Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ПАПА \ Генерална аудиенција

Папата: Бог го познава секој од нас по име

Папата Фрањо ги поздравува верниците за време на Генералната аудиенција во среда - AFP

18/05/2017 17:36

Постои Бог Кој ни е блиску, кој нѐ вика по име и ни зборува: „Стани, престани да плачеш, затоа што дојдов да те ослободам!“ – истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција на 17 мај 2017 година.

Светиот Отец продолжи со серијата катехези за христијанската надеж. Оваа среда размислуваше за примерот на света Марија Магдалена, „апостолка“ на христијанската надеж.

Папата потсети дека Евангелието според Иван ни сведочи како Марија Магдалена била првата на која ѝ се објавува воскреснатиот Господ. Таа, исто така станува „апостолка“ на новата и најголема надеж – воскресението. Светиот Отец рече дека нејзината посета на Исусовиот гроб на воскресното утро ја одразува верноста на многу жени кои ги посетуваат гробовите во знак на сеќавање на своите најмили.

Гледајќи празен гроб, Марија заклучува дека некој го земал телото Господово и разочарана се враќа на местото каде се сокривале учениците. Ги известува дека непозната личност го украла Исусовото тело додека целиот Ерусалим спиел. Таа подоцна повторно оди на гробот, страдајќи притоа двојно: заради Исусовата смрт како и заради необјаснетото исчезнување на Господовото тело. Но, Бог ја изненадува на неочекуван начин – рече Папата.

Марија стоела до гробот расплакана и во тој момент на жалост не можела да го препознае Исус: мислела дека станува збор за градинарот. Дури кога Исус ѝ се обраќа со нејзиното име, сфаќа дека пред неа е Господ, „дека е жив.“ Првата објава на Воскреснатиот е исклучиво лична – истакна папата Фрањо – тоа ни покажува дека станува збор за Бог Кој нѐ познава, Кој ги гледа нашите страдања и разочарувања, кој се сочувствува со нас, Кој нѐ нарекува со нашето име. Станува збор за закон кој го наоѓаме на многу места во Евангелијата – рече Светиот Отец. Секој човек е приказна на љубовта, која Бог ја пишува на земјата. Секој од нас ја раскажува Божјата љубов. Секој од нас Бог го вика со неговото име: нѐ познава по име, нѐ гледа, нѐ чека, ни простува, има трпение со нас – рече Папата.

Исус ја вика по име: „Марија“ – рече Светиот Отец. Револуцијата на нејзиниот живот, револуцијата која ја преобразува егзистенцијата на секој човек, започнува со името кое одекнува во градината на празниот гроб. Евангелието ни ја опишува радоста на Марија: Исусовото воскресение не е радост која се дава „во лажичка“, туку „водопад“ кој го зафаќа целиот наш живот. Папата Фрањо повика да размислуваме за следното: и покрај сите разочарувања и порази во нашиот живот, постои Бог Кој ни е близу, кој нѐ вика по име и ни зборува: „Стани, престани да плачеш, затоа што дојдов да те ослободам!“

Воскреснатиот Господ ѝ зборува на Марија Магдалена да не се задржува со Него, туку да оди и на другите да им ја навести радосната вест за неговото воскресение – рече Папата. Таа со тоа станува „апостолка“ на новата и најголема надеж. Нејзиниот живот се променува затоа што го видела Господ. Нека нејзиното застапништво ни помогне да го живееме тоа искуство; во часот на тага и напуштеност да го слушнеме воскреснатиот Исус кој нѐ вика по име и со срце полно со радост да навестиме: „Го видов Господ!“ Го променив својот живот затоа што го видов Господ! Поразличен сум од порано, друг човек. Се променив затоа што го видов Господ!“ Тоа е нашата сила и надеж – заврши Светиот тец.

РВ/к.мк

18/05/2017 17:36