2017-11-03 11:04:00

Папата: Драги пријатели, на светот му требаат светци


Драги пријатели, на светот му требаат светци и сите ние, без исклучок сме повикани на светост. Не плашете се! – поттикна папата Фрањо во својата порака која ја објави на својот профил на Твитер на 1 ноември 2017 година, по повод празникот Сите Светии.

Папата мислата за општиот повик на светост ја истакнува многу пати за време на својот понтификат, па така на денешен ден пред четири години пред молитвата Ангел Господов нагласи дека секој може да стане свет, бидејќи светоста не е привилегија за неколку, туку повик до сите, додавајќи дека сме повикани да одиме по патот на светоста, а тој пат има име и лице: Исус Христос.

Во таа прилика истакна дека празникот Сите Светии порачува дека целта на нашето постоење не е смртта, туку рајот, а светците како пријатели Божји сведочат дека тоа ветување ќе биде исполнето. Пораката на светците е да имаме доверба во Господ бидејќи нема да нѐ изневери – истакна Светиот Отец, додавајќи дека светците со својот пример нѐ охрабруваат без страв да ја навестуваме христијанската порака.

Зборувајќи на 13 април 2011 година за време на Генералната аудиенција за тоа што значи да се биде свет и кој е повикан на светост, почесниот папа Бенедикт XVI, рече дека светоста, полнотата на христијанскиот живот не се состои во тоа да се прават изворедни работи, туку во тоа да се соединиме со Христос, да го живееме неговото таинство, да го усвоиме неговото однесување, неговите мисли, неговото владеење. Мерката за светост е возраста која Христос ја постигнал во нас, колку, со силата на Светиот Дух, сме го обликувале целиот свој живот според неговиот. Тоа значи да бидеме сообразени со Христос, како што вели свети Павле: „оти оние, кои ги позна порано, нив и ги определи да бидат слични по образот на Неговиот Син“ (Рим 8, 29). А свети Августин воскликнува: „Животот мој ќе биде жив, целиот полн со тебе“ (Исповеди 10, 28)

Претходникот на папата Фрањо потоа го сврте вниманието на Вториот ватикански собор кој во догматската конституција за Црквата јасно зборува за општиот повик на светост, тврдејќи дека никој од тоа не е исклучен: „Оние кои ги води Духот Божји развиваат една светост на различни начини и должности во животот; слушајќи го гласот на Отецот и поклонувајќи се на Бог Отецот во духот и вистината, тие го наследуваат сиромашниот и понизен Христос за да бидат вредни учесници во неговата слава. Секој поединец, треба во согласност со сопствените дарови и задачи без двоумење да оди напред на патот на живата вера кој ја пробудува надежта и делува според љубовта.“ (Lumen Gentium 41)

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.