2017-02-06 09:51:00

Папата се сретна со Фоколарите


За да се избегне идолопоклонството на парите потребно е да ги делиме со другите - порача папата Фрањо на учесниците на средбата Економија на заедништво, во организација на движењето на фоколарите, кои ги прими во аудиенција на 4 февруари 2017 година.

„Економијата и заедништвото се два збора кои современата култура ги држи разделени и често ги смета за спротивни,“ рече Папата и истакна дека тие ги поврзале тие два збора, прифаќајќи го повикот на Кјара Љубик која го упати пред 25 години во Бразил.

Светиот Отец потоа предупреди на опасноста на парите кои можат да станат идол: „Парите се важни, посебно кога ги нема; исхраната, образованието и иднината на детето зависат од нив, но стануваат идол кога стануваат цел,“ а не средство. Кога капитализмот од заработката прави единствена цел, постои опасноста да се претворат во идолопоклоничка рамка, облик на обожавање. „Божица на среќата“ стана божество на опасниот финансиски систем кој уништува милиони семејства во целиот свет. „Идолопоклоничкото почитување е замената за вечниот живот,“ објасни Папата. „Одредени производи како автомобилите или мобилните телефони стареат и се трошат, но ако имам пари или кредит, можам веднаш да си купам нови, залажувајќи се дека така ја победувам смртта.“

Најдобар и најпрактичен начин да го избегнеме тоа идолопоклонство е парите да ги делиме со другите, пред сѐ со сиромашните или да им овозможиме на младите да студираат и да работат – рече Светиот Отец предупредувајќи дека не може да се служи на двајца господари: на Бог и на парите. Папата Фрањо потоа истакна голем број иницијативи, јавни и лични со кои се сака да се намали или да се искорени сиромаштвото. Тој гледа напредок: денес сме осмислиле голем број нови начини за да им помогнеме на сиромашните и отфрлените од општеството и имаме поуспешни институции отколку во минатото. Но, со избегнувањето на плаќање данок како и неговото затајување, не се прави само нешто незаконско, туку се негира основниот животен закон – законот за взаемна грижа.

„Главниот етични проблем на тој капитализам е што отфрла, а после отфрлените настојува да ги сокрие. Сериозен облик на сиромаштво во некоја цивилизација е кога таа повеќе не е во состојба да ги види своите сиромашни кои најпрво се отфрлуваат, а потоа се „сокриваат“, рече Папата. Потоа објасни дека ако економијата на заедништво сака да биде верна на својата харизма, мора да се погрижи не само за жртвите, туку исто така треба да гради систем каде што има сѐ помалку и помалку жртви, сѐ додека можеби и нема да има. „Сѐ додека економијата произведува барем една жртва, сѐ додека има барем една отфрлена личност, заедништвото нема да се оствари; славата на општото братство нема да биде целосно,“ рече Светиот Отец и додаде: „Според тоа, мораме да се работи за промена на правилата на игра на социо-економискиот систем.“

Наследувањето на добриот Самарјанин не е доволно – предупреди папата Фрањо. „Секако кога работодавачот или било која друга личност наиде на некоја жртва, тој или таа е повикан да се погрижи за неа. (...) Но, пред сѐ е важно да се делува пред некој човек да наиде на разбојници, борејќи се против рамката на гревот, кој произведува разбојници и жртви. Работодавачот кој е само добар Самрјанин ја прави само половината од својата должност: се грижи за денешната жртва, но не го намалува бројот на оние утрешните,“ рече Папата.

Светиот Отец на членовите на групите им рече дека е важно да се даруваш самиот себе: „Твоите пари, иако се важни, не се доволни. (...) Лесно е да се даде делот од својата заработка, а притоа да не ги прегрнам или да ги допрам луѓето кои ги примаат тие „трошки.“ Наместо тоа, доволно е само пет лебови и две риби за да се нахрани мноштвото ако се работи за дарување на целиот себе. Според логиката на Евангелието, ако не се даваш целосно, не се даваш доволно,“ рече папата Фрањо, завршувајќи го својот говор со следните зборови: „Нека „не“ на економијата која убива стане „да“ на економијата која дава живот затоа што е солидарна, ги вклучува сиромашните и ја користи заработката за да создаде заедништво.“

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.