Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ЦРКВА \ Во светот

Надбискупот Хосер за претстојната посета на Меѓугорје

Надбискупот Хенрик Хосер - RV

23/03/2017 16:05

„Мојата улога е внимателно да ја испитам локалната пасторална состојба, посебно потребите на поколониците. Исто така би требало можеби да предложам пасторални иницијативи за во иднина,“ рече полскиот надбискуп во неодамнешниот разговор за порталот Алетеија, додавајќи дека неговото послание има исклучиво пасторално обележје. Потсетуваме дека папата Фрањо во февруари го задолжи надбискупот Хосер да оди во Меѓугорје како посебен делегат на Светиот Престол.

Надбискупот рече дека најпрво ќе се сретне со апостолскиот нунциј во Босна и Херцеговина, надбискупот Луиџи Пецути и врхобосанскиот надбискуп, кардинал Винко Пулиќ, а после тоа ќе се сретне со бискупот Ратко Периќ, кој е на чело на Мостарско- дуванската бискупија, и фрањевците кои управуваат со светилиштето во Меѓугорје. „Пред сѐ, внимателно ќе ги слушнам различните мислења и ќе ја испитам локалната пасторална состојба,“ истакна полскиот надбискуп.

Мостарскиот бискуп неодамна во писмо повторно ја доведе во прашање веродостојноста на укажувањата во Меѓугорје. Тоа предизвика загриженост кај многу верници во целиот свет. Дали нивното поклонение било залудно? Дали нивните молитви се невистинити? – се прашуваат тие. Надбискупот Хосер нагласи дека нема причина за загриженост затоа што Црквата сѐ уште не донела суд за веродостојноста на објавите. Откако повика на мирно исчекување на конечниот суд на Црквата, продолжи:

„Не е прв пат на Црквата да ѝ треба време за донесување на одлука, посебно затоа што овие објави на Марија се значајно поинакви од поранешните,“ коментираше бискупот Хосер. „Освен тоа, таквото прашање нема ништо да промени во црковната наука за почитувањето на Марија. Ако богородичната побожност процветала во Меѓугорје, ако толку мноштво оди таму, тогаш тоа е место каде почитувањето ќе си продолжи, бидејќи Нашата Богородица може да се почитува било каде, посебно на оние места каде почитувањето е плодно,“ истакна посебниот делегат на Папата.

Католичката црква до сега не ги признала наводните објави на Пресвета Богородица во Меѓугорје. Туку во јуни 2015 година папата Фрањо рече дека наскоро ќе донесе одлука за Меѓугорје. Неговиот претходник папата Бенедикт XVI во 2010 година основаше комисија за Меѓугорје, која треба да ја испита веродостојноста на објавите. После четири години работа, Комисијата во 2014 година ги поднесе своите заклучоци на папата Фрањо. Светиот Отец потоа го достави случајот на Конгрегацијата за наука на верата која до денес нема донесено конечна одлука.

Меѓугорје годишно го посетуваат помеѓу 2 и 2,5 милиони поклоници од целиот свет и се вбројува меѓу најголемите католички поклонички места. Токму од таа причина Црквата е заинтересирана за добрата пасторална грижа за поклониците независно од веродостојноста на објавите.

РВ/к.мк

23/03/2017 16:05