Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ПАПА \ Ангел Господов

Папата: Радоста на Евангелието го исполнува срцето

Папата Фрањо за време на денешниот пладневен наговор, на прозорецот на Апостолската палата (Ватикан, 30.07.2017)

31/07/2017 11:25

За поседување на царството Божјо потребно е трагање и жртва – рече папата Фрањо за време на својот пладневен наговор на 20 јули 2017 година, на плоштадот Свети Петар во Ватикан, осврнувајќи се на денешното Евангелие.

Папата во излагањето се задржа на примерот за сокриеното богатство и скапоцениот бисер. Во првиот случај станува збор за селанец кој случајно на нивата каде што работел, наидува на сокриено богатство. Бидејќи таа нива не била во негова сопственост, требало да ја купи, ако сака да го поседува откриеното богатство. Треба да одлучи и да ризикува сѐ што има, за да не ја загуби ова изворедна можност – рече Светиот Отец.

Во вториот случај, станува збор за трговец со скапоцени бисери кој – како професионален познавач на бисерите – воочил бисер со голема вредност и тој одлучно продава сѐ што има – за да дојде до сопственоста на тој скапоцен бисер – објасни Папата.

Овие сличности покажуваат две карактеристики кои се однесуваат на поседувањето на царството Божјо: трагањето и жртвата. Царството Божјо е понудено на сите, но не ни е изложено на сребрена чинија, туку бара динамизам: барање, одење, делување. Ставот барање е важен услов за наоѓањето. Потребно е срцето да изгорува од желба за скапоеното добро да се постигне, а тоа е царството Божјо кое е во личноста Исус Христос. Тој е сокриената Драгоценост. Тој е скапоцениот Бисер. Тоа е темелното откритие кое на нашиот живот може да му даде одлучен пресврт и да го исполни со смисла – рече папата Фрањо.

Пред неочекуваното откритие и селанецот и трговецот сфаќаат дека се наоѓаат пред единствената прилика која не смеат да ја пропуштат и за која се одлучуваат да продадат сѐ што поседуваат. Проценувањето и сфаќањето на бескрајната вредност на богатството, води кон одлука која подразбира и жртва, односно одделување и откажување.

Кога драгоценоста и бисерот се откриени, односно кога сме го пронашле Господ, не е соодветно тоа откритие да остане бесплодно, туку на тоа да се подредиме и да ја жртвуваме секоја друга работа. Не се работи за тоа сѐ останато да се обезвредни, туку да се подреди на Исус, Тој да биде на прво место. Христовиот ученик не е оној кој поседува нешто важно, туку оној кој пронашол многу повеќе: ја пронашол полнотата на радоста која само Господ може да ја даде.

Тоа е евангелската радост, оздравувањето на болниот; на грешникот на кој му е простено; на разбојникот на кој му се отвора рајската врата. Радоста на Евангелието го исполнува срцето и целото битие на оние кои го среќаваат Исус. Тие кои дозволуваат Тој да ги спаси, се слободни од гревот, жалоста, празната внатрешност и изолацијата. Со Исус Христос секогаш одново се раѓа радоста – рече Светиот Отец.

Денес сме поттикнати да контемплираме за радоста на селанецот и трговецот од параболата. Тоа е радост за секој од нас кога ја откриваме близината и утешителното присуство на Исус во својот живот. Присуство кое го менува срцето и нѐ отвора за потребите и прифаќањето на браќата – посебно оние најслабите – објасни папата Фрањо.

Да молиме за застапувањето на Дева Марија за секој од нас да знае да ја сведочи со зборови и секојдневни дела, радоста заради пронаоѓањето на Богатството - царството Божјо; односно љубовта која Отецот ни ја дарува преку Исус – поттикна папата Фрањо.

РВ/к.мк

31/07/2017 11:25