Cоцијални мрежи:

RSS:

App:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ЦРКВА \ Во Македонија

Повик на молитва и апел за мир

Бискупот Стојанов повика на молитва и мир - RV

15/03/2017 10:52

Во среда 9 март 2017 година Н.П. монс. д-р Киро Стојанов, упати повик на молитва до своето свештенство и верниците од Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија и до сите луѓе со добра волја да ги интензивираат своите молитви за доброто во општеството на Република Македонија

Почитувани браќа свештеници, драги верници, браќа и сестри - луѓе со добра волја!

Во нашата Татковина – Република Македонија, деновиве сме сведоци на настани кои не само што вознемируваат, туку влеваат и страв. Што е тоа што се случува во нашето општество? Надвиснале мрачни облаци на немир и недоверба. Тие ги загрозуваат темелните вредности на едно општество што ние како граѓани се обидуваме да го градиме со нашиот човечки и вернички идентитет.

Бог нè повикал во живот овде и сега, затоа секој од нас го има повикот своите таленти да ги вложи токму за изградба на ова општество, во мир и слобода. Чувствуваме одговорност за животот во нашата Татковина - Македонија. И во оваа пригода истакнуваме дека и како граѓани и како верници повикани сме да ја почитуваме автономијата и суверенитетот на Државата, Уставот и Законите. Живееме со своите различности, но иднината ја градиме заеднички за доброто на сите, иднината што ќе ни донесе мир и сигурност.

Како верници, во секое општество, па така и во нашето, ние имаме посебна задача, а таа е сесрдно да воздигаме молитва до Семоќниот Господ Бог, Тој да ја заштити од секое зло оваа наша напатена земја, да ѝ подари мир и сигурност. Мирот се раѓа во срцето и во совеста. Мирот е Божји дар, Божји план за човештвото, а немирот се раѓа кога човекот е далеку од Бога. Да се вратиме во Бога, за мирот да се врати во нашите срца, во нашите семејства и во нашето општество. Затоа ги упатуваме нашите молитви до Бога за сите оние кои ја носат одговорноста за заедничкото добро на оваа земја, молиме Светиот Дух да ги просветли и исполни со мудрост и со сила за во мир и низ дијалог, спогодбено да ги носат одлуките за општото добро на сите луѓе. Исто така го повикуваме секој човек со добра волја, да даде свој придонес за мирен соживот и за почитување на неотуѓивите права дадени од Бога.

Со овие размисли повикувам во сите наши Цркви во Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија за поинтензивни молитви за благосостојба на ова наше општество, а со тоа и за доброто на нашата Татковина – Република Македонија.

Почитувани браќа свештеници, драги верници, браќа и сестри - луѓе со добра волја, на сите вам ви упатувам Божји благослов, молејќи, по застапништвото на Пресвета Богородица, свети Климент Охридски и света Мајка Тереза, Семоќниот Господ Бог, Создател и Спасител на човечкиот род, да поттикне многумина решително да се заложат за изградба на „цивилизација на љубовта“ и на меѓучовечките односи, без кои не може да се оствари мирен и сигурен заеднички соживот во ниту едно животно опкружување.

Со Божји благослов

+ Киро Стојанов

Бискуп

15/03/2017 10:52