Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ПАПА \ Говори - Хомилии

Папата до монахињите: Бидете послушни на Светиот Дух

Папата Фрањо со Малите сестри мисионерки на љубовта; Ватикан 26 мај 2017 година

30/05/2017 16:10

Примајќи ги Малите сестри мисионерки на љубовта, монахињите од конгрегацијата која ја основал дон Орионе, Папата ја истакна важноста на нивниот двоен повик за служење на сиромашните и болните во посланието за евангелизација.

Бидете мисионерки без граници, слободни и послушни на Светиот Дух, имајќи ја во срцето радоста на евангелизацијата – е поттикот на папата Фрањо кој го упати до малите сестри мисионерки на љубовта, монахињи од конгрегацијата која ја основал дон Орионе, а кои ги прими во аудиенција на 26 мај 2017 година, по повод нивниот Генерален капитул.

Во името на Црквата и бројните сиромашни, и телесно и психички болните луѓе, ви се заблагодарувам за вашата работа – се првите зборови со кои Папата им се обрати на монахињите, потсетувајќи на училиштата, домовите за стари лица, ораториумите и прифатилиштата во кои работите со двоен повик: да се евангелизира и да се служи.

Бидете мисионерки без граници носејќи ја во срцето Христовата радост

Затоа Светиот Отец ги поттикна да бидат мисионерки без граници. Носете ја на сите, а посебно на сиромашните, во кои сте повикани да го препознаете Христовото тело, радоста на Евангелието, која е самиот Исус. Исполнете го со таа убавина срцето на секој човек кој ќе го сретнете. Нека близината, средбата, дијалогот и придружбата бидат вашата мисионерска метода. И не дозволувајте да ви ја киднапираат радоста на евангелизацијата – истакна Папата.

Мисионерки со погледот на Добриот Пастир, Кој не суди, туку е сочувствителен

Посланието и служењето на сиромашните ви помага да ја надминете опасноста од самодоволност; ви дава да ја попримите „динамиката на дарувањето“, излегувањето од себе – рече Папата, а потоа се задржа на тоа каков треба да биде мисионерот. Од мисионерот се бара да биде смел и креативен човек. Не важи комотната мерка „дека секогаш така се правело“... – рече папата Фрањо и препорача: Разгледајте ги повторно своите цели, структури, стил и методи на вашето послание.

Живееме во време во кое треба за сѐ одново да се размислува во светлината на она што од нас го бара Духот. Тоа пак бара посебен поглед на примателот на посланието и на самата реалност; и тоа Исусовиот поглед, кој е поглед на Добар Пастир. Тоа е поглед кој не суди, туку е поглед на близина, длабока вера, почитување и сочувство; тоа е поглед – објасни Папата – кој вас ќе ве направи храбри и креативни во барањето на нови патишта за на сите да им помогнете да дојдат до Радосната вест која е Христос.

Мисионерот е слободен од удобноста, тромавоста и световноста

Од мисионерот исто така се бара да биде слободен човек. Нема никогаш да престанам тоа да го повторувам – истакна папата Фрањо. Мисионерот не може да тргне на пат со срце полно со удобности; или пак празнина, односно тромаво срце, или барајќи нешто што е туѓо на славата Божја, односно световноста. Мисионерот е човек слободен од сите тие синџири и ланци; човек кој живее без ништо, само за Господ и за Неговото Евангелие; мисионерот е човек кој постојано живее на патот на личното преобраќање и постојано работи на пасторално преобраќање. Мисионерот исто така е човек во кој престојува Светиот Дух – рече Папата и ги поттикна монахињите: Бидете и вие во таа смисла послушни, препуштајќи се Духот да ве води и турка напред.

Совршени во милосрдието навестувајте ја прошката на Отецот

Како мисионерки, преку духовноста целосно заснована на Христос, бидете совршени во милосрдието – им рече потоа Папата. Дозволете да ве предизвика крикот за помош во бројни ситуации на болка и страдање. Како пророци на милосрдието навестувајте ја прошката на Отецот и неговата прегратка, изворот на радоста, спокојот и мирот – истакна Папата неведувајќи ги зборовите од булата „Misericordiae Vultus“. Како Марија на патот полни со радост, навестувајте им на денешните мажи и жени дека Бог е љубов и дека може да го исполни со смисла срцето на оние кои го бараат и кои дозволуваат средба со Него – поттикна на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

30/05/2017 16:10