2017-08-11 12:00:00

Да го слушаме Исусовиот глас во срцето


Кога ќе нѐ снајде нешто заради кое трпиме, да го послушаме Исусовиот глас во срцето: „Не плаши се! Не плаши, само напред! Јас сум со тебе!“ – напиша папата Фрањо во својата порака на Твитер која ја објави на празникот на света Клара Асишка, 11 август 2017 година.

За Исус да биде во центарот на животот на човекот, живот кој преку соединувањето со Христос Господ е отворен кон другите и на посебен начин има удел во страдањето на другите. Таа мисла потсетува на она што на 4 октомври 2013 година го кажа на кларисите за време на средбата во базиликата Света Клара во Асизи.

Во таа прилика Светиот Отец истакна дека многумина не го сфаќаат животот на клаузурните сестри. Луѓето обично мислат дека монахињите се осамени, сами со Бог, дека само прават покора – рече Папата напоменувајќи дека тоа не е патот на монахињите, ниту на клаузурните сестри. Патот секогаш поминува низ Христос. Христос е во ценатрот на нивниот живот, покората и заедничкото живеење, личните и заедничките молитви. Христос е секогаш пат.

Исто така рече дека клаузурните сестри се повикани да ја негуваат големата хуманост на Црквата, да ги разбираат луѓето и нивните проблеми, да простуваат и на Бог да ги препорачуваат луѓето. А кој е знакот на нивната хуманост? – праша тогаш Папата и одговори? Тоа е нивната радост! Токму од таа причина рече дека е тажен кога ќе види нерасположени монахињи, кога се принудени да се смеат, затоа што тоа не е внатрешна насмевка, тоа не е Христова радост. Монахињите се како Црквата, искусни во хуманоста, а мајки во молитвата. Црквата сака да бидете мајки, да дарувате живот. Кога молете за свештениците или семинаристите, вие мајчински сте поврзани со нив. Со молитвата им помагате да станат добри пастири на Божјиот народ – рече Светиот Отец.

Папата ги повика да негуваат меѓусебно пријателство, живот како во семејството, взаемна љубов. Нека манастирот биде семејство, а не чистилиште. Има проблеми и ќе има, но со љубов сѐ може да се реши. Треба да се гради заеднички живот, затоа што ако животот во заедницата е како животот во семејството, тогаш Светиот Дух е во заедницата – заврши папата Фрањо.

На крајот додаваме дека света Клара е родена во 1193 година во благородничко семејство, во италијанскиот град Асизи. Ја привлекува науката на свети Фрањо Асишки и се придружува на бенедектинките, но набрзо заедно со свети Фрањо го основа Вториот фрањевски ред, по неа наречен клариси. Станува збор за контемплативен ред, а сестрите клариси го поминуваат животот во посветување на Бог преку молитвата и работата внатре во заедницата, живеејќи исклучиво од Божјата провидност. Во светот денес има околу 20.000 клариси. Света Клара умира на 11 август 1253 година, а две години подоцна папата Александар IV ја прогласува за света.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.