Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ЦРКВА \ Во Македонија

Кардиналот Пуљиќ разговараше со верниците

Вечер со кардиналот - RV

22/11/2017 10:40

Во сабота 18 ноември 2017 година после светата Литургија, која се служеше во вечерните часови, а по повод повеќедневната пасторална посета на Црквата во Македонија, следуваше „Вечер со Кардиналот“, на која кардинал Пуљиќ беше отворен за прашања од присутните верниците.

Во воведниот поздрав дон Давор го сподели сведоштвото од личниот живот, за својата изненадна одлука по кратката прошетка и разговорот со кардиналот наместо да стане свештеник на Сплитско-макарската стана на Врхобосанската надбискупија. Следуваше дијалог со кардиналот, моменти на заедништво во кои кардиналот ги даруваше деталите од своето богато животно искуство, испреплетени со народна мудрост и пред сѐ искрена љубов и татковска отвореност.

На прашање на младите да им упати збор за охрабрување и надеж со кој би можеле да посведочат меѓу своите врсници кои денес се притиснати од разните стравови: невработеноста, бегството од одговорност, кариерата како примарна вредност, исмејувањето, кардиналот без двоумење одговори: Премногу малку ве воспитувале за да се носите со предизвиците на животот. Нема успех без страдање, без жртва. Во времето кога бев ученик, одењето на полноќна света Литургија беше забрането. Кога наредниот ден директорот ќе прашаше кој бил, храбро станував, но стануваат со мене и сите мои колеги, и муслиманите и православните, сакајќи да бидат солидарни со мене затоа што не се плашеа од казна. Прекрасна работа: чуството на солидарност. Треба да се биде сведок на својата вера. Една мајка пред смртта на својата ќерка ѝ вели: Ќерко моја не ти оставам многу, но никогаш не се срами од Исус. Така и вие: Никогаш не се срамете од Исус. Некои мислат дека тоа е екуменизам, дијалог, ако се откажат од своето, така ќе се приближат на другите. Не, треба да бидам тоа што сум и да го почитувам другиот. Треба да бидам слободен човек и да ги живеам своите уверувања.

Во овие наши млади демократии сѐ уште не е изградено владеењето на правото, постојат многу закони, но не са така еднакви за сите. Ова го зборувам за БиХ затоа што не ја познавам толку Македонија. Често пати законите не штитат, туку понекогаш законите фаворизираат. Но, ова е нашето време, наша земја и мора да имам храброст да живеам во тоа време и да ја сакам својата земја. Еднаш младите ме прашаа: Како тоа денес да нема толку радост? Нашите стари раскажуваат дека некогаш немало ниту леб, ниту облека, а се пеело на сите страни. А јас им одговорив: Кој не знае да се жртвува, тој не знаа ниту да се радува. Тоа е важен факт: да бидеш подготвен да се жртвуваш за тоа што го сакаш и за она за што се исплаќа да се жртвуваш.

Што би направил да сум на вашето место, ме прашувате? Би се борел, како што тоа го правев од најраните денови. Јас сум роден 1945 година, како 12 дете во семејството, тоа требаше да се нахрани и да се облече, меѓутоа јас се радував затоа што ја имав семејната радост. Подоцна студент, богослов, посебно кога бев свештеник поминував низ разни искушенија, но си реков: ова е мојот живот, сакам да го живеам уште повеќе, потоа кога станав бискуп, дојде демократијата, и многу сонувавме за тоа, но со војната многу брзо соништата се срушија, четири години живеев во куќа без кров, без струја, без вода, без прозорци, без греење... но кај своите сум и на своето сум. Затоа вам драги млади ви зборувам: НЕ ПЛАШЕТЕ СЕ ОД ЖИВОТОТ! Не верувајте на сѐ... Ако во својот живот ја внесете довербата во Бог, вие тогаш сте способни да го менувате светот. Како капката на света Мајка Тереза...

На прашање на брачен пар за упориштита за добро воспитание, кардиналот нагласи...

Ќе започнам малку од далеку. За секое звање треба да се има некое образование, треба да се подготвиш. Најсвето знаење е, две најсвети звања се: брачното и свештеничкото. За брак луѓето премногу малку се подготвуваат. Во својата бискупија основав центар каде именував психолог, лекар, правник, свештеник... за подготовка за брак, за да не влезат во брачните води неподготвени. Кардиналот наведе многу конкретни упатства за сопружниците:

За брак е важно двајцата да се запознаат. Подготовката за брак е премногу важна. Не е готово кога ќе влезат во брак, тогаш само што почнува.

