Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ПАПА \ Документи

Папата до младите: Потребни сте на Црквата и општеството

Папата на Светскиот ден на млади во Краков, во Полска, 30 јули 2016 година - REUTERS

22/03/2017 10:06

На 21 март 2017 година е објавена пораката на Папата до младите по повод 32 Светски ден на млади 2017 година кој на бискупско ниво ќе се одбележи на Цветници, 9 април 2017 година.

Тема на овогодинешната средба е земена од Евангелието според Лука и гласи: „Зашто Силниот ми направи големи дела“ (Лк 1, 49). Оваа година папата Фрањо на младите од целиот свет сака да им ја претстави пораката по пат на видео: во него Светиот Отец се осврна на некои теми кои се обработуваат во документот и ги повика младите на пат за духовна подготовка за следниот Светски ден на млади кој ќе се одржи во Панама од 22 до 27 јануари 2019 година.

Потсетувајќи на минатогодишниот Светски ден на млади во Краков, како и на фактот дека се на пат кон следната средба во Панама 2019 година, Папата истакна дека за него се многу важни тие моменти на средба и дијалог со младите, и додаде дека сака тој пат да биде усогласен со подготовката за следната бискупска синода која е посветена токму на младите.

„На оваа патување нѐ придружува нашата Мајка, Дева Марија“, рече папата Фрањо и продолжи: „Таа нѐ поттикнува со својата вера, она иста вера која ја изразила во својот хвалоспев. Марија рекла: „Зашто Силниот ми направи големи дела“ (Лк 1, 49). Знаела да му се заблагодари на Бог кој погледнал на нејзината понизност и ги препознала големите работи кои Бог ги направил во нејзиниот живот.“

Светиот Отец рече дека Марија поаѓа на пат за да ја посети својата роднина Елисавета, која била стара и на која ѝ била потребна близината на Марија. Марија не се затворила во својот дом затоа што не спаѓала – како што Папата се изрази – во кауч-млади кои бараат удобност и сигурност, не сакајќи никој да им пречи. „Била поттикната од верата затоа што верата е срце на целокупната животна приказна на Нашата Мајка,“ рече папата Фрањо.

Ги потсети младите дека Бог и нив ги гледа и ги повикува, а кога Он тоа го прави, ја гледа целата љубов која тие можат да ја понудат. И тие како „девојката од Назарет“ можат да го подобрат светот и да остават впечаток кој ја одбележува историјата – како нивната така и историјата на многу други. „На Црквата и на општеството им сте потребни!“, истакна Папата: „Со вашиот пристап и со вашата храброст, со вашите соништа и идеали, ѕидовите неподвижни се рушат и се отвораат патишта кои нѐ водат кон подобар, поправеден, помалку суров и похуман свет.“

На крајот младите ги поттикнува во текот на патувањето кон Светскиот ден на млади 2019 година да негуваат однос на близина и пријателство со Блажена Дева Марија. „Таа е наша Мајка. Разговарајте со Неа како што би разговарале со мајка. Заедно со неа заблагодарете се за скапоцената вера која сте ја примиле од предците и предајте ѝ го целиот живот. Како добра Мајка таа вас ве слуша, прегрнува, ви сака добро, оди заедно со вас. Ве уверувам ако тоа го правите, нема да зажалите,“ стои на крајот од видео пораката на Папата.

РВ/к.мк

22/03/2017 10:06