2017-02-15 18:16:00

Монс. Стојанов: Болеста е најспасителното време во животот


Во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, на 12 февруари 2016 година Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија служеше света архиерејска Литургија по повод Светскиот ден на болни. На Литургијата сослужуваа и голем број свештеници од Апостолскиот егзархат, а во присуство на голем број здравствени работници.

На почетокот од проповедта владиката Стојанов истакна дека со оваа Литургија Црквата во Македонија се вклучува во прославата на Меѓународниот ден на болните, кој го основа светиот папа Иван Павле II и рече: „Ние, ете денес се собравме на света Литургија, да во неделната литургија - на посебен начин за вас возрасните и болните – го прославиме овој Ден на молитва и дела на милосрдието.“

Осврнувајќи се на Евангелието од Неделата на блудниот син, епископот Стојанов образложувајќи го рече: „Добро е што тогаш се сетил дека има татко... Внимавајте, тој бил (синот) голем болесник. Кога телото е болно тешко е, но не е трагедија, бидејќи телото и така е привремено, според својата природа. Но, на синот му била душата болна. Не, дух - психа, туку душата. Гревот ја уништува душата, а таа е повикана на вечен живот. Таткото сосема со право рекол: Овој мој син беше мртов, но оживеа... Како? Така што дошол, се вратил на вистинското место, каде може да му биде опростено, бидејќи во срцето на таткото живее љубов. Тропнал на вистинската врата, на вратата на својот дом, од кој што се откажал, но таткото не можел да се откаже од него. Понатаму ни е познато што сè се случило. Вратен е во куќата на својот татко, на своето наследство и повторно е свој со своите. Оздравел – воскреснал.“

Поврзувајќи го Евангелието со денот на болните бискупот Стојанов истакна: Кога ќе останеме без таа љубов, ние сме болни... Но, Бог не може да се откаже од нас, Тој чека да се вратиме. Денот на болните е во тоа, што прво нѐ повикува на обраќање, на враќање кон Отецот. Секој од нас – иако болен – знае да се врати во домот на својот Татко, каде е љубен... ја прифаќа својата болка како пат по кој се враќа „во пристаништето на спасението“ во вечноста. Ние мора да знаеме дека болеста е најспасителното време во нашиот живот. И дека сега сме најкорисни, бидејќи ништо повеќе не можеме, туку на Бога да го предадеме сето страдание, а тогаш Бог може сѐ преку нас. Чудно е тоа, но вистинито. Гледајте, Христос со крстот го отвори небото! Страданието беше Неговата семоќ кога сите мислеа: дека сега е сè завршено. Не, во страданијата е почетокот на нашето спасение за себе и уште повеќе – за нашите ближни!“

Во продолжение на проповедта владиката Стојанов го истакна најголемиот проблем на денешницата: Однесувањето на постариот син. Тој не забележал друго освен дека неговиот брат отишол... Немал братска љубов. Тој вели: Оној твој син... не вели оној мој брат. Во тоа е проблемот. Тој се откажа од љубовта и не го сака повеќе братот. Нема повеќе врска со него. Браќа и сестри, токму во тоа е современиот проблем кај сите нас. Каков е нашиот однос кон возрасните, болните, кои повеќе не се корисни? Проблем на современото општество е да се откажеш од некорисното. Сепак, нашите болни браќа и сестри не се странци, тие се наши. Не можам да се откажам од љубовта кон нив, бидејќи тогаш и јас се губам самиот себе. Ако немам љубов тогаш зошто сум човек? Што е син, ќерка, брат, сестра, болните и старите лица. Каде е нашата љубов? Каде е вистинската љубов, таму е христијанството. Не некаде на друго место, дури ниту овде во Црквата, ако нема Љубов, нема христијанство.“

На крајот од проповедта владиката Стојанов ја искажа својата радост за оваа Литургиска средба и повика „да се обратиме сите до Пресвета Богородица Лурдска, Здравје на болните да со својот заговор ни помогне само во едно и на здравите и на болните, а тоа е: да правиме добро, да љубиме.“

Прославата на Светскиот ден на болни заврши со молитва за болните и процесија околу Црквата со статуата на Богородица Лурдска.

Меѓународниот ден на болните се обележува секоја година на празникот Пресвета Богородица Лурдска, 11 февруари. Во Македонија одбележувањето се префрла во недела. Овој ден е востановен од светиот папа Иван Павле II со цел да се сврти вниманието кон болните и нивното достоинство, но истовремено и да се искаже благодарност до сите здравствени работници, кои несебично се жртвуваат во грижата и негата на болните.

к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.