2017-07-31 11:27:00

Една година од Светскиот ден на млади во Краков


Минатата година во ова време во Краков се одржа XXXI Светски ден на млади на тема „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“ (Мт 5, 7).

Исус навива за вас, секогаш. Исус ве подигнува секој пат кога ќе паднете, и ве сака и покрај вашите слабости. Со Него можете да го промените светот – таа пораката папата Фрањо ја остави на големото мноштво млади, кои, според податоците на организаторите, беа повеќе од 1,6 милиони, а кои на 31 јули минатата година се собраа на просторот недалеку од Краков, наречен Кампус Мисерикордија, заради учество на завршната света Литургија за XXXI Светски ден на млади.

Тоа беше посебен Светски ден на млади, кој започна на 26 јули, а водечко начело беше темата „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“ (Мт 5, 7). Светскиот ден на млади е славен во текот на Јубилејот на милосрдието, и во градот чиј надбискуп беше свети Иван Павле II кои искрено сакаше некој настан посветен само на младите, и така во далечната 1985 година го воспостави Светскиот ден на млади. После тоа, прв пат е прославен во 1986 година во Рим.

Во Краков „Милосрдното срце“ беше во центарот на првата средба на папата Фрањо со младите. Милосрдното срце – објасни Папата – знае да биде засолниште за оној кој никогаш немал дом, или го загубил; знае од некои средини да направи гостољубив дом и семејство за оние кои се принудени да мигрираат, и е способно за нежност и сочувство. Милосрдното срце знае да го подели лебот со оној кој е гладен; милосрдното срце се отвора за да ги прими бегалците и мигрантите – рече папата Фрањо на собраното мноштво млади.

Сигурно, еден од најтрогателните моменти во тие денови беше посетата на папата Фрањо на концетрационите логори Аушвиц и Биркенау, каде немаше зборови, туку само тишина, уште повеќе жива болка. Невозможно е да се заборават некои сцени од таа посета, како трогателната прегратка со десетте луѓе кои го преживеале холокаустот; долгите тивки молитви во т.н. „ќелија на гладот“ во која свети Максимилијан Колбе го жртвувал својот живот за да спаси од смрт друг недолжен човек; или пак 130 псалм, „De profundis“, кој во Биркенау го запеа главниот полски рабин, и завршната средба со 25 „праведници меѓу народите“, односно жени и мажи кои му се спротивставиле на злото, и спасувале Евреи ставајќи го во опасност сопствениот живот.

А едно од најважните места на тој Светски ден на млади беше светилиштето на Божјото милосрдие во кое почиваат земните остатоци на света Фаустина Ковалска, полска мистичара која ја ширела побожноста кон Милосрдниот Исус и која со свети Иван Павле II е заштитничка на Светскиот ден на млади во Краков. Токму од тоа светилиште папата Фрањо во еден директен телевизиски пренос, одговарајќи на прашања на неколкумина момчиња и девојки, ги поттикна сите млади да бидат градители на мостови на мирот.

Мирот гради мостови, а омразата е градителка на ѕидови – објасни Папата. Ти треба да избереш во животот: или ќе правиш мостови или ѕидови. Ѕидовите разделуваат и така расте омразата... Мостовите обединуваат – рече Папата и додаде: Кога ќе ја стиснеш раката на пријателот, на некој човек, создаваш човечки мост. Напротив кога ќе го удриш другиот, кога ќе го навредиш, градиш ѕид. Јас сакам да видам многу човечки мостови. Таа е програмата на животот: да се прават мостови, човечки мостови – истакна папата Фрањо.

Потсетуваме на крајот дека младите следниот пат ќе се сретнат во Панама, од 22 до 27 јануари 2019 година, а темата на тој Светски ден на млади ќе биде мислата од Евангелието според Лука: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.