2017-03-03 16:28:00

Единствениот сигурен пат е да се следи распнатиот Христос


Компас за христијаните е наследувањето на распнатиот Исус, не „бестелесниот“ туку овоплотениот Бог, Кој на себе ги носи раните на браќата – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 2 март 2017 година во капелата на домот Света Марта.

На почетокот на Великиот пост силно одекнува повикот за преобраќање. Денешната Литургија тој повик го става пред три реалности: човекот, Бог и патот. Човековата реалност е избирање помеѓу доброто и злото: Бог нѐ создаде слободни, изборот е наш, но Бог не нѐ остава сами, со заповедите ни го покажува патот на доброто. Другата реалност е Бог: на учениците им било тешко да го сфатат Исусовиот крстен пат. Бог на себе ја зема човечката реалност, сѐ освен гревот. Нема Бог без Христос, Бог без Христос, „бестелесен бог“, не е вистински бог – рече Папата.

Божјата реалност е дека Бог стана Христос заради нас, за да нѐ спаси. Ако се оддалечиме од таа реалност, од Христовиот крст, од вистината на Господовите рани, се одалечуваме од Божјата љубов, од спасението и одиме на далечен идеолошки пат за Бог: но Бог е Тој Кој доаѓа кај нас и кој ни се приближи за да нѐ спаси, а умре заради нас. Тоа е Божјата реалност – рече Папата и потсети на дијалогот помеѓу еден агностик и верник, кој во минатиот век го опишал еден француски писател.

Добронамерниот агностик го прашал верникот: Како можам... имам проблем да го сфатам Христовото божество. Како Тој може да биде Бог? Верникот одговорил: Тоа воопшто не ми е проблем. Проблемот би ми бил, ако Бог не станеше Христос. Божјата реалност е ова: Бог стана Христос, Бог се овоплоти, а тој е темелот на делата на милосрдието. Раните на нашите браќа се Христови рани, затоа што Бог стана Христос. Втората реалност. Не можеме да го живееме Великиот пост без преобраќање, мораме да се преобратиме и да Му веруваме на Бог, Кој се овоплоти во Христос, а не во некој апстрактен бог – рече Папата.

Осврнувајќи се на третата релност на христијанскиот живот, на одењето, Папата ги наведе Исусовите зборови: Ако некој сака да врви по мене, нека се одрече од самиот себе, нека го земе својот крст и нека ме следи. Реалноста на наследувањето е реалноста на Христовиот пат: да се следи Христос, да се извршува Божјата волја, како Тој, да се земат секојдневните крстови и да се одречеш од себе, следејќи го Хрстос. Не треба да ја вршиш сопствената волја, туку она што Исус го сака; да се следи Исус – истакна Светиот Отец додавајќи:

Исус вели дека на овој пат го губиме животот, за после да го добиеме; тоа е постојано губење на животот, негирање на сопствените волји, загуба на комотноста, секогаш треба да се оди по Исусовиот пат кој бил служење на другите, почитување на Бог. Тој е вистинскиот пат. Единствениот сигурен пат е да се следи распнатиот Христос, соблазната на крстот. А овие три реалности: човекот, Бог и патот за христијаните се компасот, кој ни го покажува вистинскиот пат – заврши Папата.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.