Cоцијални мрежи:

RSS:

Радио Ватикан

Гласот на Папата и Црквата во дијалог со светот

jазик:

ПАПА \ Генерална аудиенција

Неделната света Литургија е центарот на христијанскиот живот

Папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција (Ватикан, 13.12.2017) - REUTERS

15/12/2017 13:13

Продолжуваме со катехезите за светата Литургија, а денес се прашуваме: Зошто да одам во недела на света Литургија? – рече папата Фрањо на почетокот на Генералната аудиенција во средата, на 13 декември 2017 година одржана во салата Павле VI, во Ватикан.

Продолжуваме со катехезите за светата Литургија и денес се прашуваме: Зошто да одам во недела на света Литургија? – рече папата Фрањо на почетокот на Генералната аудиенција во средата, на 13 декември 2017 година одржана во салата Павле VI, во Ватикан и продолжи: Неделното славење на светата Евхаристија е во центарот на животот на Црквата. Како христијани, одиме на света Литургија во недела за да се сретнеме со Господ воскреснатиот, или подобро кажано, да Му дозволиме да нè сретне, да го слушаме Неговото Слово, да се нахраниме на Неговата трпеза и така да станеме Црква, односно неговото мистично Тело кое денес живее во светот.

Тоа го сфатиле Исусовите ученици од самиот почеток – потсети Папата и објасни – тие ја славеле евхаристиската средба со Господ оној ден во неделата кој Евреите го нарекувале „првиот во неделата“, а Римјаните „денот на сонцето“, затоа што тој ден Исус станува од мртвите и се објавува на своите ученици, разговарајќи со нив, јадејќи со нив, давајќи им го Светиот Дух. Големото излевање на Духот на Педесетница исто така се случило во недела, педесетиот ден после Исусовото воскресение. Заради тие причини, неделата за нас е свет ден, посветен на евхаристиското славење, живото присуство Господово меѓу нас и за нас. Тоа е светата Литургија, која неделата ја прави христијанска! Каква е таа недела за христијанинот во која нема средба со Господ?

Постојат христијански заедници кои за жал не можат да се радуваат на светата Литургија секоја недела – рече Светиот Отец и додаде – тие се сепак на тој свет ден повикани да се соберат на молитва во името Господово, слушајќи го Словото Божјо и одржувајќи ја жива желбата за Евхаристија.

Некои световни општества ја загубиле христијанската смисла на неделата осветлена со Евхаристијата – рече папата Фрањо и нагласи – во тие прилики потребно е да се обнови таа свест за да се обнови смислата на славењето, радоста, парохиските заедници, солидарноста, одморот, кои ги крепат душата и телото. На сите тие вредности нè учи Евхаристијата, недела по недела. Заради тоа Вториот ватикански собор сака да нагласи дека „неделата е првобитниот празник кој мора да биде предложен и всаден во побожноста на верниците така што да стане всушност ден на радоста и неработен ден.“

Неделата како неработен ден не постоела во првите векови – рече Папата и нагласи – тоа е посебен придонес на христијанството. Според библиската традиција Евреите се одморале во сабота, додека во римското општество не постоело неработен ден во неделата. Таа христијанска смисла била поттикната со Евхаристијата за да се живее како синови, а не како робови, за неделата да стане речиси општ ден за одмор.

Без Христос – предупреди Светиот Отец – осудени сме на умор во секојдневниот живот, со своите грижи и стравови за утре. Неделната средба со Господ ни дава сила да живееме денес со доверба и храброст и да одиме напред со надеж. Затоа ние христијаните одиме во недела за да се сретнеме со Господ во евхаристиското славење.

Евхаристиското заедништво со Исус, воскреснат и жив засекогаш – рече папата Фрањо претходи на неделата која никогаш не престанува, кога повеќе нема да има потешкотии, ниту болки, ниту несреќа, ниту солзи, туку само радост дека живееме целосно и засекогаш со Господ. За тој блажен одмор ни зборува исто така неделната света Литургија, нè поучува во текот на неделата да се довиреме во рацете на Отецот кој е на небесата.

Што можеме да им кажеме на оние кои велат дека нема потреба да се оди на света Литургија, дури ниту во недела затоа што е важно да се живее добро и да се љуби ближниот – праша Папата и одговори – вистина е дека квалитетот на христијанскиот живот се мери со способноста за љубов, како што Исус рекол: „По ова ќе ве познаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“, но како можеме да го живееме Евангелието без извлекувањето сила која е потребна за тоа да го правиме, недела по недела, од неисцрпниот извор Евхаристијата? Не одиме на света Литургија за да му дадеме нешто на Бог, туку да го примиме од Него она што навистина ни треба – нагласи Светиот Отец и додаде – на тоа нè потсетува молитвата на Црква, која така се обраќа на Бог: „На Тебе не ти се потребни нашите пофалби, но заради дарот на твојата љубов нè повикуваш да ти се заблагодаруваме; нашите пофалби не ја зголемуваат твојата величина, туку за нас прибавуваме милост која нè спасува.

Зошто во недела да одиме на света Литургија – го повтори прашањето папата Фрањо. Не е доволно да се одговори дека тоа е заповед на Црквата; тоа ни помага да ги сочуваме нејзините вредности, но само тоа не е доволно. Ние христијаните треба да учествуваме на неделната света Литургија, затоа што само преку милоста Исусова, со Неговото живо присуство во нас и меѓу нас можеме да ја спроведеме во пракса Неговата заповед и така да бидеме Негови доверливи сведоци.

РВ/к.мк

15/12/2017 13:13