Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ПАПА \ Ангел Господов

Папата: Да го слушаме Господ, а не хороскопи и гатачи

Папата Фрањо на прозорецот на Апостолската палата, од каде што ја предводеше молитвата Ангел Господов; 13 август 2017 година

14/08/2017 10:22

Гаранцијата против бродоломот, за Црквата е верата во Христос, а не способноста на нејзините луѓе. Верата не е излез за бегство од животните проблемите, туку поддршка на патот – истакна папата Фрањо во пладневниот наговор пред молитвата Ангел Господов, на 13 август 2017 година.

Станува збор за настанот кога Исус оди по морето, одејќи кон коработ во кој биле неговите ученици. Коработ среде морето оддеднаш го погодува спротивен ветер, а учениците здогледувајќи го Исуса како оди по морето, се исплашиле помислувајќи дека е привидение. Но, Тој веднаш ги охрабрил: „Храбро само! Јас сум! Не плашете се!“ Тогаш и Петар посакал да дојде до Исус по водата, но во моментот кога се исплашил од ветрот започнал да тоне повикувајќи Го Исуса: „Господи, спаси ме!“

Ова е настан – рече папата Фрањо – кој нѐ поттикнува да размислиме за својата вера и како поединци, и како црковна заедница, а и за верата на сите присутни денес на плоштадот Свети Петар. Коработ е животот на секој од нас, но и животот на Црквата која се соочува со тешкотии и искушенија. Така – според зборовите на Папата – повикот на Петар: „Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе по водата!“ и неговиот крик: „Господи, спаси ме!“ се слични на нашата желба да ја почувствуваме Господовата близина, но и стравот и вознемиреноста кои нѐ следат во најтешките моменти од нашиот живот, како и животот на нашата заедница, обележан со внатрешни слабости и надворешни тешкотии.

На Петар не му биле доволни, сигурните Исусови зборови, кои биле како јажето за кое можел да се фати, а тоа може да ни се случи и на нас – рече Папата. Кога не се фаќаме за Господовото Слово, туку за да имаме поголема сигурност, бараме хороскопи и гатачи, започнуваме да тонеме. Верата во Господ и во неговите зборови не значи да имаш лесен и мирен живот, туку верата ни дава сигурност во едно Присуство, во присуството на Исус кој нѐ поттикнува да ги пребродиме животните бури; таа е сигурноста на рацете кои нѐ фаќаат за да ни помогнат да се соочиме со тешкотиите, покажувајќи ни го патот и кога е мрачно – истакна папата Фрањо.

Тој настан е прекрасен приказ на реалноста на Црквата во сите времиња – рече Светиот Отец и објасни: Таа е кораб која на својот пат треба да се соочи со спротивните ветрови и бури. Но, она што ја спасува не се храброста и квалитетите на нејзините луѓе; гаранцијата против бродоломот е верата во Христос и Неговото Слово – истакна Папата. Во тој кораб сме сигурни – додава – и покрај нашите неволји и слабости, и тоа посебно кога на колена Му кажуваме на Господ: „Навистина, Ти си Син Божји!“ Колку е убаво тоа да Му го кажеме на Исус – истакна папата Фрањо и ги повика присутните верници сите заедно тоа гласно да го повторат. На крајот ја замоли Дева Марија да ни помогне да останеме во коработ на Црквата, избегнувајќи ги искушенијата да се качиме на восхитувачкиот, но несигурен кораб на идеологијата, модата и празните зборови.

РВ/к.мк

14/08/2017 10:22