2017-04-18 11:11:00

Папата: Последниот збор повеќе го нема смртта, туку животот


Првиот ден по Воскресението – на Светол понеделник – папата Фрањо се обрати на верниците собрани на плоштадот Свети Петар, а неговото обраќање го пренесуваме во целост:

Драги браќа и сестри, добар ден! На овој празничен понеделник, наречен „Ангелов понеделник“, литургијата повторно потсетува на прогласот на Воскресението од вчера: „Христос воскресна, алилуја!“ Во денешниот дел од Евангелието, можеме да го слушнеме одекот на зборовите кој небесниот гласник го упатил на жените кај гробот: „Отидете бргу и кажете им на учениците Негови, дека Он воскресна од мртвите“ (Мт 28, 7) Чувствуваме како и на нас исто така да е упатен истиот повик за „брзо делување“ да „отидеме“ и да направиме да ја дознаат сите луѓе од нашето време пораката на надежта. Од зората на третиот ден, распнатиот Исус станал; последниот збор повеќе го нема смртта, туку животот! И тoа е нашата сигурност: последниот збор го нема повеќе гробот, ниту смртта, туку животот. Заради тоа толку повторуваме: Христос воскресна. Затоа што во Него гробот е поразен и роден е животот!

Врз основа на тој настан, кој е вистинска новост во историјата и вселената, повикани сме преку Духот да станеме и да бидеме нови луѓе, луѓе на воскресението и животот, потврдувајќи ја вредноста на животот. Веќе тоа е почеток на воскресението! Ќе бидеме луѓе на воскресението, ако – среде променливоста која го погодува светот – среде световноста која оддалечува од Бог – да правиме дела на солидарноста и прифаќањето; ако ја храниме универзалната желба за мир и стремеж за животна средина ослободена од деградација. Станува збор за вообичаени човечки знаци, но кои – вдахнати и поддржани со верата во воскреснатиот Господ – може да се постигне ефикасност и над нашите способности. Да, и тоа е така затоа што Христос е жив и активен во историјата преку Светиот Дух: надоместувањето на нашата беда, допира до секое човечко срце и пружи надеж на секому кој е угнетуван и страда.

Дева Марија, тивкиот сведок на смртта и воскресението на својот Син Исус, нека ни помогне да бидеме јасни знаци на воскреснатиот Христос среде светските случувања, така што тие кои се во неволја и тешкотии, не останат жртви на песимизмот, поразот и резигнацијата, туку во нас да пронајдат многу браќа и сестри кои им пружат поддршка и утеха. Нека Мајка ни помогне цврсто да веруваме во Исусовото воскресение. Исус воскресна и живее меѓу нас и тоа е прекрасно таинство на спасението и во неговата способност да се преобрази срцето и животот. А за христијанските заедници, прогонетите и угнетувани во многу делови во светот – оние повиканите на тешко и храбро сведочење – посебно нека се заземат. А сега, во светлото и радоста на Воскресението, да ѝ се обратиме со молитва која преку педесет дена – сѐ до Духови – го зазема местото на Ангел Господов.

После Царице небесна

Драги браќа и сестри, во духот на Велигден кој се одбележува овој ден, од срце ве поздравувам сите вас, семејствата, парохиските задници, здруженијата и поединечните ходочасници, од Италија и од целиот свет. На секому од вас му посакувам овие денови на воскресната осмина – во која се протега радоста на Христовото воскресение – да помине во мир. Искористете ја секоја добра прилика за да бидеме сведоци на мирот на воскреснатиот Христос. На сите вас среќен и благословен Велигден! Ве молам да не заборавите да се молите за мене.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.