2017-02-27 09:55:00

Паролин: Потребна ни е правична глобална економија


Папскиот државен секретар, кардинал Пиетро Паролин на 22 февруари 2017 година повика на повеќе правична глобална економија која пред сѐ го промовира мирот, развојот и човечкото достоинство.

Кардиналот зборуваше на тема „Миграцијата во инклузивната економија“ за време на меѓународниот форум кој на 21 и 22 февруари се одржа во Рим. Форумот беше во организација на новата Дикастерија за промовирање на целосниот човечки развој во соработка со Меѓународната миграциска мрежа Скалабрини и фондацијата Конрад Аденауер.

Целта на форумот беше промовирање на креативно партнерство меѓу владините агенции, меѓународните организации и групите на цивилното општество за да се фатат во костец со интеграцијата на мигрантите во земјите во кои пристигнаа и за да се поддржи одржлив развој во земјите од каде што мигрантите доаѓаат.

Истакнувајќи дека јазот помеѓу богатите и сиромашните е неприфатлив во свет кој има средства за да се грижи за сите луѓе, кардинал Паролин ја истакна врската помеѓу мирот, развојот и почитувањето на човековите права. Но, исто така рече дека во многу места има можност да се види политиката која води до несигурност и страв, судир на интереси и кршење на човековите права.

Таквата политика – продолжи – доведува до миграциски текови, што е еден од главните проблеми со кои се соочува денешниот свет. Кога тие луѓе наидуваат на бариери, поголема е шансата дека ќе побараат алтернативни рути, дека трговците со луѓе ќе ги искористуваат и злоупотребуваат и често ќе го загубат животот во тој процес. Наместо на ова да гледаме како на привремена вонредна ситуација, мораме да се фатиме во костец со главните причини и заедно да работиме на глобални решенија, делејќи ја одговорноста за сигурни и одржливи миграциски текови – предупреди кардинал Паролин.

Папскиот државен секретар истакна дека секоја држава има право да ги надгледува своите граници и да одлучи кого ќе пушти во земјата во согласност со ресурсите и прифаќањето кое може да го понуди. Но, се присети на зборовите на папата Фрањо до дипломатскиот кор на почетокот од ова година, кога Светиот Отец ги поттикна владите да не ги гледат мигрантите само како бројки, туку да донесат мудри и долгорочни одлуки заедно со конкретни дела кои промовираат мир и тежнеат за општо добро.

Кардиналот исто така го истакна клучниот придонес кои мигрантите го даваат на економијата и општественото ткиво на земјите во кои се доселени, често покажувајќи иновација и иницијатива, одлучност и прилагодување и жилавост кога се соочени со предизвиците. Ги поттикна земјите домаќини да ги заштитат правата и достоинството на најранливите мигранти, нудејќи им работна флексибилност, можност за преквалификација и пристојни животни услови, а притоа од вид да не ги изгубат потребите и интересите на своите најсиромашни.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.