2017-02-23 16:19:00

Папата: Човечкиот егоизам и грев го уништуваат создаденото


„Христијанската надеж значи дека веќе сме откупени, но го чекаме довршувањето,“ рече папата Фрањо на Генералната аудиенција на 22 февруари 2017 година на плоштадот Свети Петар. Папата со оваа катехеза ги продолжи размислувањата за христијанската надеж.

„Христијанинот не живее надвор од светот: тој во својот живот и во работите околу себе знае да ги препознае знаците на злото, егоизмот и гревот. Солидарен е со оние кои трпат, кои плачат, со исклучените и со очајните... Но, истовремено научил сето тоа да го гледа со очите на Воскресението, со очите на воскреснатиот Христос,“ рече Светиот Отец. Христијанинот така знае дека живее во време на чекање, исчекување на довршувањето; тој знае во надежта дека Господ со своето милосрдие ги исцелува ранетите и понижените срца и сето она што човекот го изобличува во својата изопаченост.

Појдовна точка во размислувањето на Папата беше делот од осмата глава од Посланието до Римјаните (8, 19-27). Во таа глава свети Павле упатува на тоа дека создавањето не е во наша сопственост, туку дека тоа е прекрасен дар, кој Бог ни го дал за да можеме да влеземе во однос со Него и да ги препознаеме трагите на Неговата љубов. Но, преку гревот нашето заедништво со Бог е рането, а тоа исто така важи и за создавањето кое истовремено е тажен знак на човечката алчност.

„Кога човекот дозволува егоизмот да го завладее,“ продолжи Светиот Отец, „тогаш на крајот се уништуваат и најубавите работи кои му се доверени. Така се случило со самото создавање. Да се сетиме само на водата: станува збор за нешто толку убаво и важно! Водата ни дава живот, ни помага. Но, кога ја загадуваме водата, тогаш созданието се валка и уништува. Тоа е само еден пример – има мноштво други. Преку трагичното искуство на гревот и преку кршењето на заедништвото со Бог сме го скршиле изворното заедништво со сѐ што нѐ опкружува и сме го расипале создавањето. Со тоа, тоа станало наш роб, подложено на нашата минливост. И за жал секојдневно можеме да ги гледаме последиците од тоа,“ рече папата Фрањо.

Но, свети Павле во своето Послание до Римјаните со радост вели дека Бог во својата сеопфатна желба за да спаси го слуша „воздивнувањето“ на сите созданија. И ние исто така можеме во себе да го слушнеме тоа воздивнување кое апостолот го споредува со породилни болки – тоа воздивнување не е „бескорисно жалење“, туку „израз на надежта за нашето откупување.“

„Воздивнувањето на сите созданија... тие зборови се силни,“ истакна Папата и продолжи: „Но, ако внимателно слушаме, заклучуваме дека сѐ околу нас воздивнува: самото созданието воздивнува, ние луѓето воздивнуваме, Духот воздивнува во нас, во нашето срце. Тоа воздивнување не е некое бесплодно, неутешно жалење, туку тие се породилни болки, воздивнување на оној кој трпи, но кој знае дека токму тоа донесува нов живот на светот! Во нашиот случај тоа навистина е така. Ние мораме да се бориме против последицата на нашиот грев и сѐ околу нас со тоа е обележано; но истовремено знаеме дека Господ нѐ спасил и ни е дадено да контемплираме и да го имаме предвкусот на воскресението, Велигден, новото создание во нас и во светот околу нас. Таа е содржината на нашата надеж,“ рече папата Фрањо.

„Колку пати ние христијаните сме искушувани од разочарувањето или песимизмот... Понекогаш се препуштаме на бескорисното жалење или остануваме без зборови и не знаеме што треба да бараме или на што треба да се надеваме. Но, Светиот Дух, духот на нашата надеж, ни доаѓа на помош! Тој го одржува во живот воздивнувањето и очекувањето во нашето срце. Тој гледа над негативните појави на сегашноста и уште сега ни го покажува новото Небо и новата Земја, кои Господ ги подготвува за човештвото,“ заврши Светиот Отец.

Папата Фрањо на крајот од Генералната аудиенција упати апел за народот во Јужен Судан, каде освен братоубиствениот конфликт владее и голем недостаток на храна, кој осудува на смрт од глад милиони луѓе, вклучувајќи и голем број деца.

Ги повика сите вклучени страни да не застанат само на изјавите, туку да овозможат конкретна помош во храна и да дозволат да се дојде до населението кое страда. Светиот Отец исто така се помоли Господ да ги зачува „овие наши браќа како и сите оние кои работат за да им помогнат.“

Владата на Јужен Судан во понеделникот во некои делови во земјата прогласи хуманитарна криза заради глад. Обединетите нации предупредија дека во тие подрачја, кои најмногу се погодени од војната и економската криза, околу 100 илјади луѓе се соочуваат со глад, додека на милиони други луѓе им се заканува гладот.

Пред Генералната аудиенција, папата Фрањо во помалата сала која е во склоп на салата Павле VI се сретна со роднините на италијанските државјани загинати во терористичкиот напад во Дака, главниот град на Бангладеш, на 1 јули 2016 година, кога исламските терористи убија 29 луѓе. Групата роднини, околу 30 луѓе ја придружуваше епископот на бискупијата Алифе-Каијацо, монс. Валентино ди Кербо. Тие пак со разни потфати на солидарност и мир одговараат на претрпеното насилство, а во тие потфати спаѓаат и градењето на црква во Бангладеш, во соработка со фондацијата „Помош на Црквата во неволја.“

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.