Cоцијални мрежи:

RSS:

App:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ЦРКВА \ Во Македонија

Воскресна проповед на монс. Стојанов во Струмица

Епископот Стојанов - RV

18/04/2017 11:32

Драги браќа и сестри, веќе во посланието упатено до сите верници во бискупијата и егзархатот споменав дека Велигден е еден вид почеток и трансформација во нашиот живот. Пролетта како таква некако и нè потсетува на тој чин на нешто ново. Во денешната литургија читаме почеток на Делата светите апостоли што ни ги запиша свети Лука. Всушност, Делата апостолски се првата историја на Црквата која започна со Христовото воскресение, а ја запиша свети Лука, сепак таа историја и сега трае и се пишува со Делата апостолски.

Добро е во овој свечен миг да се забележи дека Лука го навести како еден вид почеток на Христовото воскресение кој се покажа на своите апостоли и ги направи сведоци. Често пати размислуваме за својата вера како за нешто што го знаеме, што го познаваме и за што можеме да зборуваме и разговараме. Сепак, останува прашањето: дали е тоа наша вера? Дали таа се темели на некое знаење, познавање или на нешто друго? Тоа што Лука ни го навести во првите редови од Делата апостолски, а Иван го запиша во првата глава од своето Евангелие, говори нешто друго. Нашата вера најнапред е Божји чин со кој Бог како вели свети Августин и без наша заслуга влегува во нашиот живот. Имено, светото Крштение е чин во кое ја соблековме природата Адамова на смртниот и грешен човек, а го облековме Христос како нов човек. Можеби тоа звучи чудно, но е силна вистина дека христијанинот со крштението прими нова природа, бидејќи стана наследник на божествената природа. Иван вели дека не сме родени поинаку одошто од вода и Светиот Дух. Очигледно не мисли на нашето биолошко раѓање, бидејќи по него имаме татко и мајка од кои сме плод на љубовта. Но, преку крштението од вода и Светиот Дух стануваме синови и ќерки на Небесниот Татко, браќа и сестри во Исус Христос, а храмови на Светиот Дух. Свети Лука спомнува дека Исус после воскресението се покажувал, сведочел, поучувал, но немаме ниту едно сведоштво дека апостолите тие средби ги сведочеле на другите сè до оној миг кога беа крстени од Светиот Дух. Што значи, за христијанскиот живот не е доволно само знаење, ниту познавање, ниту разговор, туку ни треба зафат од Светиот Дух кој после крштението, а пред сè после светото Миропомазание, се вселува во нас. Свети апостол Павле вели дека не можеме да кажеме дури ни дека е Христос Господ, Кириос, освен во Светиот Дух.

Браќа и сестри, што конкретно ни значи сега нашиот собир на оваа литургија во нашата Катедрала. Ни значи многу. Дали сме подготвени сега да ја отвориме секоја клетка на нашето срце, нашата совест и нашиот дух и да ѕирнеме какви сè незнаења, несогласувања дури и гревови има покриено, наталожено во таа длабочина на нашето јас, каде нема никој пристап, а сепак Бог е единствен сведок на секоја наша мисла, збор и дело од кои и се срамиме. Конкретно тоа значи да се отвориме и го замолиме Светиот Дух кој за која минута овој леб на олтарот и чашата со вино ќе бидат претворени во Исусовото тело и крв. Како ќе можеме да веруваме дека тој леб е тело, а таа чаша со вино крв, ако пред тоа не допуштиме Светиот Дух да нè расветли во секој агол на нашето битие. Ако на апостолите им беше потребно педесет дена да поверуваат дека тоа воскреснато тело е Исусовото тело, а не некое привидение, колку тогаш нам ни е потребно да и нас Светиот Дух нè просветли за да можеме да поверуваме дека Христос е жив и воскреснат на нашите олтари. Уште потешко е да ја разбереме природата на Црквата во која би требале во секој човек да го препознаеме лицето на Исус Христос.

О, колку е тоа тешко, кога во толку многу таа сличност е наградена, но исто така и осакатена. Затоа, потребно е не само чисто срце, туку и чист поглед. Дали би можеле да си замислиме дека денес на Велигден би можеле секој од нас да го погледнеме својот сосед, секој свој роднина директно во очи и да поверуваме дека Христос и во него е присутен. Да, драги браќа и сестри, Велигден е празник кој е напорен и бара многу од нас, бидејќи не може да се слави со обичаи туку бара од нас, или, или односно промена или во спротивно Велигден нема. Ако се вратиме на почетокот на проповедта ќе видиме дека Лука започна да ја пишува историјата на Црквата, меѓутоа тука во Струмица и нашиот Егзархат ја пишуваме: не само владиката, свештениците, чесните сестри, туку сите ние заедно и секој поединечно и секој нејзин верник. Како? Јасно да сведочиме со силата на Светиот Дух дека Христос е жив и видлив во нашите дела на љубовта, да бидеме утеха и надеж во оваа наше време на бројни непосакувани настани и со својата непоколеблива вера да ја искажем нашата љубов кон Бога и ближниот.

Нека ви е благословен овој ден на Христовото воскресение кој започнува во пракса веднаш со самото наше излегување од Црквата и да се потрудиме сето тоа да го пренесеме во живот. Честит празник Воскресение Христово – Христос Воскресе!

18/04/2017 11:32