Не можете да не доживеете несогласувања, ќе има искри. Но, Светото Писмо вели: Сонцето да не ве зајде со вашиот гнев.“ Не дозволувајте лутината да ги труе вашите животи.

Не дозволувајте да се карате пред децата. Треба да го гасете огнот... Кога во срцето гори, во главата чади, а јазикот работи без умот. Никогаш не се навредувајте. Навредувањето остава рани.

А како да ги воспитувате децата? Се прашувате што кардиналот може да каже за тоа кога нема деца. Ќе ви раскажам нешто од моето детство. Секоја вечер после семејната молитва, разговаравме. Таткото слушаше, не зборуваше, ние раскажувавме за себе, таткото сѐ примаше, веднаш ни беше полесно. Тоа им помага на децата да растат, кога пред родителите сме раскажале за себе. Денес со сите овие средства многу малку се слушаме со срцето, а верата се пренесува со срцето. Не треба толку да се зборува, Бог ќе го прочитат од неговите очи, важно е децата тоа да го доживеат, за нив е свето тоа што родителите им го сведочат. Да слушаш не значи да одобруваш сѐ. Но, поважно е да уверуваш, отколку да казнуваш. Кога казнуваме себе се лекуваме, а не детето. Можеш да го казниш кога ќе го увериш дека направил нешто погрешно. Секогаш сум му благодарен за искуството со татко ми кога ме казнувал.

Брачен пар кој ова година одбележува 50 годишнина од бракот, се сретнал низ сите тие години и со многу крстови, но благодарни се на Бог за сѐ, трогнати се сеќаваат на монс. Чекада покојниот епископ претходник на кардиналот Пулиќ, а кој го обележал нивното детство. Свесни дека времињата се промениле, но „им изгледа дека верата не се живее како што некогаш се живеела.“ Мешовити бракови, напаѓање на бракот, отфрлањето на старите и прашањето како културата на смртта се спротивставува на културата на животот.

Им го честитам јубилејот, убаво е кога Бог ќе даде да се доживеат 50 години заедно. Вистина е што кажувате: не е исто како кога сме биле деца, поинаку е. Но, ова е наше време и се прашуваме како да живееме кога сме малку, нѐ нема. Исус го охрабрува малото стадо со параболата: „Вие сте сол на земјата. Кога домакинките подготвуваат храна, ставаат малку сол... како мала заедница мораме да бидеме сол на земјата, не треба да се откажеме.

Меѓутоа во право сте денес постои страв од животот, јас се восхитувам на семејствата кои не се плашеле од животот. Потребно е да се отстрани стравот од животот, тоа е менталитетот на јавното мислење. Им честитам на родителите кои не се плашат од животот. Треба да се продлабочи вредноста на животот: животот е вреден. Денес премногу малку се вреднува мајчинството. Еден свет човек вели: општеството паѓа или расте со достоинството на жената. Во името на демократијата го отфрливме достоинството на жената, потребно е да се врати вреднувањето на мајката затоа што таа е мајка на живите, потребно е да се внесе во општеството тоа вреднување на мајчинството, семејството и довербата во Бог да го отстрани стравот. Чудна клима се создаде во општеството: повеќе се бориме за животните отколку за човекот. Ако денес донесеме закон дека смее да се убие дете пред раѓањето, тогаш не е чудо, да се убиваат стари луѓе, како што тоа фино се нарекува евтаназија. Мораме да го вратиме почитувањето на човекот во целост. Колку е убаво да имаш во семејството дедо и баба кои ја пренесуваат убавината на верата! Папата Фрањо се сеќава колку нему баба му значела. Треба да се врати достоинството на човекот од зачнувањето сѐ до смртта.

Еден верник ја посведочи радоста која ја доживува на секоја средба со кардиналот, а ги имало повеќе и во разни пригоди: „Тоа секогаш е благослов за мене.“

Вечер со кардиналот заврши со незаобиколното прашање на најмладите: „А зошто кардиналот дојде?“ Срдечниот одговор на кардиналот ја даде сета татковска грижа и нежност: „Дојдов за да ве видам, да ви кажам дека не сте сами и да ве охрабрам со Словото Божјо!“

к.мк

22/11/2017 10:40