2017-03-22 09:55:00

Можеби бараме „кладенци“ кои не ја задоволуваат нашата жед


Папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов на 19 март 2017 година се осврна на евангелието за Третата недела од Великиот пост и рече дека Исус ни се обраќа на нас како и на Самарјанката и сака да ни ја даде својата благодат и радоста на животот спасени.

Текстот пред молитвата Ангел Господов го пренесуваме во целост.

Драги браќи и сестри, добар ден!

Евангелието од оваа Трета недела на Великиот пост, ни го претставува разговорот на Исус и Самарјанката. Средбата се случува за време на Исусовото минување низ Самарија, подрачје помеѓу Јудеја и Галилеја, кое е населено од народ (Самарјанци) кои што Јудејците ги презирале, сметајќи го за расколнички и еретички. Но, токму овој народ бил меѓу првите кои го прифатиле христијанското навестување на апостолите. Додека учениците заминале во блиското место за да набават храна, Исус останал сам на кладенецот и од жената, која дошла за да наполни вода, бара да пие. Со тоа започнува дијалогот. „Како, Ти бидејќи Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш? Исус ѝ одговорил: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: „Дај ми да пијам“ – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива, вода која ја гаси секоја жед и станува непресушен извор во срцето на оној кој пие.“

Да се оди на кладенец и да се наполни вода е напор и гњавење; би било убаво да се има на располагање некој тивок извор! Но, Исус зборува за друга вода. Кога жената сфаќа дека човекот со кој разговара е пророк, му го доверува сопствениот живот и му поставува верски прашања. Нејзината жед за љубов и полнота на животот не ја задоволиле ниту петмината мажи кои ги имала, уште повеќе големата почит која Исус ја има за неа и кога Тој зборува за вистинската вера, како однос со Бог Отецот „во духот и вистината“, тогаш таа интуитивно сфаќа дека тој човек би можел да биде Месија и Исус – што многу ретко – тоа го потврдува: „Јас сум, Кој зборувам со тебе.“ Тој на жената со толку несреден живот се покажува како Месија?!

Драги браќа водата која дава живот вечен ни е вбризгана во срцето на денот на Крштението; тогаш Бог нѐ преобразил и нѐ исполнил со својата благодат. Но, може да се случи овој голем дар да сме го заборавиле; или да ни е сведен само на информација; и трагаме за „кладенеци“ чии води не ни ја гасат жедта. Бараме кладенци чии води не се чисти...

Тогаш ова евангелие е токму за нас! Исус ни зборува како и Самарјанката. Секако, ние го познаваме, но можеби сѐ уште лично не сме го сретнале, и не сме го препознале како свој Спасител. Ова време на Великиот пост е добра можност да му се приближиме, да го сретнеме во молитвата и во дијалогот – од срце до срце; можност да здогледаме во неговото лице лицето на братот или сестрата кои трпат. На тој начин можеме да ја обновиме во себе крсната благодат, да ја задоволиме жедта на извор на Божјото Слово и од Неговиот Свет Дух; и така да ја откриеме радоста да бидеме уметници на помирувањето и средства на мирот во секојдневниот живот.

Нека Дева Марија ни помогне трајно да полниме од благодата која извира од Карпата – Христос Спасителот, за да можеме со уверување да ја исповедаме својата вера и со радост да ги навестуваме чудесата на љубовта на Бог милосрдниот – изворот на секое добро.

Ангел Господов

Својата близина сакам да ја изразам на драгиот Перуански народ, тешко погоден од големите поплави. Се молам за жртвите, како и за оние кои се заземаат околу давањето помош.

Вчера во Болзано за блажен е прогласен Јозеф Мајр-Нусер, татко на семејство и член на Католичката акција, маченик кој заради верноста на Евангелието, одбил да се приклучи на нацизмот. Заради својата морална и духовна интелигенција, станува модел за верниците лаици, посебно за татковците, кои денес со љубов ги спомнуваме, иако литургиски празникот на свети Јосиф, ова година се слави утре. Сите татковци да ги поздравиме со голем аплауз!

Срдечно ве поздравувам сите вас, поклоници од Рим, Италија и други земји. Ги поздравувам неокатекуменските заедници од Ангола и Литванија, како и одговорните од заедниците на Свети Егидиј од Африка и Латинска Америка. Ги поздравувам италијанските верници од Витербо, Болгореја, Сан Бенедето По, како и студентите од Тархијарола.

На сите ви посакувам пријатна недела и не заборавајте да се молете за мене. Добар апетит и се гледаме.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.