животот на неа баш и не се доверуваме премногу!

Псалмот полн со мудрости на многу сугестивен начин ни ја одразува лажноста на овие идоли кои светот ги нуди на нашата надеж и во кои луѓето во сите времиња се во искушенија да ја стават својата доверба. Тоа е псалм 115 кој вели:

„А идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на човечки раце: уста имаат, а не зборуваат, очи имаат, но не гледаат; имаат уши, но не слушаат; имаат ноздри, но не мирисаат; раце имаат, но не пипаат; нозе имаат, но не одат; тие не пуштаат глас од грлото свое. Слични на нив се и оние што ги прават, такви се и оние што се надеваат на нив.“ (Псалм 115, 4-8)

Псалмистот – и тоа малку на ироничен начин – ни ја претставува апсолутната краткотрајност на овие идоли. Треба да сфатиме дека не станува збор само за творби од метал или друг материјал, туку за ликови и творби на нашиот памет кога се доверуваме на ограничени работи кои ги претвораме во „апсолутни“; или кога Бог го сведуваме на нас и на нашите обрасци и на нашите идеи за „божественото“; „бог“ кој е сличен на нас: разбирлив, предвидлив, токму како идолите за кои ни говори псалмот. Човекот - Божјата слика си создава „бог“ сличен на себе; па дури и не толку успешна слика (себе): кој не слуша, не делува – и пред сѐ – не може да говори.

Помило ни е да отидеме кај идолите отколку кај Господ? Толку пати сме позадоволни со краткотрајна и лажна надеж која ни ја даваат идолите, отколку со големата надеж и сигурноста кои ни ги дарува Господ. Надежта во Господ (Господарот) на животот, Кој со своето Слово го создаде светот и го води нашиот опстанок, се спротивставува на довербата во немиот привид. Идологиите со своето барање за апсолутното, за богатството – и ова е еден голем идол – за моќ и успех, за празнина со својата илузија за вечноста и семоќноста, за вредностите како телесната убавина и здравјето..., кога стануваат идоли за кои се жртвува секоја работа сите тие го збунуваат паметот и срцето и наместо во животот да помогнат водат до смрт.

Жално е да се слушне и боли во душата: го слушнав тоа во една друга бискупија, има многу години: една добра жена многу убава која заради својата убавина била и многу горда еднаш коментирала – како да станува збор за сосема нормални работи: „Да, морав да абортирам затоа што линијата ми е многу важна!“... Тие се идоли кои те носат на погрешен пат и не те прават среќен!

Пораката на псалмот е многу јасна: ако надежта се стави во идолите, стануваме како нив: празни ликови со раце кои не допираат; со стапала кои не одат; со уста која не може да зборува. Немаме повеќе што да кажеме; стануваме неспособни да помогнеме, да ги промениме работите; неспособни да се насмееме, да се даруваме, неспособни да љубиме... Дури и ние луѓето на Црквата се изложуваме на овој ризик кога го следиме световниот дух. Потребно е да се остане во светот, но и да се браниш од неговите илузии. Како што псалмот понатаму вели потребно е да се довереме и својата надеж да ја ставиме во Бог и Бог ќе даде благослов:

Доме Израелов, надевај се во Господ;. (...)

Доме Аронов, надевај се во Господ; (...)

Вие кои се боите од Господ, надевајте се во Господ; (...)

Господ се сеќава на нас и нѐ благословил (...) (Псалм 115 9-12)

Господ секогаш се сеќава на нас, па и во лошите моменти; секогаш се сеќава на нас. И тоа е нашата надеж; надежта која никогаш не разочарува – никогаш; идолите секогаш разочаруваат – илузии се, а не реалност. Таа е прекрасна реалност на надежта: доверувајќи се на Господ, стануваме како Него; неговиот благослов нѐ прави Негови деца, кои учествуваат во Неговиот живот. Надежта во Бог прави да влеземе, така да кажам, во воздухот на Неговото паметење (сеќавање) кој нѐ благословува и спасува. И тогаш може да се воздигне алилуја – „благодарам“ на живиот и вистински Бог, Кој заради нас е роден од Марија; умира на крстот и воскресува со слава! И во тој Бог ја полагаме својата надеж; а овој Бог Кој не е идол никогаш не разочарува. Благодарам.

Папата сите ги поттикна великодушно да го живеат своето заземање во Црквата во духот на понизната посветеност на браќа. Потоа Светиот Отец нагласи дека за влез на аудиенцијата постојат карти, на шест јазици на задната страна на секоја карта напишано е дека картата потполно е бесплатна! Па не треба да се плаќа влез на аудиенција – дали на плоштадот, или во салата; тоа е бесплатна посета – рече. Но слушнав дека има измамници, кои наплаќаат карти. Ако некој ви каже дека денес за влез на аудиенцијата треба да платете, ве лажат! Бидете внимателни! Доаѓањето овде е бесплатно и не се наплаќа; ова е дом на сите! Тоа не се прави! Јасно? – рече сериозно папата Фрањо.

Папата посебно ги поздрави младите, болните и немоќните луѓе и нововенчаните парови: Драги млади секојдневно откривајте ја милоста на примената света Тајна Крштение; драги болни во моментите на болка и неутешеност црпете сила од крстниот извор. А вие драги нововенчани парови, знајте да ги „преведете“ своите обврските на Крштението преку одењето во вашиот семеен живот. Благодарам.

На крајот од аудиенцијата и испеаниот Оче наш, Светиот Отец на присутните им го подели својот Апостолски благослов.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.