2017-02-27 10:21:00

Бискупот Стојанов во посета „Редемпторис Матер“ во Сараево


На празникот свети Поликарп, бискуп и маченик од Смирна, на 23 февруари 2017 година Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс д-р Киро Стојанов го посети Надбискупската мисиска меѓународна семинарија Редемпторис Матер во сараевското предградие Вогошче, придружуван од дон Давор Топиќ.

Вр рамките на својот повеќедневен престој во Босна и Херцеговина, Скопскиот бискуп со голема радост ја посети и оваа млада институција на Врхобосанската надбискупија, која оваа година слави пет годни од основањето. Неговата посета на семенаријата беше можност да ја запознае оваа мала реалност, која е многу поврзана со Црквата во Македонија. Имено, првиот ракоположен свештеник од оваа семинарија е токму о. Јошт Мезег од Словенија, кој сега е на служба како парохиски викар во Скопје.

По срдечните поздрави, следуваше света Евхаристија, која ја предводеше бискупот Стојанов, а во концелебрација на ректорот о. Микеле Капасо, парохот во Вогошча о. Алберто Зорнадо и о. Топиќ. Во пригодната хомилија бискупот Стојанов изрази радост за можноста да слави Миса во парохијата Света Мајка Тереза, која ги поврзува оваа семинарија за нова еванглеизација и црквата во Скопје, во која е родена светицата. Тој изнесе неколку црти од нејзиниот живот, а го истакна и мачеништвото на свети Поликарп, кој е пример за важноста на трпението во христијанскиот живот.

„Трпението е оруде за постигнување свети накани, како што се гледа од животот на свети Поликарп, кој во младоста го молел Господ да му дарува милост за мачеништво. На тој начин и трпеливоста е многу важна крепост и во животот на богословите, на посебен начин во односот со нивните воспитувачи“, рече бискупот Стојнаов, кој при тоа се присети и на своите богословски денови и тогашните поглавари. Тој ги поттикна воспитувачите и богословите на трпеливост во годините на воспитување во склад со доверената им служба и подготовка за свештеничкото послание.

Во својата хомилија бискупот Стојанов ја спомна и заедницата Мисио ад гентес во Куманово, каде што има дополнителна поврзаност со оваа семинарија. Потсети дека заедницата на Неокатекуменскиот пат во Куманово е составена од четири мисионерски семејства од разни делови на светот, кои се Христови сведоци и пример за христијанско и семејно заедништво. Тој истакна дека тие семејства даваат вистинско сведоштво за христијански живот.

После евхаристиското славење, бискупот Стојанов и неговите домаќини продолжија со дружење, на кое им се придружи и брачниот пар Никола и Сања Трајкови, по потекло од Струмица - Македонија. Ова семејство веќе шест години живее со седум деца во Сараево и е составен дел од заедницата Мисио ад гентес, која ја основа кардинал Винко Пуљиќ во 2011 година како средство за Нова евангелизација, која никна од Неокатекуменскиот пат

„Светиот Дух уште еднаш покажа дека Црквата е богата и разнолика и оваа милосна посета на апостолот на нашето време за сите значи утеха и охрабрување“, рече ректорот Микеле на крајот од посетата.

к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.